Свет
Судијата Анѓушев и правобранителот Димовски во притвор
Судијата и заменик-правобранителот со
злоупотреба му овозможиле на бизнисменот Кољо Мечкаров да го купи Домот на АРМ
Судијата и заменик-правобранителот со
злоупотреба му овозможиле на бизнисменот Кољо Мечкаров да го купи Домот на АРМ
Судијата Благој Анѓушев (57) од Основниот суд во Велес и поранешниот
заменик-јавен правобранител за Велес, Никола Димовски (44), добија по 15 дена
притвор, откако против нив беше поднесена кривична пријава за злоупотреба на
службената положба. Двајцата осомничени од завчера се сместени во Истражниот
затвор „Скопје“. Судијата Анѓушев во текот на истрагата се повикал на судскиот
имунитет, поради што Судскиот совет на Македонија по итна седница одлучил да му
го одземе имунитетот. Неговиот адвокат вели дека постапката на полицијата,
истражниот судија и на Обвинителството била коректна, но дека притворот не бил
потребен.
– Осомничениот судија Анѓушев не може да влијае на сведоците и да ја попречи
истрагата. Сите релевантни податоци, изјави на сведоците и учесниците во овој
случај се наоѓаат во неколку предмети во Основниот суд во Велес и очекувам дека
тој наскоро ќе биде на слобода – изјави Борче Стојанов, бранител на Анѓушев.
Ова го тврди и адвокатот Тони Димковски, бранител на експравобранителот.
Обајцата ја обжалиле одлуката за притвор.
„Дневник“ во ноември лани објави дека инспектори од одделот за организиран
криминал во МВР подолго време во Велес ја испитуваа продажбата на Домот на АРМ.
Тие неколку месеци работеле на случајот, што резултираше со кривична пријава
против двајцата функционери.
Продажбата на Офицерскиот дом во Велес се одвиваше по пат на јавно наддавање.
Целиот договор е спорен бидејќи не бил почитуван рокот од осум дена за плаќање
на понудената сума од 244.000 евра, што требало да ги плати сопственикот Кољо
Мечкаров. Судијата Анѓушев и покрај тоа, на 26 мај 2005 година му издал решение
за сопственост на Мечкаров, потврдувајќи дека тој ги уплатил парите, но само
врз основа на извод од сметката на неговата фирма, на која ја имало потребната
сума. Таквото решение не го обжалил тогашниот заменик-правобранител Никола
Димовски, иако немало никаков доказ дека сумата е платена. Тоа подоцна го
утврдила и Владата, па им наложила на министерствата за одбрана и за финансии
да го поништат јавното наддавање.
Со судското решение што го добил, Мечкаров успеал да извади имотен лист.
Мечкарот ги уплатил парите во минатата година, еден ден откако државата од
Судот си го побарала имотот назад. Заменикот-јавен правобранител Димовски и
покрај дописите од МО, не поднел жалба до Апелацискиот суд, по што пресудата на
Анѓушев за сопственоста на објектот на 15 јуни минатата година станала
правосилна.
Петар
Печков
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Никој не ги принудува нашите војници да умираат за урнатини
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги замоли своите сојузници од Европската Унија да ги надминат своите поделби околу користењето на замрзнатите руски средства, велејќи дека обезбедувањето ново финансирање е клучно за економијата на Украина, разурната од војна.
„Се надевам дека ќе ја добиеме оваа одлука. Во спротивно, ќе мора да најдеме алтернатива, тоа е прашање на нашиот опстанок. Затоа ни е толку потребна. И сметам на нашите партнери“, изјави Зеленски за Блумберг.
Безусловната западна поддршка за Киев е поткопана
Европската Унија ја одложи до декември одлуката за предлогот за користење на замрзнатите руски средства за „кредит за репарација“ од 140 милијарди евра за Украина. Русија, во меѓувреме, бавно напредува на бојното поле и ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина за да ја поткопа нејзината економија додека се приближуваат зимските месеци.
Руската инвазија е во својата четврта година, додека украинската влада се бори со разорена економија и исцрпени војници во најлошиот конфликт во Европа од Втората светска војна. Покрај тоа, безусловната западна поддршка за Киев еродираше по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, анализираат медиумите.
Со прекинувањето на финансирањето од САД, европските влади ветија дека ќе ја зголемат помошта за да се одбранат од новата закана од Кремљ.
„Русија мора да плати за оваа војна. Парите од замрзнатите средства ќе ѝ помогнат на Украина да купи повеќе воздушна одбрана од САД и Европа и да го финансира производството на беспилотни летала за напади врз руски цели. Немаме дополнителни пари. Ова е начинот и ова е фер“, тврди Зеленски.
Тој посочи дека Трамп би можел да испрати „добар сигнал“ до европските лидери со тоа што ќе почне да користи милијарди руски средства замрзнати во САД. „Трамп има повеќе од пет милијарди долари руски средства, можеби ќе одлучи да ги потроши тие пари. Тоа ќе помогне“, истакна Зеленски.
„Минатата американска акција, како што се енергетските санкции, исто така ги охрабри европските партнери да донесат некои силни одлуки“, додаде тој. Тој откри дека Украина започнала да произведува беспилотни летала пресретнувачи заедно со САД.
Украинскиот лидер верува дека рускиот претседател Владимир Путин води намерна кампања за заплашување на Европа со неодамнешните упади на беспилотни летала и борбени авиони во воздушниот простор на НАТО. „Успеа да ги направи лидерите помалку спремни да испратат системи за воздушна одбрана во Украина. Мислам дека ги исплаши, тоа беше неговата цел и ја постигна. Без сомнение, тоа беше психолошко заплашување“, забележа тој.
„Не можеме да ја напуштиме источна Украина“
Тој призна дека Украина се соочува со „многу тешка“ ситуација во градот Покровск во регионот Донецк, каде што руските сили се обидуваат да ја преземат контролата по месеци интензивни борби. Зеленски инсистира дека секоја одлука за повлекување на силите е прашање на воените команданти на терен.
„Никој не ги принудува да умрат заради урнатини. Ќе ги поддржам нашите војници, особено командантите што се таму. Најважно за нас се нашите војници“, нагласи тој. Тој е убеден дека Русија бара победа во Покровск за да се обиде да го убеди Трамп дека Украина треба да се повлече од целиот Донбас, кој се состои од регионите Донецк и Луганск, за да се стави крај на војната.
„Не можеме да ја напуштиме источна Украина. Никој нема да го разбере тоа, луѓето нема да го разберат тоа. А главната работа е дека никој нема да ви гарантира дека ако го освојат овој или оној град, нема да одат понатаму. Нема фактор на одвраќање“, рече тој.
Фото: принтскрин
Свет
Володин: Затворете го Би-Би-Си, со децении ни штетат, а сега се обидoa да им наштетат и на САД
Претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, ја повика владата на Велика Британија да го затвори Би-Би-Си поради уредување на изјавата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во врска со немирите во Капитол во 2021 година.
„Новинарството е пред сè факти и бројки, а клеветите и лажните вести не водат кон ништо добро. Затоа во Англија треба да го затворат Би-Би-Си и да ја распуштат оваа организација, бидејќи се обиде да им наштети на Соединетите Американски Држави. Тие ни штетат со децении“, рече Володин на пленарната седница.
Тој се осврна на нивниот деструктивен придонес кон распадот на Советскиот Сојуз, истакнувајќи дека сега се обидуваат да го сторат истото и на Соединетите Американски Држави, дискредитирајќи го претседателот.
Володин верува дека би било исправно американскиот Конгрес да им ги одземе акредитациите на новинарите на Би-Би-Си, објави ТАСС.
„Тие се шетаат таму, озборуваат, измислуваат работи за САД и нивниот избран претседател. Каде е ставот на американските конгресмени? Зошто молчат?“, праша претседателот на Државната дума.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека чувствува „обврска“ да ја тужи Би-Би-Си за злонамерно уредување на еден од неговите говори, бидејќи се приближува рокот до кој британската служба треба да одговори на неговата правна закана.
Фото: принтскрин
Свет
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг го откажа учеството на состанокот на Г20
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг го откажа учеството на самитот на Г20 на водечките индустријализирани и земји во развој, што ќе се одржи во Јужна Африка кон крајот на ноември, објави денес кинеското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението за медиумите на кинеското Министерство, кое го пренесува „Cajt“, се наведува дека Кина ќе биде претставена на самитот на Г20 во Јоханесбург од премиерот на таа земја, Ли Џијанг.
Учеството на самитот на Г20 претходно го откажаа американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, што значи дека, за прв пат од основањето на групата, шефовите на држави и влади на трите најмоќни земји од Г20 нема да учествуваат на самитот.
Како што е најавено, Русија на состанокот во Јоханесбург ќе биде претставена од заменик-шефот на претседателската администрација Максим Орешкин.
Трамп првично објави дека на самитот ќе го претставува потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џ.Д. Венс, но неодамна објави дека целосно ќе го бојкотира самитот, наведувајќи ја наводната дискриминација врз белите малцинства во Република Јужна Африка, како и внатрешната и надворешната политика на земјата.
Групата Г20 вклучува 19 земји, како и Европската Унија и Африканската Унија.
Република Јужна Африка го презеде претседателството со Г20 од Бразил во декември 2024 година и ќе биде на чело на организацијата до крајот на ноември, кога САД треба да го преземат претседателството.
Фото: принтскрин

