Свет
Во судирите во Бахреин еден мртов, најмалку 20 повредени

Полицијата во Бахреин денеска испукала солзавец и гумени куршуми кон антивладините демонстранти и во метежот загинал еден човек
Повеќе од 20 луѓе се повредени, а еден од нив се наоѓа во критична состојба во судирите во шиитските населби на главниот град Манама. Хеликоптери надлетуваат над главниот град, а безбедносните сили патролираат во околните населби каде шиитите се мнозинско население.Според изјавите на очевидци, во болницата во Манама, починал демонстрант на возраст од 22 години од рана здобиена во пределот на грбот,а еден е хоспитализиран и се наоѓа во критична состојба.Во селото Дираз, полицијата испукала солзавец на околу сто шиитски демонстранти кои бараат поголеми политички права. Во Нувеидрат полицијата употребила сила кон демонстрантите кои барале ослободување на сите шиити што се наоѓаат во притвор.Организаторите на протестите во Бахреин, слично како и тие во Египет и во Тунис, каде режимите веќе се срушени, повикуваа на собири преку социјалните мрежи Твитер и фејсбук.Во Бахреин на власт се наоѓа сунитско семејство. Организаторите на протестот бараат нов устав кој треба да го состави комисија составена од сунити и од шиити. Тие сакаат премиерот да се бира на директни избори и бараат ослободување на сите политички затвореници и да се покренат истраги за наводните малтретирања во затворите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Сијарто: Не нè интересира Москва, за Украина нема место во ЕУ

Министерот за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека ставот на неговата земја не е диктиран од Москва, туку произлегува од интересите на унгарските граѓани. Тој се повика на референдум, според кој мнозинството гласачи се изјасниле против украинското членство поради загриженост за земјоделството, пазарот на труд и безбедноста.
Изјавата дојде по средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Зеленски претходно порача дека е „чудно“ кога дури и Владимир Путин не се противи на европските интеграции на Киев, а тоа го прави Унгарија.
Сијарто возврати дека унгарската политика се креира внатрешно, а не по диктат на надворешни сили.
„Нè интересираат само нашите граѓани, а не ставовите од Москва“, рече тој.
На ова реагираше украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој оцени дека приклучувањето на Украина не претставува закана за Унгарија. Тој потсети дека унгарските земјоделци активно купуваат украинска пченица, а унгарските компании и пред војната вработувале украински работници за да го пополнат недостигот од кадар.
„Наместо препукувања преку социјалните мрежи, потребна е суштинска дискусија и прагматичен пристап. Верувам дека можеме да најдеме решенија во интерес на двата народа“, порача Сибиха.
Иако сите 27 земји-членки на ЕУ формално дале зелено светло за отворање на преговорите, Унгарија и понатаму го блокира процесот. Минатата година, Будимпешта ѝ достави на Украина листа со 11 барања поврзани со правата на малцинствата, но дел од разговорите биле стопирани поради скандал со наводна шпионажа.
Во меѓувреме, Литванија предложи преговорите да започнат технички со поддршка од 26 земји, а правно да се финализираат кога Унгарија ќе се согласи.
Свет
Хрват со два ножа нападнал полицајци во Германија, тие го застрелале

Германската полиција застрела и сериозно рани 25-годишен Хрват во Сасенберг откако наводно нападнал полицајци со два ножа, соопштија канцеларијата на јавниот обвинител и полицијата, објави Билд.
И покрај повторените предупредувања од полицијата и барањата да го спушти оружјето, напаѓачот одбил да го запре нападот. Потоа полицијата го застрелала сторителот во горниот дел од телото. Тој се здобил со сериозни, но не опасни по живот, повреди и бил однесен во болница.
Според истражителите, инцидентот бил расправија меѓу соседи, а инцидентот се случил во петокот околу 14:30 часот. Во еден момент, 25-годишниот маж наводно извадил два ножа, кои подоцна ги употребил за да им се закани на полицајците.
Хрватот, објавува германскиот весник, лесно повредил 39-годишен маж и уште еден сосед (50) со оружјето, пред да избега.
Кога службите за итни случаи го фатиле во близина кратко потоа, ситуацијата ескалирала.
Свет
Во Украина има 700.000 руски војници, еве каде е најголемата концентрација

Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина (ГУР) информираше дека на територијата на Украина моментално има околу 700.000 руски војници.
Поголемиот дел од руските војници се концентрирани во регионот Донецк, што укажува на главниот приоритет на Кремљ, изјави претставникот на Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина, Андриј Јусов.
Тој истакна дека овој број не ги вклучува само редовните војници, туку и силите за поддршка, специјалните служби и Руската национална гарда.
Претставникот на ГУР нагласи дека севернокорејските војници кои учествуваат во украинскиот конфликт се борат само на руска територија.
Фактот дека Северна Кореја ги испратила своите војници да се борат против Украина стана познат минатата есен, а потоа се зборуваше за бројот на војници кои достигнале дури 12.000, објавуваа дел од украинските медиуми.
Оваа пролет, јужнокорејските разузнавачки служби објавија дека нова група од 3.000 војници ја напуштила Северна Кореја и отишла во Русија.
Според британските разузнавачки служби, од март оваа година, севернокорејските трупи претрпеле повеќе од 5.000 жртви во битките против украинските вооружени сили во Курската област на Руската Федерација.