Економија
УЈП: Државата не го урива концептот на бруто плата
„Токму синдикатот треба да биде запознаен со бенефитот од воведувањето на концептот на бруто плата за работниците, за што уште пред воведување на оваа реформа и за цело време од преземањето на надлежностите во делот на социјалните придонеси, УЈП ја информираше јавноста“, реагира УЈП
Реакцијата на Управата за јавни пригоди (УЈП) се однесува на прилогот емитуван на телевизијата во вечерниот дневник во четврток, поточно на изјавата на претставникот на Сојузот на синдикатите во кој Државата го урива концептот бруто-плата. Со последните блокади на жиро-сметките на фирмите основната цел на УЈП е само да го наполни буџетот, и притоа да не се мисли за работниците, со што истовремено се минира проектот. УЈП остро реагира на несериозноста на ваквите информации и невистините кои се пласираат во јавноста.„Со воведувањето на бруто-платата, ќе се надмине досегашната практика на некои работодавци да плаќаат само придонес за здравствено осигурување, или да се исплаќа нето-плата во готовина, а придонесите да се плаќаат на ниска основица или, пак, воопшто да не се плаќаат, а вработеното лице за истото да нема информација. Во едногодишното функционирање на новиот систем, ваквите најави се покажаа за точни. Токму сузбивањето на ваквите појави и обидите на некои работодавци да ја доведат во прашање социјалната сигурност на работници, беше и една од основните цели на воведувањето на овој систем“, се наведува во писмената реакција на УЈП. Од Управата појаснуваат дека преку поврзувањето на исплатата на „нето-платата“ на вработените лица и истовремената исплата на придонесите, оваа реформа му овозможува на секое вработено лице во истиот момент на исплатата на нето-платата, да му бидат платени и социјалните придонеси и персоналниот данок на доход.„Интегрираната наплата на ’бруто-платата’ се однесува на сите фази на даночната постапка, вклучувајќи ја и постапката на присилна наплата. Поинаку и не може да биде бидејќи новиот систем за исплата на платите е така конструиран. Концептот на бруто-плата подразбира интегрирана наплата на сите компоненти на платата: нето-плата, социјални придонеси и персонален данок. Овој принцип се однесува и на спроведувањето на постапката на присилна наплата, односно и на последните извршени блокади од страна на УЈП. Со блокадите на жиро-сметките, УЈП и налага на банката од сметката на работодавецот да се наплати целиот износ на бруто-платата. Во случаи ако на сметката на работодавецот нема доволно парични средства за реализација на целиот износ за бруто-платата (придонеси, данок и нето-плата), банката не може да врши делумна наплата, на пример само наплата на придонеси. Во ваков случај сметката на работодавецот останува блокирана се додека да се соберат парични средства за исплата на целиот износ на бруто-плата, со што во исто време ќе бидат наплатени јавните давачки и нето-платата на вработениот (значи, постапката е иста како и во редовната наплата, односно од сметката на работодавецот во ист момент ќе бидат наплатени придонесите и данокот на буџетските сметки, а на трансакционите сметки на вработените лица ќе им биде пренесена и исплатена нето-плата)“, стои во реакцијата на УЈП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

