Свет
Стевче зема хонорарци, а на другите не им дава
Државната ревизија утврдила дека во Министерството за труд и социјална политика работат околу 30 службеници со договор за дело, што е спротивно на работното законодавство
МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД КРШИ ЧЕТИРИ ЗАКОНИ
Државната ревизија утврдила дека во Министерството за труд и социјална политика работат околу 30 службеници со договор за дело, што е спротивно на работното законодавство
Во Министерството за труд и социјална политика работат околу 30 службеници со договор за дело. Ангажираните лица извршуваат административно – технички работи како советници, помошни соработници, референти.
Во извештајот на Државниот ревизор стои дека хонорарците во Министерството се ангажираат во континуитет со години. Тие земаат месечен надоместок од 7.000 – 20.000 денари. За нив во 2005 година Министерството за труд и социјална политика потрошило 2 милиона денари.
"Ангажирањето на надворешни лица на овој начин е спротивно на одредбите од Законот за извршување на буџет, Законот за работни односи, законите за даноци и придонеси од плата, Законот за облигациони односи. Како последица од ова, Министерството незаконски потрошило државни пари", прецизирано е во извештајот на државниот ревизор.
Со договор за дело се ангажираат и негувателки, воспитачки и друг персонал за во градинките. Тие не се ставени во извештајот, зашто нивната работа се евидентира во секоја градинка поединечно.
Трудовата инспекција, која е составен дел на Министерството за труд, секојдневно врши контрола на фирмите и ги лови непријавените работници. Работното законодавство не дозволува вработување со договор за дело. Годишно, според извештаите, инспекторите фаќаат околу 20.000 работници кои работат на диво.
Во ревизорскиот извештај стои дека Министерството за труд има потреба од нови вработувања зашто таму недостигаат околу 100 извршители. "Министерството има добиено согласност од Агенцијата за државни службеници за нови вработувања, меѓутоа, Министерството за финансии нема дадено согласност за потребните средства за пополнување на испразнети работни места", е наведено во извештајот.
Тие му порачале на министерот Стевчо Јакимовски дека треба да го преиспита ангажирањето на надворешни лица, да преземе поактивни мерки за нивно вработување, но и да направи нова систематизација за поефикасно искористување на кадарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

