Македонија
Мустафа: Борба против тивкиот апартхејд над Ромите

Решително да се бориме против омразата и предрасудите врз Ромите кои го хранат тивкиот апартхејд, како што тоа отворено го нарекуваат некои истакнати активисти и борци за човекови права во Европа, порача министерот без ресор, Неждет Мустафа
Апелот беше упатен на денешната конференција за состојбата на Ромите во Европа, која се одржува во Стразбур по иницијатива на министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, како претседавач со Комитетот на министри на СЕ и Генералниот Секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд.Министерот Мустафа во својот говор нагласи дека обединета и демократска Европа којашто ги почитува правата на малцинствата неминовно треба да подразбира почит кон Ромите и нивните легитимни и демократски барања за еднакви права и рамноправен граѓански статус во рамките на европските општества.„Со задоволство можам да го истакнам фактот дека РМ е меѓу највисоко рангираните држави во поглед на степенот на спроведување на активностите за поголемо вклучување на Ромите во општеството. Ромската заедница во РМ има своја локална самоуправа, свој министер во Владата, пратеник во македонското Собрание, свои училишта и медиуми,“ рече Мустафа.Тој изрази надеж дека со Стразбуршката декларација која ќе биде усвоена на крајот од конференцијата залагањето нема да биде само декларативно. „Република Македонија, како земја-претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа, силно ги поддржува и е директно вклучена во активностите на Советот на Европа за градење на проактивен, кохерентен и усогласен пристап меѓу земјите-членки во решавањето на конкретните проблеми со кои се соочува ромската популација во европските држави,“ додаде тој. Конференцијата, на која обраќање ќе има и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски доаѓа во време кога Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун пред Советот на Европа во Стразбур изрази жалење поради тоа што развиените земји ја користат загриженоста за имиграцијата и рецесијата како изговор за примена на политика на дискриминацијата и исклучувањето. „Во многу од развиените земји, имиграцијата и економската рецесија предизвикуваат растечка загриженост која се повеќе им служи како изговор за политичката дискриминација и исклучувањето,“ рече во вторникот Бан на церемонијата на одбележувањето на 60-годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влада: Се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија како и изградба на тунелот како гранична точка

„По средбата на високо ниво меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, а понатаму и работните групи од двете земји, се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија како и изградба на тунелот како гранична точка“, велат од Владата.
„Во рамки на тие активности, денеска Владата на седница донесе одлука да се ефектуира Договорот за грант за техничка поддршка во висина од 3,7 милиони евра добиен од Европската Инвестициска Банка.
Со ова, избраниот Консултант во следниот период ќе изработи нова проектна документација, како и подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач.
Дополнително да се забрзаат активностите, ЈП за Железничка Инфраструктура ќе започне постапка за избор на Надзор на изградбата.
Преку овие активности, Владата во континуитет покажува цврста заложба во реализација на стратешко-инфраструктурните проекти за државата.
Изградбата и модернизацијата на железничката мрежа е приоритет на Владата и во рамките на тие приоритети се преземаат засилени активности за доизградба на железницата на Коридор 8, како и изградба на брза пруга на Коридор 10.
Овие проекти кои имаат и регионално значење ќе ја позиционираат државата како транзит земја на Балканот- дел од европските транспортни рути со што бенефитот е повеќекратен.
Проектите за развој и модернизација на целокупниот железнички систем претставуваат стратешки проекти на државата за регионално поврзување, забрзан економски развој и отворање на нови пазари за домашните компании“, соопштува Владата.
Македонија
„Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични овошја, Министерството за одбрана набавува кафе и алкохол за 31.000 евра“, велат од СДСМ

„Додека стандардот на граѓаните постојано опаѓа и семејствата едвај врзуваат крај со крај, владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се луксузира со народните пари. Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични и прескапи овошја, Министерството за одбрана на Мисајловски склучило договори со пет компании за набавка на кафе, вино, ракија, мастика и други алкохолни пијалоци во вредност од 31.000 евра“, соопшти СДСМ.
„Во реалноста, народот не може да си дозволи ниту основни работи. Последните податоци покажуваат дека синдикалната потрошувачка кошничка достигна 65.507 денари, на граѓаните им се потребни речиси 3 минималнни плати за да ги покријат само основните трошоци. Многу производи се недостижни за голем број семејства во државата.
ВМРО-ДПМНЕ ја држи Македонија со најниската минимална плата во целиот регионот и упорно одбива да ги покачи платите и да ги намали цените кои се превисоки. Просечната плата е само една третина од европскиот просек, додека цените на основните производи достигнуваат до 60% од просекот во Европа.
Ваквата расипничка политика на власта е доказ дека Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот кој секој ден тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Народот денес е побогат од времето на СДС, единствена разлика е што нема милиони за Филипче и Заев од државниот буџет“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче одамна изгубил чувство за реалноста, очигледно некаде по првиот тендер како министер за здравство, но сега откако беше на јахтата на Заев и тоа малку што го имал го нема. Народот денес е побогат од времето на СДС. Единствена разлика е што нема милиони за него и Заев од државниот буџет“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавите на Венко Филипче.
„Бројките се секогаш тврдоглави, а тие го говорат следното:
Растот на просечната нето-плата во период од последната година кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт е 10.3%, за разлика од периодот кога СДС беше на власт, кога просечната плата порасна за 8.3%.
Уште поголем удар за СДС е фактот што реалниот пораст на просечната плата во период на ВМРО-ДПМНЕ е двојно поголем од периодот на СДС. Имено порастот на реалната плата во време на ВМРО-ДПМНЕ е 6.7%, за разлика од 3.5% во време на СДС. Тоа значи дека стандардот на граѓаните сега, е поголем од времето кога СДС беше власт.
Кога сме кај инфлацијата, и таму бројките се лоши за СДС. Имено во време на СДС инфлацијата во просек изнесувала 4.8%, за разлика од сега кога во просек е 3.6%.
СДС и Филипче може да лажат колку сакаат, но едно не можат да сменат, а тоа е реалноста“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.