Македонија
Црвенковски повторно мантра: На 15 септември…
Поразително враќање
Црвенковски се заканува дека наесен ќе ја принудел Владата на Никола Груевски да се откаже од власта, а 62 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги убедел да гласаат за распуштање на Собранието. Она на што се надева тој за реализација на своето сценарио е банкротирање на државната каса. Тогаш, според плановите на СДСМ, било најдобро време да се удри по власта Пишува: Катерина НЕШКОВАБранко Црвенковски, и покрај тоа што е извесно дека нема мандат за нова државничка функција, сè уште оди на работа во својот претседателски кабинет. “Согласно со Уставот, мандатот на Претседателот истекува на 12 мај и до тој ден тој ќе ја врши претседателската функција со сите работни обврски”, известуваат од Кабинетот на Црвенковски.Можеби не сака државата да ја остави без претседател, а нацијата без татко сè до дефинитивното прогласување на Ѓорге Иванов или на Љубомир Фрчкоски за нов шеф на државата?Но, службеници од неговиот кабинет велат дека тој одамна ги спакувал личните работи и се преселил на Бихаќка бб. Се говори дека на Црвенковски веќе му била отстапена канцеларија од која би можел да дава инструкции за неговото формално враќање на партискиот конгрес во мај. Со тоа сè би се вратило на свое место. Сè би било по старо.Од она што го најавуваат неговите од СДСМ, е дека тој ќе ја користи дури и истата мантра: “На 15 септември…”.Се заканува дека наесен ќе ја принудел Владата на Никола Груевски да се откаже од власта, а 62 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги убедел да гласаат за распуштање на Собранието.Форум во неколку наврати пишуваше за плановите на опозицијата која сака да се врати на своите позиции, па дури и на власт. Сценариото би било од социјални немири, до влошени меѓуетнички односи и меѓународна изолација. Во заднина би било лобирање кај меѓународната заедница. Противпланот на власта би бил мини-реконструкција на Владата или, пак, промена на албанскиот партнер во власта – ДУИ да биде заменета со Нова демократија на Имер Селмани кој на изборите освои неверојатни 150 илјади гласови и со ДПА. ДУИ го доби Сарај, но речиси ги изгуби Тетово и Гостивар кои досега беа целосно под контрола на оваа партија. Без овие два града, Груевски не би се согласил да го има крај себе Али Ахмети чии министри и онака не се покажаа во најдобро светло.СДСМ СЕ КРСТИ ВО БАНКРОТАко до пред изборите сценаријата беа само во рамките на шпекулации, анонимни извори од партии или, пак, анализи – резултатите на изборите ги натераа сдсмовците јавно и отворено да говорат за плановите како ќе се вратат на власт, и тоа не на следните редовни парламентарни избори, ами уште наесен, најверојатно на 15 септември.Прв призна Владо Бучковски, поранешен претседател, а сега актуелен пратеник на СДСМ. Бучковски и СДСМ на неверојатен начин, поразот од 22 март кога освоија само четворица градоначалници го претвори во победа. Излегоа дури и со некои збирни бројки од пола милион освоени гласови од претседателските избори со освоените гласови за градоначалници и советнички листи што за најголема опозициска партија делува крајно несериозно.Бучковски вели дека неговата партија не смета само на гласовите на СДСМ, на свое конто ги лепи и гласовите на Нано Ружин, Љубе Бошкоски, Мируше Хоџа и на Селмани. “Да потсетам, на последните парламентарни избори тие освоија 480.000 гласа, а овие претседателски избори 150.000 гласа помалку. Според освоените гласови на СДСМ – 200.000 за Фрчкоски, и на ЛДП – 40.000 гласа за Ружин, станува јасно дека опозицијата по трет пат во 2009 г. како и во 2006 и во 2008 г. има приближно ист број гласови. Но, против политиката на Владата во кампањата беа и Селмани и Бошкоски и Мируше Хоџа”, неверојатно пресметува Бучковски за весникот Шпиц.Но, ниту Селмани, ниту Бошкоски ветиле поддршка на СДСМ. Напротив, и едниот и другиот му се обратија на Груевски.“Сам против 25 политички партии и машинерии докажав дека можат да бидат поразени. Стануваме релевантен фактор, фактор со кој мора да се разговара”, изјави Бошкоски откако ДИК објави дека освоил речиси 150 илјади гласови.Она на што се надева Црвенковски за реализација на своето сценарио е банкротирање на државната каса. Тогаш, според плановите на СДСМ, било најдобро време да се удри по власта. “Штрајковите и незадоволните групи ќе ја добијат целосната поддршка од СДСМ. Тоа е сосема легитимно”, велат извори од партијата.Оттаму се подготвени логистички и кадровски да ги поддржат овие целни групи. Дополнително СДСМ ќе биде консолидирано поради Црвенковски кому ретко кој од партијата може да му се спротивстави, па послушноста ќе го зацврсти партиското јадро.Чеканиот банкрот, според прогнозите на економските експерти на СДСМ и девалвацијата што ја најави Фрчкоски, како претседателски кандидат, би се случил токму во септември.“Отворањето на картите” со кои игра Црвенковски, велат во СДСМ, било направено и за да се создаде одредена групна психологија кај членството надвор од централата и симпатизерите на СДСМ, дека партијата по пауза од пет години најпосле функционира.НОВО МНОЗИНСТВО?!Но, за да издејствува избори, на Црвенковски ќе му требаат најмалку 61 пратеник кој ќе гласа за распуштање на сегашниот состав на Собранието и закажување нов датум за избори. Предвремените парламентарни избори му успеаја засега само на Груевски, и тоа додека тој ја имаше власта.СДСМ на неколку пати се обидуваше од опозиција да придобие пратеници и да го смени мнозинството во Собранието, но никогаш не успеа.На што смета СДСМ?Преговори со Љубе Бошкоски биле направени само пред изборите, сега тој се повлекува од блискоста со СДСМ и Црвенковски и ì се обраќа на власта. Селмани е близок човек на Груевски. ЛДП и Јово Манасиевски веќе направиле почетни преговори со ВМРО-ДПМНЕ за влез во Владата. Мендух Тачи пред неколку месеци, лут на Груевски оти не го прими во Владата, кокетираше со Црвенковски, но сега како да подзастана.На Црвенковски за преговори му останува само ДУИ и Али Ахмети.Избори од раководството на СДСМ признаваат дека имале контакти со стариот партнер, особено сега откога ДУИ не се покажа како силна партија.Но и неговите пратеници не се доволни за да се стигне до 61, особено што само ВМРО-ДПМНЕ со помалите партии кои гравитираат околу него има 62 пратеника.“Во такви услови ќе гласаат и пратениците на власта. Очигледно ќе се формира ново мнозинство. Кој ќе може во услови на банкротирање да гласа против народот”, велат извори од СДСМ.Но, пред планираното ново мнозинство не е исклучено СДСМ да игра и на бојкот во вториот круг на изборите. Бојкотот е како можно решение за Фрчкоски кој не може да ги искомпензира за сметка на Бошкоски. Тоа го покажуваат анализите и рејтинзите изработени токму од агенции блиски на СДСМ. Според последните податоци, СДСМ не може да смета на разнебитување на вмровското гласачко тело во рамките на вториот круг, т.е. прелевање на гласовите од Бошкоски поради тоа што Бошкоски не ни добил многу гласови од вмровските симпатизери. Напротив, според анализата, најголем процент од гласовите на неопределените избирачи, односно на избирачите кои од разни причини не сакаа да кажат за кого ќе гласаат, на овие претседателски избори отидоа кај Бошкоски. Според тоа, може да се заклучи дека, доколку тие беа крајно незадоволни од работата на Груевски, уште во првиот круг ќе се определеа за Фрчкоски. Слично е и со гласовите на Селмани. Оттука, единствен начин да се порази Иванов, барем времено, и да се купи уште некоја недела време е да се оди на бојкот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Младите се сржта на партиите, наши наследници и иднината, зачувајте го вашето достоинство низ дејствувањето и работата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се обрати на денешната трибина на тема „Локални и глобални предизвици од младинско значење“, организирана од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и младината на Меѓународната Демократска Унија (IYDU) во хотел Хилтон каде истакна дека младите се сржта на партиите и иднината, и даде силна поддршка за младите.
„Некои од пораките што ги слушнав денес од оваа дебата се нешто што е многу, многу важно, и нешто што претставува срж на нашите партиски политики. А која е сржта на нашите партиски политики? Младите, младинските организации. Ако постои партија без млади, тогаш тоа е партија без суштина, срж. И не е вистинското прашање дали таа партија ќе исчезне. Прашањето не е дали, туку кога таа партија ќе исчезне. Ние сме многу горди што имаме многу, би рекол, офанзивна младина. И ние ја поддржуваме таа младина бидејќи сметаме на нив, да бидат нашите наследници во иднината. Сергеј спомена дека имаме тројца пратеници кои се дел од нашето младинско раководство и повеќе од 100 членови на општински совети. Да, тоа е вистина. Давањето шанса на младите значи дека и давате шанса на иднината. Во спротивно, ќе го изгубите патот и, како што реков, веројатно ќе исчезнете од политичката сцена. На пример, во мојот кабинет, јас сум опкружен со многу млади луѓе. Почнувајќи од мојот протокол, па сè до шефот на мојот кабинет, сите тие биле или сè уште се дел од младината или биле лидери на нашата младинска организација. “ кажа Мицкоски и додаде:
„Мојата прва порака и мојот апел до сите вас беше бидејќи еден ден вие ќе станете лидери, високи претставници на вашите партии, создавајте младина. Бидејќи ако немате млади, ќе повторам уште еднаш, прашањето не е дали, туку кога ќе исчезнете. Затоа, развивајте ги и дајте им шанса на вашите наследници“ кажа Мицкоски.
„Втората работа што би сакал да ја кажам денес како порака е од чевлите на еден професор. Кога започнувате нешто, не очекувате чуда. Чудата не се можни. Ако верувате во чуда, тогаш нема да бидете способни да ја пренесете реалноста. Нема да бидете способни да ја живеете реалноста. Затоа понекогаш некој околу вас создава перцепција за работи кои не се остварливи и кои не се реални. Она што го гледате на Инстаграм, она што го гледате на ТикТок не е реалноста. Тоа е нешто со кое некој сака да изврши притисок врз вас и да создаде лажна реалност. Повторно ќе се повикам на нешто што го кажав чудата не се можни. Ако некој ви ветува чуда, тогаш ве лаже. Тоа не е можно. Не верувајте во чуда“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски упати порака до младите да го зачуваат своето достоинство како многу важен дел од нивното дејствување.
„Третата работа што би сакал да ја пренесам како порака денес е, зачувајте го вашето достоинство. Не бидете дволични. За жал, ќе бидете опкружени со многу луѓе кои се дволични. Но, ако вие не сте дволични, тогаш го имате вашето достоинство, што е најдобрата особина на вашиот карактер што можете да ја поседувате. И ова е нешто што е многу важно, не само за вашата иднина, туку и за семејствата што ќе бидат дел од вашите животи“, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека семејството е најважниот елемент во животот.
„И ова е четвртата порака што сакам да ја пренесам денес. Можеби некој ќе ја оспори мојата порака, можеби некој ќе ме осуди за ова што ќе го кажам сега, но семејството е најважниот елемент во вашите животи. Децата, многу деца, тоа е нешто што ќе го обликува вашиот живот. Бидејќи без многу деца, вашиот живот ќе биде празен и веројатно себичен. Ве молам споделувајте сè со вашата околина. Нека споделувањето биде дел од вашето однесување. Бидејќи ако споделувате, ќе можете да научите што значи семејството, не само за вас, туку и за вашата нација“, потенцира Мицкоски.
Мицкоски за крај кажа колку е важна работата и посветеноста со фокус и јасен патоказ за иднината.
„И јас навистина верувам дека сите вие што сте овде верувате дека политичкото дејствување десно од центарот и конзервативизмот се иднината на европскиот континент, но зборувам и за човештвото воопшто. Ако една нација не работи напорно, особено мала по бројност како мојата, македонската нација, ако не работи напорно со посветеност, со фокус и со јасен патоказ каде ќе бидеме за 50, 100 години од сега, таа нација ќе исчезне. И ова е нешто што е вистинскиот проблем на оваа генерација, и на вашата генерација исто така. Бидејќи ако ги потцениме предизвиците што ќе се појават за 50, 100 години од сега, тогаш не сме визионери, не сме политичари од десниот центар. Ние сме дневни политичари и сме популисти. Затоа, мојата последна порака ќе биде борете се и размислувајте за работите што ќе го обликуваат човештвото и иднината на вашата нација. Во спротивно, ќе се изгубите себеси и ќе станете дневни политичари. А јас не верувам дека тоа е вашата амбиција, ниту вашата идеја, не за оваа организација, туку генерално за иднината на европскиот континент и за иднината на човештвото во целина. Затоа, се обидов да бидам што е можно пократок за да пренесам долги приказни на краток начин“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Попов: Владата се залага за држава во која секој млад човек ќе чувствува дека политиката работи за него
На денешната трибина на тема „Локални и глобални предизвици од младинско значење“, организирана од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и младината на Меѓународната Демократска Унија, се обрати Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, кој на самиот почеток истакна дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализирала голем број од ветените проекти на изборната програма.
„За многу краток период, ВМРО-ДПМНЕ започна да реализира голем дел од своите заложби за младите од изборната програма, конкретни мерки во образованието, вработувањето и младинското учество. За првпат во историјата, нашата младинска организација може гордо да каже дека имаме тројца пратеници кои доаѓаат директно од нашите структури, тоа значи дека гласот на локалните младински совети, на студентските организации и на општинските канцеларии за млади, може директно да стигне до законодавниот дом“, рече Попов.
Попов истакна дел од владините мерки за поддршка на младите и студентите.
„Нашата Влада спроведе конкретни мерки, секој студент запишан на државните или приватните универзитети доби ваучер од 250 евра наменет за набавка на ИТ опрема, реновирањето на студентските домови, исто така ги подобривме можностите за вработување на млади професионалци, вклучително и вработувањето на 600 специјализанти кои го зајакнуваат нашиот здравствен систем, нашата иницијатива „Млад земјоделец“ ги поддржува младите во земјоделството преку доделување на 10.000 евра за секој што ќе започне земјоделски бизнис, промовирајќи го руралниот развој“, рече Попов и додаде:
„Заедно со нашите партнери во Владата, со нашите градоначалници и советници, и со нашите тројца пратеници, ќе се залагаме за Македонија во која секој млад човек ќе чувствува дека политиката работи за него“.
Македонија
Настапувал без дозвола: Аца Лукас приведен на концерт во Кавадарци
Српскиот пејач Аца Лукас синоќа бил приведен во Кавадарци околу 00:10 часот, за време на настап во угостителски објект.
Според информацијата од МВР, при акциска контрола спроведена од полицијата, во координација со инспектори и Управата за јавни приходи, било утврдено дека пејачот настапувал без потребната дозвола.
„Утврдено е дека лицето А.В. (57) од Република Србија настапувало без потребна дозвола. За сторениот прекршок до Основниот суд Кавадарци е поднесено барање за поведување прекршочна постапка, по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци. Лицето е спроведено во Основен суд Кавадарци по скратена постапка, каде му е изречена парична казна“, стои во соопштението на МВР.
При контролата во истиот угостителски објект биле констатирани и прекршоци за неиздавање на фискална сметка и Законот за пушење. Констатирано било и дека во објектот се присутни поголем број на гости од дозволеното, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, информираат од Министерството за внатрешни работи.

