Македонија
Промовиран електронски систем за јавни набавки
Меѓу 20 и 40 милиони евра годишно државата ќе заштеди како резултат на имплементацијата на новиот интегриран електронски систем за јавни набавки
Меѓу 20 и 40 милиони евра годишно државата ќе заштеди како резултат на имплементацијата на новиот интегриран електронски систем за јавни набавки што беше промовиран денеска во Скопје.
Проектот е идеја на Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии, а финансиската подршка ја обезбеди американската агенција за меѓународен развој УСАИД. Софтверот за новиот електронски систем го изработи компанијата Сивус(Seavus).
Приватните претпријатија и учесниците во јавните набавки отсега ќе можат на транспарентен и фер начин да учествуваат во истите со што ќе се исклучи влијанието на човечкиот фактор, рече министерот за финансии, Зоран Ставревски кој присуствуваше на промоцијата на новиот систем.
“Станува збор за важна алатка и силен инструмент кој ќе помогне во борбата со корупцијата и бирократијата .Ова ќе ги охрабри и малите и средни претпријатија истотака рамноправно да учествуваат во делот на јавните набавки кои се важен инструмент за градење на здрава пазарна економија “, рече Ставрески и посочи дека Македонија е прва во регионот што го интегрира овој систем.
Ова е дел е од проектот за создавање на е-Влада, чија цел е да се воспостави систем којшто целосно е во согласност со директивите на ЕУ и ги подржува сите форми на јавни набавки вклучувајќи ги и електронски аукции.
Преку овие аукции Владата ќе може да побарува најниска цена за добрата и услугите што ги набавува, а за тоа добар пример е и минатата година кога преку нив се заштедени 1,7 милиони долари.
Според министерот за финансии целта на Владата за 2010 година е преку овие аукции да се реализираат 30 отсто од јавните набавки.
На промоцијата на системот, учество зеде и амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер кој истакна дека е горд на промоцијата на системот кој е дел од проектот на УСАИД за воведување на Е-Влада.
“Ова е еден од најнапредните системи за електронски набавки во светот. Ниту Владата на САД, ниту земјите од ЕУ не успееја целосно да го автоматизираат овој процес на национално ниво. Системот што се имплементира во Македонија е веќе признат на многу конференции, а соседните земји веќе пројавуваат интерес да ја следат Македонија”, истакна амбасадорот Рикер../крај/вм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Срамот и деградацијата не се во нашиот двор, туку кај ДУИ, каде што манипулацијата и клеветата станаа политичка доктрина
Следејќи ја вообичаената пропаганда, ДУИ уште еднаш докажа дека е мајстор за манипулации и ниски клевети, во очајнички обид да го оттргне вниманието од сопствените неуспеси, велат од коалицијата „Вреди“.
Додаваат дека остануваат силно на страната на албанските национални интереси, секогаш бранејќи го правото на Република Косово како независна и суверена држава.
„Обидите на „Вреди“ да му се припишат непостоечки ставови се залудни и неосновани. Вреди не негира дека Иван Стоилковиќ е претставник на Србите, тој е нивен претставник и ние не се обидуваме да го претвориме во Албанец, а уште помалку да го натераме да размислува како Албанец, но разликата меѓу нас и ДУИ е дека тие самоинициатевен остана дел од Отворен Балкан, иницијатива која никогаш не ја призна Република Косово. Потсетуваме дека првата средба на премиерот Христијан Мицкоски беше со премиерот Албин Курти. За оние кои не знаат, но треба да знаат: „Вреди“ не прифаќа, ниту пак користи терминологија што го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово“, посочуваат во реакцијата од страна на оваа коалиција.
Според нив, наместо да ги клевети другите, би било добро ДУИ да се погледне себеси во огледало и да ја разгледа нивната сомнителна позиционираност во однос на националните интереси.
„Вреди“ како што велат, останува верен на своите принципи и е посветен на искрена и чесна меѓуалбанска соработка, отфрлајќи секаква форма на компромис на штета на албанскиот народ. Албанците се свесни кој достоинствено ги застапува и кој им служи на личните и партиските интереси.
„Срамот и деградацијата не се во дворот на „Вреди“, туку таму каде манипулациите и клеветите станаа политичка доктрина“, се додава во напишаното.
Македонија
Љутков: Негувањето на Вевчанскиот карневал е традиција што нè прави посебни, ни дава идентитет и гордост
Со традиционалното дефиле под маски, денеска во Вевчани почна официјалниот дел од Вевчанскиот карневал, кој претставува едно од главните обележја на Вевчани за празникот Св. Василиј, односно Василица.
Во своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека Вевчанскиот карневал е од особено значење за културниот и туристичкиот развој на нашата земја и дека негувањето на оваа традиција е она што нè прави посебни, она што ни дава идентитет и гордост.
„Секоја година, на Василица, овој карневал со својата над илјадагодишна традиција нè обединува сите нас, сите добронамерници со карневалски дух од целиот свет. Ние сме горди на Вевчанскиот карневал бидејќи тој му порачува на светот дека македонскиот народ има обичаи и култура кои не изумираат, туку се пренесуваат од генерација на генерација. Министерството за култура и туризам и годинава, како и во годините што доаѓаат ќе продолжи со континуираната поддршка на овој наш национален бренд кој придонесува не само за културниот, туку и за туристичкиот развој на нашата земја“, рече Љутков.
Дефилето почна од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде што маскираните го вртат василичарското оро. Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам.
Манифестацијата ќе заврши со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.
Македонија
На Клиниката за ортопедски болести првпат е трансплантирана коска од починат дарител на два прста кај 13-годишно дете со брахидактилија
На Универзитетската клиника за ортопедски болести во Скопје успешна е извршена трансплантација, со имплант, односно коска од починат донор, која е имплантирана на два прста кај 13 годишно дете со брахидактилија, соопшти Министерството за здравство.
Како што велат од Министерството, кај нас првпат е извршена ваков тип на трансплантација и детето е со уреден постоперативен тек .
Изразувам посебна благодарност и честитки за целиот тим предводен од д-р Даница Поповска и доц.д-р Илир Шабани, како и сите здравствени работници кои учествуваа во оваа трансплантација – д-р Лилјана Ангелеска, д-р Теодора Божиновска, д-р Филип Видоевски, инструментарки Сузана Пејчиновска, Арјета Мемети, анестетичар Менка Дојчиновска, радиолошки технолог Крешник Шеху и гипсер Ирена Галевска. Ќе продолжиме со уште посилно темпо заедно со сите чинители да ја подигнуваме свесноста за овој највисок акт на човекољубие – истакна проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.