Македонија
Антикорупциска комисија бара разрешување на Цветанов
Антикорупциска комисја денеска достави иницијатива до Владата на Република Македонија за разрешување на директор на Управата за спречување на перње пари и финансирање на тероризам, Ване Цветанов.
Од Државната комисија за спречување на корупција образложија дека наводно Цветанов овозможил нерегуларно и незаконско трошење на средства од буџетот на Република Македонија, во работењето на оваа Управа во 2008 година.
Комисијата како причини за покренување на оваа иницијатива ги наведува, недобивањето согласност од Министерство за финансии за вработување на 29 лица и неприменување на одредбите од Законот за јавни набавки.
„Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам не поднела до Министерство за финансии согласност за вработување на неопределно време за 29 лица, туку тоа го сторила преку Агенција за привремени вработувања. За таквиот висок процент на привремено ангажирани лица управата потрошила 6.326.000 денари, која што сума е поголема споредбено со расходите направени за исплата на плати на редовно вработените“, изјави Илми Селами, претседател на Антикорупциска комисија.
Претходно Цветанов во интервју за неделникот „Форум“ рече дека вработувањата во Управата се вршени согласно Законот за државни службеници и дека согласно истиот бил распишан оглас. Согласно законот, биле прибрани понуди од три агенции, а потоа била избрана најдобрата. Управата во ноември 2008 година достави Барање за вработувања до Министерството за финансии за вработување на лица во редовен работен однос.
Според него станува збор за местенка и дека одредени криминални групи сакаат да го сменат поради предмет што се води во Управата за проневери тешки 10 милиони евра и дека тие дека тие криминални структури имаат влијание врз Комисијата за спречување на корупција.
Во однос на примената на Законот за јавни набавки, Селами рече дека Управата во 2008 година не ги применувала одредбите од Законот поради што не било остварено законско и наменско користење на средства во финансиските трансакции кои што претставуваат државни расходи.
Антикорупциска комисија со проучувањето на целокупната документација со која располагала и по одржаниот состанок со овластените ревизори од Државниот завод за ревизија, кои работеле на изготвување на извештајот донеле заклучок до Владата на Република Македонија да поднесат иницијатива за разрешување на Цветанов. Селами рече дека Владата е таа која ќе донесе конечна одлука за разрешување на директорот на Управата.
Тој изјави дека доколку Владата не донесе правилна одлука ќе се смета дека не постои политичка волја за спречување на корупцијата.
Цветанов денеска не сакаше да ја коментира одлуката на Антикорупциска и рече дека со став ќе излезе во текот на наредната недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Само еден месец по отворањето, Штип го издава Дино паркот под ќирија на 15 години
Еден месец откако беше промовиран, Дино паркот во Штип, со одлука на Советот на општината ќе биде даден под ќирија на 15 години. Почетната цена на месечниот закуп е 0,5 отсто од проценетата вредност, или 251.073 денари.
Со 17 гласови за и 6 против, во Советот донесена е одлуката за издавање под закуп на Дино паркот, јави „Канал 77“.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски пресмета дека со влезниците што се наплаќаат, заработката ќе биде поголема од закупот што ќе го добива општината.
„Однапред сте знаеле дека Дино паркот ќе го дадете на приватна фирма. Не може да ме убедите поинаку“, рече Михајловски од говорницата.
Немањето на капацитет, кадровски и финаиски ресурси за одржување на паркот од страна на општината и ЈП „Исар“ е причината поради која се издава Дино паркот, објасни Вишна Шорова – Ангелова, секретар на општината Штип.
„Штип е општина која постојано расте и се развива утврдивме потреба дека се потребни забавни површини со цел децата почесто да остануваат овде и да поминуваат повеќе време со родителите. Така ја утврдивме потребата, а се разбира и од комуникацијата со граѓаните. Овој износ, почетната месечна закупнина од 251 073 денари произлегува од Законот кој пропишшува дека доколку еден објект се даде под закуп истиот ќе има почетна цена од 0,5% од проценетата вредност“ – рече Шорова-Ангелова, пренесе штипската „МНет“.
Дополнително по давањето на Дино паркот под закуп ќе се одреди и цената на влезниците. Дино паркот во Штип беше изграден пред еден месец на површина од околу 10 илјади метри квадратни. Поставени се 50 експонати од кои 20 се виртуелни диносаурси кои реагираат на сенозри се движат и испуштаат крикови. Изминатиот период и посетеноста е доста голема особено за време на викендите.
Македонија
Во Битола разговори за европските проекти и нови можности за граѓаните
Во рамките на посетата на Битола, заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, оствари официјална средба со градоначалникот на општината, Тони Коњановски.
На средбата двајцата соговорници разменија информации и мислења за европските проекти што во моментов се реализираат во општина Битола со поддршка од ЕУ преку различни програми. Посебен акцент беше ставен на тековните инвестиции, нивното значење за локалниот развој и потенцијалот за отворање нови можности за граѓаните.
Разговорот се фокусираше и на продлабочувањето на соработката меѓу Европската Унија и општината, како и на заклучоците од Извештајот за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграции.
Средбата заврши со заедничка оценка дека континуираната поддршка и партнерство се од клучно значење за успешно спроведување на реформските процеси и развојните иницијативи во Битола.
Македонија
100 дена протести во Љубојно: Жителите бараат запирање на сечата на шумата
Жителите на преспанското село Љубојно информираа дека во среда, 19 ноември, ќе се навршат 100 дена откако секое утро одат на патот кон шумата, со цел, како што наведуваат, да го заштитат она што не штити нас.
Во пораката упатена до медиумите, жителите истакнуваат дека иако навидум се десетици луѓе од мало преспанско село, зад нив стои поголема поддршка, со иста цел и заложба. Тие наведуваат дека сечата над селото не е само уништување на дрвја, туку кршење на природниот штит кој со децении го штити Љубојно од поројни води, ерозија и разурнување на теренот.
Жителите наведуваат дека во изминатите 100 дена виделе: како камиони го отвораат срцето на шумата, како жителите сами мораат да постават песок на патот за да спречат штета, како првиот дожд го поплави селото и како, како што велат, државата им одговара со истата реченица: „Сè е регуларно“.
Во пораката се наведува и дека заедницата во тој период ги исчистила патеките околу селото, ги уредила изворите, се вклучиле млади генерации кои подолго време не биле активни во јавниот живот, се вратил гласот на луѓето што живеат во странство и, како што нагласуваат, се научило дека домот не се брани со зборови, туку со присуство.
„Шумата над Љубојно е нашиот штит и ние бараме право на живот без страв од порој, одрон или поплава“, се наведува во објавената порака.
Жителите најавуваат дека ќе останат на патот кон шумата сè додека тоа право не биде заштитено.

