Македонија
Градоначалникот на Гази Баба даде отчет за сработеното

Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски денеска на прес-конференција даде отчет за сработеното откако тој ја извршува градоначалничката функција
Според Трајковски, хигиената, чистотата и екологијата во Гази Баба за чија цел беа ангажирани 80 сезонски работници биле приоритет на општинската администрација.„Покрај тоа, донесени се неколку детални урбанистички планови. Во завршна фаза е фекалната канализација „Инџиково-Хиподром“ во соработка со Град Скопје. Довршена е изградбата на филтер станицата во Раштак со поставување на електрична мрежа до станицата, изградбата на двата резервоари во село Виниче, како и поставувањето на секундарна мрежа во Камник“, рече Трајковски.Тој истакна дека во наредниот период ќе се работи на тампонирање на улици и изградба на тротоари. Според него, исчистен е дел од кејот на реката Вардар, а спроведена е и пролетна акција за расчистување на дивите депонии, уредување на парковите и отстранување на хаварисаните возила.Во однос на развој на спортот во општината, покрај останатите завршени проекти, Трајковски потенцираше дека одржани се малите олимписки игри на кои настапија 1.600 деца од цела Македонија, а успешно се завршени и училишните лиги во фудбал, кошарка и ракомет.Градоначалникот издвои и неколку досега реализирани проекти од културата, како што се настапи на оркестри, ревија на народни песни и инструменти…итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Интерпелацијата на Тошковски на дневен ред во Собранието

Пратениците денеска треба да расправаат за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од пратеничката група Левица. Пленарната седница е закажана во 11 часот.
Левица ја поднесе интерпелацијата на 14 април поради тоа што, како што велат од партијата, Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.
Од Левица велат дека интерпелацијата е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени. Според партијата, МВР потфрлило и во тоа што долг период во истрагата не биле вклучени функционери и носители на функции блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Марш за ангелите“ – семејствата на жртвите во пожарот во Кочани на протест во Скопје

Семејствата на загинатите во трагичниот пожар во Кочани за денеска најавија протестен „Марш за ангелите“ во Скопје.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со ‘фати, па пушти’, без да има јасно образложение за таа законска процедура и што се создава во нашите мисли, кои се на работ на себеуништување“, се истакнува во писменото известување од семејствата.
Во повикот е нагласено дека тие и понатаму ќе бараат одговори за насилната смрт на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на Македонија.
Маршот, според најавите, ќе почне пред Oбвинителството во Скопје во 12.05 часот како симболика за задоцнетата реакција на институциите, а ќе продолжи кон плоштадот Македонија и ќе заврши пред Собранието.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени

Времето денеска ќе биде поведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Денеска и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст.