Македонија
Груевски се сретна со Ли Ксиен Лонг, премиер на Сингапур
Покрај членството во НАТО и ЕУ како стратешки определби во надворешната политика, Македонија има интерес за интензивирање и унапредување на соработката и со земјите од Југоисточна Азија, рекол премиерот Никола Груевски на денешната средба со сингапурскиот премиер Ли Ксиен Лонг.
Покрај членството во НАТО и ЕУ како стратешки определби во надворешната политика, Македонија има интерес за интензивирање и унапредување на соработката и со земјите од Југоисточна Азија, рекол премиерот Никола Груевски на денешната средба со сингапурскиот премиер Ли Ксиен Лонг.
Премиерот Груевски, како што информираат од владата, го поздравил досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете држави, а воедно истакнал цврсто уверување дека истите во иднина ќе бележат позитивен развој и зголемена динамика во повеќе области.
Во доменот на економските релации, премиерот Груевски нагласил дека Македонија високо го цени економскиот подем што Сингапур го има остварено во последните децении и дека сингапурското искуство би било значајно за нашата земја да се профилира во атрактивна бизнис дестинација во регионот на Југоисточна Европа.
Во таа насока, македонскиот премиер истакнал дека еден од главните приоритети на Владата на Република Македонија е унапредувањето на економската состојба на земјата и привлекувањето на странски инвестиции, и дека во тој контекст постои голем интерес за унапредување на економските односи со Сингапур и привлекување на сингапурски инвестиции во Македонија.
За таа цел за време на посетата на македонската владина делегација беше организиран и бизнис форум на кој пред сингапурските бизнисмени се презентираше македонската економија, условите за водење бизнис, водечките индустриски сектори и приоритетите на националната економија во глобалните економски текови.
Премиерот Груевски истакна дека постои потреба од зајакнување на правната рамка што ќе биде во функција на унапредување на односите меѓу двете држави и што ќе ја олесни соработката во економијата, и во тој контекст го информираше својот соговорник за македонската иницијатива за склучување Договор за одбегнување на двојното оданочување и заштита од фискална евазија по однос на даноците од доход и добивка, како и Договор за поттикнување и заемна заштита на инвестиции помеѓу двете земји.
Во тој контекст, премиерот Груевски истакна дека македонската страна има интерес за склучување и Спогодба за слободна трговија помеѓу Македонија и Сингапур.
На крајот од средбата Груевски изразил надеж дека реформите кои што ги спроведува Владата во повеќе сфери ќе ги поттикнат и охрабрат сингапурските бизнисмени за зајакната економска соработка и инвестиции во земјата.
Двајцата премиери заклучиле дека оваа посета дава голем оптимизам за текот на идната соработка меѓу двете пријателски земји и дека постои голем простор за унапредување на односите, како на мултилатерален план, така и во доменот на образованието, културата и туризмот, а особено во зајакнувањето на меѓусебните економски релации.
Република Сингапур е островска град-држава во Југоисточна Азија сместена на јужниот врв на Малајскиот полуостров. Таа е парламентарна република од Вестминстерски тип со еднодомен парламент во кој седат претставници избрани во посебните и уникатни изборни единици. Според Уставот на Република Сингапур, политичкиот систем во земјата е дефиниран како претставничка демократија.
Сингапур денес има високо развиена и успешна пазарна економија која претставува крајно отворена бизнис средина без присуство на корупција, со стабилни цени и БДП по глава на жител повисок од тие на највисоко развиените земји. Стопанството на Република Сингапур е главно извозно зависно, особено во делот на потрошувачката електроника (електрични уреди и апарати), информациона технологија, фармацевтски производи, како и во секторот на услуги. Реалниот пораст на БДП за 2010 година изнесуваше неверојатни 14,7%.
Заедно со Хонг Конг, Јужна Кореја и Тајван, Сингапур е еден од оригиналните „Четири азиски тигри“. Економијата на Сингапур се смета за една од најслободните, најиновативните, најконкурентните, најмалку корумпираните и најпогодните за бизнис во светот. Сингапур е 14-от најголем извозник и 15-от најголем увозник во светот и моментално е единствената азиска земја која има добиено ААА рејтинг од сите три најголеми рејтинг агенции – Standard & Poor’s, Moody’s и Fitch.
Поради својата локација, скоро непостоечката корупција, образованата и стручна работна сила, ниските даноци и одличната инфраструктура, Сингапур привлекува многу странски директни инвестиции. Има повеќе од 7000 мулти-национални компании од САД, Европа, Јапонија, а околу 1500 компании од Кина и уште 1500 од Индија имаат свое седиште во Сингапур. Исто така, Сингапур е вториот по големина странски инвеститор во Индија.
Околу 44% од работната сила во Сингапур е составена од странски државјани, а земјата има потпишано повеќе од 10 Договори за слободна трговија со земјите од Регионот.
Сингапур е светски лидер во неколку економски области: земјата е четврт светски финансиски центар, втор најголем казино пазар, најголем светски производител на нафтени платформи, еден од најголемите ремонтери на бродови и еден од најголемите три центри за рафинирање на нафта. Сингапурското пристаниште е едно од петте најактивни во светот. Според Светската Банка, Сингапур е најлесното место за водење бизнис во светот. Стапката на невработеност во 2010 година изнесувала 2%.
Сингапур, исто така, е и голем образовен центар. Во 2006 година во земјата престојувале 80.000 странски студенти, а во 2009 година, 20% од сите студенти на сингапурските универзитети биле странци. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбјавена листата на најмоќните пасоши за 2026 година: Македонија бележи напредок
Азиските земји продолжуваат да доминираат на рангирањето на најмоќните пасоши во светот, според најновиот извештај на „Henley Passport Index“. Сингапур е на првото место, додека Јапонија и Јужна Кореја се изедначени на второто место. Индексот ги рангира пасошите според бројот на дестинации до кои нивните носители можат да пристапат без претходно добивање виза, пишува CNN.
Носителите на пасоши во Сингапур имаат пристап без виза до 192 од 227 дестинации следени од индексот, додека јапонските и јужнокорејските пасоши дозволуваат влез до 188 дестинации. Следат низа европски земји: Данска, Луксембург, Шпанија, Шведска и Швајцарија го делат третото место со пристап до 186 дестинации.
Четвртото место, со резултат од 185 дестинации, го заземаат десет земји, вклучувајќи ги Австрија, Белгија, Финска, Франција, Германија и Италија. Хрватска е на шестото место, а нејзините граѓани можат да патуваат во 183 земји без виза. Таа ја дели позицијата со Чешка, Естонија, Малта, Нов Зеланд и Полска.
Македонија е рангирана на 38 место со можност за влез без виза во 128 држави.


Од друга страна Обединетите Арапски Емирати го постигнаа најзначајниот напредок во 20-годишната историја на индексот, додавајќи 149 дестинации без виза од 2006 година и искачувајќи се за 57 места на ранг-листата. Спротивно на тоа, Велика Британија го забележа најголемиот пад од година во година, со пристап без виза до 182 дестинации, осум помалку отколку пред 12 месеци.
Соединетите Американски Држави се вратија на десеттото место со пристап до 179 земји, но тоа не одразува целосно закрепнување, бидејќи 37 земји се пред САД на ранг-листата. САД го изгубија пристапот без виза до седум дестинации во изминатата година, а паднаа за шест места во последните две децении, од четврто на десетто место, според индексот.
Експертите истакнуваат дека моќта на пасошот ги одразува пошироките геополитички трендови. „На крајот на краиштата, моќта на пасошот ја одразува политичката стабилност, дипломатскиот кредибилитет и способноста за обликување на меѓународните правила“, вели Миша Глени, новинарка и ректорка на Институтот за хуманистички науки во Виена, во извештајот.
„Како што трансатлантските односи стануваат затегнати, а домашната политика станува сè понестабилна, ерозијата на правата за мобилност за земји како САД и Велика Британија е помалку техничка аномалија, а повеќе сигнал за подлабока геополитичка рекалибрација.“
На дното на листата е Авганистан, чиј пасош дозволува влез во само 24 дестинации без виза. Сирија (26) и Ирак (29) се исто така близу до дното, покажувајќи јаз од дури 168 дестинации помеѓу највисоко и најниско рангираните пасоши.
„Во текот на изминатите 20 години, глобалната мобилност значително се прошири, но придобивките беа нерамномерно распределени“, вели Кристијан Х. Каелин, претседател на Henley & Partners.
„Денес, привилегијата за пасош игра одлучувачка улога во обликувањето на можностите, безбедноста и економското учество, при што зголемениот просечен пристап ја маскира реалноста дека придобивките од мобилноста се сè повеќе концентрирани меѓу економски најмоќните и политички најстабилните нации во светот.“
„Хенли и Партнерс“, фирмата зад индексот, им помага на поединците да стекнат двојно државјанство, а Американците сочинуваа 30% од нејзините клиенти во 2025 година. Сепак, неколку европски земји ги заострија барањата за државјанство.
Постојат и други индекси, како што е оној на „Артон Капитал“, кои користат различна методологија. Според нивното рангирање за 2026 година, Обединетите Арапски Емирати се на прво место со пристап до 179 дестинации, додека Сингапур и Шпанија се израмнети на второто место со 175 дестинации.
Најмоќните пасоши за 2026 година според индексот Хенли:
Сингапур (192 дестинации)
Јапонија, Јужна Кореја (188)
Данска, Луксембург, Шпанија, Шведска, Швајцарија (186)
Австрија, Белгија, Финска, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија, Холандија, Норвешка (185)
Унгарија, Португалија, Словачка, Словенија, Обединети Арапски Емирати (184)
Хрватска, Чешка, Естонија, Малта, Нов Зеланд, Полска (183)
Австралија, Латвија, Лихтенштајн, Обединето Кралство (182)
Канада, Исланд, Литванија (181)
Малезија (180)
Соединети Американски Држави (179)
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Кој оди на средба со Мицкоски легитимира криминал и изолација на земјата
Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во легитимирање на криминалот и корупцијата, во анти ЕУ кампањата за изолација на земјата, во планот за предвремени избори и мигранти за пари, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Тој обвинува дека „тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени, не сакаат реформи за ЕУ туку покритие за намерна изолација на земјата“.
„Им се брза, им ја откивме корупцијата, им ги разоткривме плановите за мигранти, нема пари во буџетот. Сакаат да ја укинат техничката влада затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија. Антикорупцискиот тим на СДСМ изнесе само дел од работите и скандалите, можете само да замислите што сè се случува таму. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерствата. Тоа е главниот проблем. Скандалот со ИПАРД 3 видовте, има и уапсен директор од ВМРО заради корупција и злоупотреба на европски пари. Можете да замислите што сè се случува во Министерството за земјоделство. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерството. Затоа не сакаат техничка влада“, вели Димитријевиќ.
Тој додава дека „злоупотребата на полицијата после целосната партизација е уште еден инструмент за притисок, сила, закани и уцени но и за заштита на криминалци“.
„Покрај оние 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 9 милиони евра тендери за трета, 1,2 милиони евра тендри во Пошта може само да замислите што се прават. Не сакаат да има техничка влада – за опозицијата да не влезе и да не види што сè правеле“, рече Димитријевиќ.
Според него, техничката влада мора да остане затоа што таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функцонери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“, рече Димитријевиќ и истакна дека СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми, да го заштити изборниот процес и слободната волја на граѓаните.
Македонија
За новогодишно украсување, општините дале 785 илјади евра – најмногу пари потрошила Општина Штип
За новогодишно украсување, општините потрошиле 785 илјади евра, а 78 отсто од вредноста е концентрирана кај една фирма.
Ова го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за трошоците на единиците на локална самоуправа за новогодишно украсување.
„Истражувањето покажува дека: тендери за новогодишно украсување имале 36 општини; најмногу пари потрошила Општина Штип, 81 илјада евра; Градот Скопје и пет други скопски општини заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма; Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари; На 81 % од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма; Една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава; 94 % од договорите за јавна набавка за украсување се склучени во декември, на нецели две недели од новата година“, се наведува во соопштението.
Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување изнесува 48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации, се очекува вредноста на трошоците за новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина Новаци која има набавка на услугата за новогодишен огномет.
Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје во вредност од 4.998.480 денари, односно 81.276 евра.
Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 4.271.600 денари, односно 69.457 евра.
Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 17.521.584 денари, односно 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.
Покрај Град Скопје и сите други 6 општини од градот склучиле договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје.
Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.
На дното, со трошоци за украсување пониски од 10.000 евра се општините Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП Куманово Паркинг (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).
Во истражувањето е истакнато дека тендерите за новогодишно украсување се спроведувани главно без конкуренција.
„Просечниот број понуди по еден тендер изнесува само 1,15 што е далеку под препорачаниот минимум за обезбедување пазарна конкуренција. Притоа, во дури 27 од вкупно спроведените 32 тендерски постапки била доставена по само една понуда. Вредноста на договорите во кои била доставена по само една понуда изнесува дури 91 %. Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците на украсувањето. Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус, во вкупна вредност од 37.825.726 денари, односно 615.052 евра. Произлегува дека Линк Медиа Плус добила 78 % од вредноста на сите вакви договори“, се наведува во соопштението.
Повеќе од еден договор успеале да добијат уште две фирми, ДИМЕНЗИЈА 360 од Скопје за трите општини од југот Валандово, Гевгелија и Дојран, како и фирмата ГРИН ВЕЈ од Битола, која освен со Општина Битола склучила договор за украсување и со Општина Ресен.
Останатите 12 фирми кои имаат склучено договор за новогодишно украсување се носители на по само еден договор.
Центарот за граѓански комуникации наведува дека тендерите за новогодишно украсување традиционално се склучуваат доцна во годината што сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема.
„Дури 30 од 32 договори се склучени во декември, со тоа што на дел од нив потписот е ставен нецели 2 недели пред новата година. Ваквото постапување е проследено и со непочитување на законската обврска до Електронскиот систем за јавни набавки да се достави известување за склучениот договор, најдоцна 10 дена од денот на склучувањето. Голем дел од општините не го почитувале овој законски рок. Доцното објавување на огласите за јавна набавка, и оттука склучување на договорите во декември, сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема“, се наведува во соопштението.

