Свет
Нехумани услови во македонските затвори
Лебарки шетаат по подот, затворениците спијат по ходници, а на менито само грав, компир и макарони
Лебарки шетаат по подот, затворениците спијат по ходници, а на менито само грав, компир и макарони
Даниела Трпчевска
„Во просториите каде што се сместени осудениците има по седум-осум железни кревети, на кои постелнината е чиста, но стара и дотраена, прозорците се многу стари, но големи и овозможуваат добра светлина и природна вентилација. Ѕидовите во собите, како и во ходниците, се зачадени, бидејќи во зимскиот период за огрев се користат дрва и очигледно е дека повеќе години не се молерисани. Најлоша е состојбата со санитариите кои се дотраени и одвај ги задоволуваат најосновните потреби, поради што е неопходно итно реновирање". Ова е оцената на народниот правобранител по увидот направен во текот на мај и јуни годинава во Отвореното одделение на Казнено-поправната установа „Идризово", како и во другите казнено-поправни установи во земјава.
Општата констатација на омбудсманот е дека затворениците ја издржуваат казната во нехумани услови, со исклучок на затворот во Штип и Отвореното одделение на затворот „Битола" во Прилеп. Како најдобра се посочува и состојбата во Отвореното одделение во Струмица и затворот во Гевгелија, каде што се обезбедени добри услови за престој на затворениците, додека алармантни се условите во затворот во Тетово и ВП Домот за малолетници, кој е сместен во Шуто Оризари, во кругот на затворот „Скопје", поради што се бара негова итна дислокација.
„Лошата состојба поради руинираниот и дотраен мебел, присуството на лебарки, недоволната хигиена, осветлување и свеж воздух, присуството на влага и спиењето по под и ходници го нарушуваат човековото достоинство и се во спротивност со пенолошките стандарди за современи услови за престој", заклучува народниот правобранител. Оваа институција има забелешки и за количината и квалитетот на храната која е недоволна и несоодветна, бидејќи за главните оброци најчесто се приготвуваат грав, компир и макарони. Омбудсманот нема забележано случаи на насилство и тортура врз осудениците, иако во мал обем е забележана употреба на средства за присила во функција на одржување на куќниот ред.
„Некои лица од обезбедувањето се однесуваат некоректно спрема осудениците, ги малтретираат и не им овозможуваат целосно остварување на правата, особено во однос на посетите и слободните викенди, при што селективно и неосновано им се скратуваат тие права", се наведува во извештајот. Сепак, најголемиот број забелешки се однесуваат на просторните услови. Најалармантна е состојбата во затворот „Скопје", каде што во една просторија се сместени многу поголем број лица отколку што е предвидено со законските прописи, а поради недостиг од кревети има осуденици кои ноќеваат на душеци поставени на подот и во ходниците, што, пак, негативно се одразува на нивното здравје. Во затворот во Шуто Оризари, чиј сместувачки капацитет изнесува 226 кревети, престојуваат двојно повеќе, односно 416 лица. Според извештајот, не е задоволителна ниту кадровската состојба, иако во текот на годинава беа преземени лица од АРМ кои се распоредени по установите. Но, се забележува дека тие не поминале никаква обука за работа во казнено-поправна установа или со осудени лица.
„Во трпезариите нема прибор за јадење и инвентар, недостига облека, обувки и постелнина, чие одржување не е на задоволително ниво и најчесто е на товар на затворениците. Одржувањето на личната хигиена на осудените и притворените лица е загрижувачка, а поради неисправност на бојлерите осудениците се принудени да затоплуваат вода на грејни тела во спалните соби. Спортските и забавните активности се сведени на минимум поради недоволниот број спортски реквизити и технички помагала", укажува народниот правобранител.
Во затворите во Тетово, Битола и во „Идризово", поголем број осуденици не се работно ангажирани, а на оние, пак, што работат не им се исплаќа паричен надоместок ниту, пак, им е овозможено дополнително одржување на личната хигиена. Во извештајот се укажува и на проблемот со здравствената заштита, бидејќи некои од затворите немаат вработен медицински персонал. Како особено загрижувачка се посочува состојбата со осудените лица-зависници од опојни дроги, па се поздравуваат напорите на „Идризово" за надминување на овој проблем со отворањето на метадонскиот центар. Народниот правобранител препорачува реорганизација на мрежата на затворите, со што ќе се растоварат од сегашната прекубројност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

