Економија
„Пивара„ Скопје инвестира 2,5 милиони евра

Пивара Скопје АД инвестира 2,5 милиони евра во иновативна Станица за био третман на води, прва таква во земјата. Постројката треба да биде пуштена во работа оваа есен, а ќе придонесе за заштеда на вода и енергија неопходни за производствениот процес.
Пивара Скопје АД инвестира 2,5 милиони евра во иновативна Станица за био третман на води, прва таква во земјата. Постројката треба да биде пуштена во работа оваа есен, а ќе придонесе за заштеда на вода и енергија неопходни за производствениот процес.
Во тек се интензивните градежни работи кои се очекува да завршат оваа пролет, по што ќе почне инсталирањето на опремата.
Тоа што го чини овој проект уникатен е фактот дека станува збор за иновативен биолошки третман на водата која останува за време на производните процеси, по што таа ќе може повторно да се користи како техничка вода, а гасовите кои ќе се ослободуваат за време на третманот ќе бидат искористени за производство на енергија.
„Придобивките од овој иновативен и општествено корисен проект ќе бидат повеќекратни. Со заштедата на вода и енергија што се овозможува со примена на најсовремена технологија која ќе биде вградена во новата постројка, се зголемува целокупната енергетска ефикасност на компанијата, но истовремено остануваме конзистентни во нашите напори за заштита на животната средина што не чини посебно горди. И со оваа инвестиција „Пивара“ Скопје АД уште еднаш покажува дека е општествено одговорна компанија која континуирано инвестира во својот развој, истовремено водејќи сметка и за интересите на пошироката заедница”, објаснува раководителот на проектот, Кирчо Стојанов, менаџер за производство.
Целокупната реализација на оваа инвестиција, „Пивара“ Скопје ја спроведува преку партнерски однос со надлежните институции, пред се општината „Гази Баба“ и Министерството за животна средина и просторно планирање. /крај/пд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Манасиевски: Македонија ќе стане транзитен центар за гас и нето извозник на струја

„Од држава што увезуваше струја и беше енергетски слепо црево, сега стануваме транзитен центар за гас и иднина на извоз на енергија – ова е енергетиката со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача денеска Валентин Манасиевски.
Манасиевски го презентираше прегледот на првата година работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика, потенцирајќи дека е направен радикален пресврт по, како што рече, „седум години застој и злоупотреби“.
Тој најави дека преку новите гасни интерконектори со Грција и Србија, Македонија ќе стане клучна транзитна точка за пренос на природен гас кон Србија и Средна Европа. Станува збор за гас од ТАП гасоводот и од терминалот во Александропулис, кој ќе поминува низ земјава со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.
„Ова значи гаранција за енергетска диверзификација на целиот регион и значително зголемување на употребата на неруски гас – американски, азербејџански и друг“, изјави Манасиевски.
„Само за една година поставивме темели за Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Следуваат големи проекти за производство на струја – фотоволтаици, хидро, ветро и нови инвестиции,“ рече Манасиевски.
Тој посочи дека новиот Закон за енергетика го поставува секторот на стабилни нозе, а новиот услов за батериски системи кај фотоволтаичните централи ќе овозможи поефикасна и стабилна мрежа.
Дополнително, тој информираше дека е инсталиран нов 400kV трансформатор во Битола 2, со што се гарантира стабилноста на југозападниот дел од државата. Концесискиот надомест за рудниците, пак, е зголемен два и пол пати, што директно го полни буџетот на државата.
„Одговорна власт значи повеќе пари за државата, не за партиски џебови“, истакна Манасиевски.
Економија
Трет ден хаос со „МојДДВ“, граѓаните револтирани, не можат да скенираат фискални сметки

Апликацијата „МојДДВ“ не функционира веќе трет ден, а револтирани граѓани масовно пријавуваат дека не можат да ги скенираат фискалните сметки и да го остварат своето право на поврат на ДДВ.
Проблемите со апликацијата започнаа уште пред неколку дена, а Управата за јавни приходи (УЈП) вчера официјално потврди дека станува збор за технички проблем и увери дека се работи на негово отстранување.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција“, велат од УЈП.
Од институцијата не прецизираат кога „МојДДВ“ ќе проработи, а засега корисниците се оставени да чекаат, со надеж дека нема да изгубат право на поврат на средства.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавуваат реакции од граѓани кои се жалат дека изгубиле време обидувајќи се безуспешно да ја користат апликацијата. Многумина бараат одговорност и транспарентност од институциите, но и посочуваат дека слични прекини во работата на апликацијата се случуваат сè почесто.
Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.