Свет
Милион евра незаконска отштета
Истиот заменик-јавен правобранител, како и во „Бачило“ не поднесол жалба на пресудата за обесштетување на фирмата на Љупчо Палевски
АНТИКОРУПЦИСКА ОТКРИ „БАЧИЛО“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ
Истиот заменик-јавен правобранител, како и во „Бачило“ не поднесол жалба на пресудата за обесштетување на фирмата на Љупчо Палевски
Државата неосновано му исплатила повеќе од еден милион евра на Љупчо Палевски, сопственик на „УПА Ентерпрајс Љупчо ДООЕЛ“ од Скопје за рушење објекти поради тоа што јавното правобранителство не поднело жалба на пресудата на првостепениот суд, соопшти вчера Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Дневник“ дознава дека заменик-јавниот правобранител што учествувал во овој процес е Миодраг Стефановиќ, кој и во случајот „Бачило“ не поднесол жалба на пресудата за отштета исплатена на Иснифарис Џемаили. Антикорупциската формирала предмет за случајот, отворен врз основа на ревизорскиот извештај за работата на Министерството за транспорт и врски.
„Комисијата утврди дека постојат основи за сомневање дека во случајот станува збор за незаконитост и корупција.
Државниот, односно буџетот на Министерството за транспорт и врски е оштетен за 70.676.000 денари или 1.149.203 евра. Комисијата смета дека постои основано сомневање во основата за досудување, висината и исплатата на надоместот на штета на УПА Ентерпрајс од Скопје за рушење на дел од објектите на улицата Пиринска број 43 и 45“, соопшти вчера антикорупциската.
НЕМ НАБЉУДУВАЧ НА ГРАБЕЖОТ
Комисијата го темели своето сомневање на пресудата на Врховниот суд од 2002 година со која се укинува одобрението за градење на овие објекти. Јавното правобранителство и во овој, како и во случајот „Бачило“, не вложило жалба ни какво било редовно или вонредно правно средство против пресудата на скопскиот Основен суд 1, со која државата била задолжена да му плати отштета од 51.571.524 денари плус камата.
Антикорупциската комисија објаснува дека заменик-јавниот правобранител на главната расправа одржана 14 јули 2004 година не покажал никаква активност и не предложил никакво дејство за утврдување на фактичката состојба и за оспорување на тужбеното барање. На овој начин тој ја злоупотребил службената положба и не ја извршил службената должност. Тој бил само обичен нем набљудувач на неоснованото одлевање на државните буџетски пари, што бил должен да ги штити. Ни во судската постапка пред првостепениот суд – се вели понатаму во соопштението – не биле направени потребните напори за утврдување на фактичката положба, за целосно и објективно утврдување на сите факти за настанот и за висината на штетата.
Освен едно недоволно критички оценето вештачење не е изведен и утврден ниту еден друг доказ. И министерството за транспорт и врски не презело никакви мерки да спречи настанување имотната штета на државниот буџет иако на крајот на ноември 2005 година, пред исплатата на средствата, било запознаено со текот и нерегуларностите на судската постапка и за пресудата на Врховниот суд.
Исплатата на досудената штета била извршена на сметката на адвокатот Славко Секулов, а не на фирмата на Палевски.
ОДГОВОРНОСТ ЗА ПРАВОБРАНИТЕЛОТ
Државната комисија поднела иницијатива до Јавното обвинителство да поведе постапка за казнено гонење на инволвираните од Јавното правобранителство и во Министерството за транспорт и врски, како и на сите инволвирани од фирмата „УПА Ентерпрајс“, адвокатот-полномошник на фирмата во предметот. Комисијата смета дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување, даночно затајување и оштетување и повластување на доверители, со кои е предизвикана штета од големи размери на државниот буџет. Комисијата ќе поднесе иницијатива и до Владата да поведе постапка за утврдување на одговорност на Јавниот правобранител на Македонија, поради „несовесно, неодговорно и непрофесионално постапување во извршувањето на законските обврски за заштита на имотните права и интереси на Република Македонија“, бидејќи покрај крајниот инертен однос во постапката, не поднел жалба ни друго правно средство против пресудата на Основниот суд Скопје 1 од Скопје.
Антикорупциската комисија до Јавното правобранителство ќе поднесе иницијатива за обнова на постапката за овој предмет и да се предложат привремени мерки за заплена и забрана за отуѓување и располагање со имотот на фирмата на Палевски и сметката и имотот на неговиот полномошник адвокатот Славко Секуловски. Предметот ќе биде доставен и до Врховниот суд и до Републичкиот судски за да се испита одговорноста на судиите кои постапувале по предметите за надомест на штета и за извршување на пресудата.
(Н.Н.С.-И.К.И)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Свет
Макрон: Франција ќе им помогне на Палестинците да изработат устав за идната држава
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе ѝ помогне на Палестинската самоуправа во изработката на устав за идната палестинска држава. Изјавата ја даде по средбата со Махмуд Абас во Париз.
Макрон најави формирање заеднички француско-палестински комитет кој ќе работи на правните, институционалните и организациските аспекти на идниот устав. Тој додаде дека Франција ќе обезбеди 100 милиони евра хуманитарна помош за Газа до крајот на годинава.
Абас истакна дека Палестина се залага за „држава посветена на дијалог, мир и владеење на правото“.
Франција, Велика Британија, Канада и Австралија годинава ја признаа палестинската држава, со што се приклучија на повеќе од 140 земји кои го поддржуваат нејзиното создавање. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, го осуди овој чекор, оценувајќи дека со тоа „се наградува Хамас“.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.

