Свет
Црвенковски не го потпиша спорниот закон
Дипломатите биле фрапирани од упорноста на пратениците
Дипломатите биле фрапирани од упорноста на пратениците
ОЛИВЕРА ВОЈНОВСКА
Шефот на државава, Бранко Црвенковски, не го потпиша указот за прогласување на измените во Кривичниот законик поради контроверзниот амандман со кој се избриша службената одговорност. Одлуката да не го парафира законот, претседателот ја донел откако претходно разговарал со домашни и странски експерти, но и со меѓународните претставници во нашава земја. Дипломатите биле фрапирани од упорноста по секоја цена да се амнестираат политичарите кои ја злоупотребиле службената должност.
Црвенковски во обрзложението вели дека спорната измена на Кривичниот законик фрла сомневање во искрените намери на Владата за лимитирање на дискреционите права на функционерите и борбата против корупцијата. За претседателот, исто така, е нелогично и неразбирливо тоа што парламентот во ист ден прави две контрадикторни измени на Кривичниот законик. Односно, од една страна, ги заострува казните за изборните нерегуларности, а од друга, прави чекор назад во борбата против корупцијата и се декриминализира службената злоупотреба.
Од Кабинетот на Црвенковски велат дека "претседателот пред донесувањето на одлуката направил консултации со домашни правни експерти и со претставници на меѓународната заедница. Сите се шокирани од фактот што во моментот кога од Македонија најмногу се очекува да ја заостри и зголеми ефикасноста на борбата против криминалот и корупцијата, овие напори се опструираат. Тие уште повеќе се изненадени од упорноста да се оствари истата цел по неуспешниот обид за измена на Кривичниот законик за замена на затворската казна до една година со пари".
Во образложението за мотивите за непотпишувањето на законот, кое претседателот му го испратил на спикерот Љупчо Јордановски, меѓу другото, стои: "Причина за ваквата одлука е моето несогласување со членот 15 од донесениот закон со кој се менува членот 353, став 1 од Кривичниот законик каде што е регулирано кривичното дело злоупотреба на службената должност и овластување. Имено, со овој член се менува суштината на кривичното дело злоупотреба на службената должност и се стеснува неговиот обем, со што се декриминализира еден од облиците на ова кривично дело, а тоа е искористувањето на службената должност или овластување. Овој облик на злоупотреба најчесто може да се изврши со користење на т.н. дискрециони овластувања". Црвенковски оценува дека укинувањето на злоупотребата на службената должност и овластување ги поткопува темелите на напорите на Владата за ограничување на дискреционите овластувања и фрла сенка врз искреноста на тие заложби.
Црвенковски во образложението укажува дека дискреционите овластувања се најпогодна почва за криминал и корупција. "А доколку одредени облици на дискрециони права мора да постојат, тогаш тие треба да се користат совесно и во интерес на службата. Секое поинакво однесување треба да биде санкционирано. Во спротивно, се отвора вратата за корупција и неказнето искористување на својата службена должност или овластување за лични цели и интереси", напомнува претседателот и потсетува на преземената обврска за нулта толеранција спрема корупцијата.
Црвенковски е зачуден и изненаден од тоа што во ист ден Собранието усвои измени на Кривичниот законик кои се меѓусебно контрадикторни по својата цел. "Измените на Кривичниот законик прават чекор напред во остварување на едниот приоритет и ја заоструваат казнената политика кај кривичните дела против изборите, гласањето и финансирањето на изборните кампањи, но во исто време прават и чекор назад во борбата против корупцијата, декриминализирајќи една од формите на злоупотреба на службената должност и овластување", е наведено во образложението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нова вакцина против рак на кожа го намалува ризикот од смрт за 49 проценти
Експериментална вакцина против рак на кожа, развиена во соработка помеѓу фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“, покажува силни и трајни антитуморски ефекти кај пациенти со напреднат меланом.
Петгодишното следење на вакцината во клиничките испитувања укажува на значителни придобивки од преживување, објавува „Euronews“.
Терапијата, која моментално е во фаза 2 на клинички испитувања, ја комбинира персонализираната mRNA технологија на „Модерна“, Intismera Autogen, со имунотерапевтскиот лек Keytruda на „Мерк“.
Заедно, третманите го намалија ризикот од повторна појава на рак или смрт за 49 проценти кај пациенти со висок ризик од меланом кои биле подложени на операција, во споредба само со Keytruda.
„Продолжуваме да инвестираме во нашата платформа за онкологија поради охрабрувачки резултати како овие, кои го илустрираат потенцијалот на mRNA во третманот на рак“, рече Кајл Холен, виш потпретседател на „Модерна“.
Свет
Путин: Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД, но ние го имаме искуството со Алјаска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД.
„Она што се случува со Гренланд не е наша работа, но ние имаме искуство во решавање на слични проблеми со САД, на пример Алјаска. Во 19 век, мислам во 1867 година, како што знаеме, Русија им продаде на САД, а САД ја купи Алјаска од нас“, рече претседателот на Русија на седница на Рускиот совет за безбедност, според Спутник, пренесува РТРС.
Тој верува дека Данска отсекогаш се однесувала кон Гренланд како кон колонија и, како што вели, грубо, практично жестоко.
„САД имаат на располагање една милијарда долари за да го купат Гренланд“, вели Путин и верува дека врз основа на примерот на Алјаска, цената за Гренланд би можела да биде 200-250 милиони долари.
„Ако споредиме со цените на златото од тогаш, таа бројка би била многу поголема, веројатно милијарда долари“, рече Путин и додаде: „Но, мислам дека и САД можат да си ја дозволат таа бројка“, според агенциите.
Фото: ЕПА
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.

