Македонија
Милошоски и Друцас се договорија пред Нимиц пак да ги образложат позициите
Посетата меѓу македонскиот шеф на дипломатијата и грчкиот алтернативен минситер за надворешни работи траела речиси половина час, која е оценета од двете страни како позитивен исчекор кон решавањето на спорот за името
Посетата на медијаторот Метју Нимиц на крајот на февруари или на почетокот на март би била добра можност уште еднаш и Македонија и Грција да му ги образложат своите позиции и истовремено да му се даде поттик за неговиот ангажман за понатаму да ја динамизира неговата работа и да се очекува напредок, се согласија на денешната прва билатерална средба во Лондон македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Димитриос Друцас.Министерот Милошоски оценувајќи ја средбата како навремена, јави известувачот на МИА, потенцира дека било разговарано за билатералниот спор за употребата на уставното име на Република Македонија. Според шефот на македонската дипломатија, грчката страна била резервирана во однос на иницијативата за подигнување на нивото на канцелариите за врски во амбасади во Скопје и Атина.На средбата не било разговарано за отворање на новиот граничен премин кај „Маркова Нога“.Како што изјави по средбата Милошоски, во врска со македонската иницијатива за потпишување спогодба за ослободување од двојно оданочување грчкото Министерство за финансии веќе го разгледува предлогот, а македонското Министерство е подготвено, но останува да се види каква ќе биде политичката одлука од страна на Грција. Милошоски на маргините на Конференцијата имаше кратка средба со американскиот државен секретар Хилари Клинтон на која биле разменети мислења за ангажманот на Македонија во Авганистан и за придонесот што го даваме како единствен член во коалицијата кој е се уште кандидат за членство во НАТО, а се наоѓа на четврто место по придонесот во мисијата ИСАФ.Министерот Милошоски во врска со прашањето за името и ги појаснил на Клинтон македонските позиции и иницијативи, но и подготвеноста на државата на заеднички начин со Грција како што рече да се придвижиме напред за да можеме да стигнеме до компромисно решение кое би било во согласност со меѓународните норми со времената спогодба и со принципите на почитување на правото на самоопределување на секој народ. Шефот на македонската дипломатија Милошоски на крајот од Конференцијата во Лондон потенцира дека Македонија го поддржува планот на авганистанската влада за стратегијата за транзиција, а таа поддршка оцени треба да продолжи од целокупната меѓународна заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

