Македонија
Македонска делегација во посета на македонските мировници во Авганистан

Македонска делегација предводена од министрите за одбрана и за внатрешни работи Зоран Коњановски и Гордана Јанкулоска, придружувани од начaлникот на ГШ на АРМ Мирослав Стојановски денеска и утре ќе престојуваат во Авганистан.
Делегацијата во чиј состав се и членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност Крсте Мукоски, Горан Сугаревски и Бесим Догани, денеска на вториот ден од Велигден ќе биде меѓу војниците на АРМ распоредени во мисијата ИСАФ во Авганистан. Целта на посетата е да се запознаат со ситуацијата во таа земја и со активностите на македонските мировници.Според агендата, македонската делегација за време на дводневниот престој ќе има средби со авганистанскиот министер за одбрана генерал Абдул Рахим Вардак и со командантот на ИСАФ генерал Давид Мек Киернан.Македонија во ИСАФ учествува од август 2002 година. Во моментов има 168 војници и старешини на АРМ распоредни во Кабул и во градовите под Регионалната команда – Север. Во мисијата се една механизирана пешадиска чета од 150 војници одговорни за обезбедување на командата на мисијата во Кабул, тројца штабни офицери и четиричлен медицински тим во болницата на аеродморот во главниот град. Дел од мисијата се и пет лица во состав на мешовитите оперативно-менторски тимови за врски и за обука на Авганистанската национална армија во Мазар – е Шариф и во Кундуз и медицински хируршки тим од шест члена во состав на норвешката болница како поддршка на Провинцискиот тим за реконструкција во Мајманах.Во мисијата ИСАФ учествуваат околу 70.000 војници од 30-тина држави во светот, од кои над половината се американски војници. Спроти претседателските избори во Авганистан закажани за август, НАТО Алијансата најави зајакнување на присуството и безбедноста, а можно е зголемување и на македонскиот контингент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.