Свет
Демонстрации во Либија против отцепувањето на регионот Сиринајка
Илјадници Либијци денеска демонстрираа во двата најголеми градови, Триполи и Бенгази, во протест против племенските лидери на истокот на земјата кои бараат тој дел на земјата да добие полусамостојност.
Илјадници Либијци денеска демонстрираа во двата најголеми градови, Триполи и Бенгази, во протест против племенските лидери на истокот на земјата кои бараат тој дел на земјата да добие полусамостојност.
Демонстрантите извикуваа слогани за единство на земјата и фрлаа со чевли по фотографиите на шефот на регионалниот совет на регионот Сиренајка, Ахмед Зубаир ал-Семуси.
Сиренајка го опфаќа речиси целиот источен дел на Либија долж границата со Египет, од крајбрежниот град Сирт, со Бенгази како главен град на регионот. Токму таму во петокот лидерите на источнолибиските племиња и милиции го објавија барањето за федерализација на земјата. Во Сиринајка се наоѓаат две третини од вкупните резерви на нафта на земјата.
Во интервју за британската ТВ мрежа BBC, Сенуси најави дека е подготвен да преговара со централните власти на Либија за воспоставување на полуавтономен дел на Либија, кој би се нарекувал Сиринајка и кој е пребогат со нафта. Тој истакна дека е решен да се избори за федерализација на земјата, но дека е подготвен за дискусија каква форма би имало осамостојувањето.
Од своја страна, привремениот лидер на земјата Мустафа Абдел Џалил преку националната телевизија предупреди дека единството на земјата ќе биде одбрането и со сила, ако треба.
Демонстрациите беа поттикнати најмногу од верските лидери, кои во петочната молитва ги предупредија верниците дека планот за автономија ќе ја растури државата. На Плоштадот на мачениците во Триполи, каде што се одржаа најголемите демонстрации, луѓето извикуваа „Не на федерализмот“ и „Либија е една“.
Познавачите на состојбите во Либија велат дека декларацијата за полуавтономија има голема поддршка меѓу жителите на Бенгази, кои се незадоволни од бавноста на промените по падот на Моамер Гадафи. Сепак, велат тие, дури и меѓу нив нема целосен консензус. Народот кој живее во Сиринајка, познат како Берка беа особено запоставени во времето на Гадафи, кои целиот развој на земјата го насочи кон западниот дел.
По стекнувањето со независност во 1051 година, трите главни региони на Либија имаа автономен статус, здружени во федерално уредување, се додека тоа не беше целосно отфрлено во 1963 година.
Планот на Регионалниот совет на Сиринајка за автономија предвидува регионален парламент и контрола врз полицијата и судовите, но не бара целосна поделба на земјата. /крај/bbc/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кошта и Лајен: Безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оценија дека безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија и област во која тие се стремат да соработуваат со сојузниците и партнерите.
„Територијалниот интегритет и суверенитет претставуваат основни принципи на меѓународното право. Овие принципи се од суштинско значење не само за Европската Унија, туку и за земјите ширум светот. Ние сме целосно солидарни со Данска и народот на Гренланд“, изјавија Кошта и фон дер Лајен на Икс.
Порано денес, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат територијалниот интегритет на Кралството Данска.
Тој го изјави ова по објавувањето на назначувањето на гувернерот на американската држава Луизијана за специјален пратеник за Гренланд од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп вчера објави дека го назначува гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд, голема полуавтономна данска територија за која претходно рече дека САД треба да ја преземат. Во објавата за назначувањето, Трамп рече дека Ландри разбира колку е неопходен Гренланд за националната безбедност на САД.
Данскиот министер во кратка изјава испратена по е-пошта од неговото Министерство рече дека „назначувањето го потврдува проширениот американски интерес за Гренланд“.
„Сепак, ние инсистираме дека сите, вклучително и САД, мора да покажат почит кон територијалниот интегритет на Кралството Данска“, додаде данскиот министер.
Трамп претходно рече дека Гренланд е клучен за американската безбедност и не ја исклучи можноста за преземање на островот со воена сила, иако Данска е американски сојузник во рамките на НАТО.
Порано овој месец, данската воена разузнавачка служба напиша во годишен извештај дека САД ја користат својата економска моќ за да „ја наметнат својата волја“ и да им се закануваат и на пријателите и на непријателите со воена сила.
Фото: депозитфотос
Свет
Орбан: Унгарските пари не треба да бидат во позлатените тоалети на украинските олигарси
Парите на Унгарците треба да бидат насочени кон развој на Унгарија, а не кон позлатените тоалети на украинските олигарси, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, коментирајќи го доделувањето на заеми од буџетот на Европската Унија за Украина во износ од 90 милијарди евра.
„Местото на унгарските пари е, пред сè, на територијата на унгарските низини, на сообраќајниците со четири ленти, а не во гранатирањето во Донбас или во позлатените тоалети на украинските олигарси“, рече Орбан на свеченото отворање на 34-километарскиот дел од автопатот во централниот дел од земјата.
Според него, унгарската влада не сака да ги насочи своите средства кон Украина за продолжување на воениот конфликт, туку сака да ги потроши дома, за мирновременски цели.
Унгарскиот премиер нагласи дека заемот од 90 милијарди евра што Европската Унија сака да го издвои за Киев од сопствениот буџет ќе значи продолжување на украинскиот конфликт.
„Дури и поддржувачите на заемот за Украина во износ од 90 милијарди евра признаваат дека тој може да не биде вратен. Последицата од овој заем за Европа е намалување на буџетот и траен долг. Ова не е економска политика, туку финансирање на продолжувањето на војната“, изјави тој.
Орбан, исто така, привлече внимание на фактот дека антируските санкции на ЕУ ја уништија самата Европа.
Тој тврди дека санкциите не ја постигнале целта за разбивање на Русија, туку, напротив, ја зголемиле нејзината отпорност, дозволувајќи ѝ да се прилагоди на нив.
Фото: депозитфотос
Свет
Рјабков предупредува: „Директен конфликт меѓу Русија и НАТО би имал катастрофални последици“
Сојузникот на рускиот претседател Владимир Путин, Сергеј Рјабков, предупреди дека Русија и НАТО се доближиле опасно до директен конфликт во 2025 година. Според него, евентуалната војна меѓу нуклеарните сили би имала катастрофални последици.
Како што објави „Newsweek“, Рјабков верува дека одредени потези на Соединетите Американски Држави биле од агресивна природа, а особено истакнува дека таквите акции биле силно поддржани од две европски земји. Тој изјави дека Велика Британија и Франција се меѓу највоинствените членки на НАТО, чии акции, според него, биле особено агресивни.
Зборувајќи за можноста за директна воена конфронтација меѓу нуклеарните сили, Рјабков нагласи дека е речиси непотребно да се нагласува колку катастрофален би бил таков конфликт за целиот свет.
Од друга страна, европските лидери и функционери често предупредуваат на она што го нарекуваат потенцијална закана од Русија. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, постојано ја нагласува важноста на зголемувањето на средствата за одбрана, пишуваат медиумите.
Во интервју за германскиот „Билд“, Руте изјави дека, пред сè, е потребно да се зголемат инвестициите во оружје и производство, како и да се обезбеди Украина да остане што е можно посилна во борбата.
Тој додаде дека целосната руска контрола врз Украина би имала сериозни последици за НАТО и би ја принудила алијансата во иднина да издвои значително поголеми одбранбени ресурси отколку што е моментално договорено.
Фото: депозитфотос

