Домашен
Нов, минимален пораз на Металург
Ракометарите на Металург запишаа уште еден минимален пораз во Лигата на шампионите. Четата на Лино Червар, во претоследното коло во Д групата, загуби од Скјерн со 24:25 (11:13). Металург го имаше последниот шут на натпреварот, но обидот на Талевски на три секунди до крајот заврши над голот.
Металург, како и на претходните натпревари (исклучок е мечот со Шафхаузен) играше добро, беше достоен ривал, но одново му се случи еден лош период во играта, проткаен со технички грешки во нападот, по кој противникот се ‘одлепи’ на пристојна разлика, а потоа момците од Автокоманда фатија приклучок, но не изборија позитивен резултат.
Речиси гол за гол се играше во првите 21.минута, кога и нападот и одбраната на Металург добро функционираа. Потоа игралите во сино, направија четири технички грешки, кои Скјер сурово ги казни и од 9:9, во 27.минута стигна до 9:13.
Сепак Металург успеа до полувремето да ја преполови негативата, а можеше да има и гол негатива, но Божовиќ по истекот на времето од седмерец ја погоди гредата.
Најава дека следува лош период во играта на Металург беше вториот промашен седмерец на Божовиќ, на самиот старт од второто полувреме, Австриецот ја погоди стативата.
Скјер го засили темпото, профитираше од грешките на Металург и во 36.минута стигна до највисоката предност на мечот 11:17.
Промената во бековската линија, со малдите Талевски и Кузмановски, ја стабилизираше напаѓачката игра на Металург, чии играчи полека започнаа да ја топат предноста на Скјерн.
Во последните десет минути од мечот се влезе со гол предност за данскиот тим (19:20), Металург не реализира неколку напади за израмнување, кое дојде со голот на Кузмановски на две ипол минути до крајот (23:23).
До крајот сепак Данците постигнаа гол повеќе, а обидот на Талевски не беше прецизен.
Божовиќ го предводеше Металург со осум голови, а по три постигнаа Талевски, Кузмановски и Пешевски.
Металург во годинешната сезона во Лигата на шампионите ќе одигра уште еден натпревар, на 6.декември во Норвешка, против Елверум. крај/мф/нц
Извор: макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.