Свет
Талибанската закана за хуманитарните напори во Пакистан
Странските хуманитарни работници во Пакистан имаат скриена агенда која го надминува нивниот мандат на распределба на помош на цивилите погодени од поплавите и затоа се „неприфатливи“, изјави за Асошиејтед прес портпаролот на талибанското движење „Техрик-и-талибан“, Азим Тарик.
Странските хуманитарни работници во Пакистан имаат скриена агенда која го надминува нивниот мандат на распределба на помош на цивилите погодени од поплавите и затоа се „неприфатливи“, изјави за Асошиејтед прес портпаролот на талибанското движење „Техрик-и-талибан“, Азим Тарик. „Ние велиме дека некој е неприфатлив за нас, а вие самите извлечете заклучок што значи тоа“, појаснил Тарик, одговарајќи на прашањето дали изјавата значи дека странските хуманитарни организации ќе станат цел на нападите на талибанците во Пакистан. Лошо прикриената закана на талибанците доаѓа на само еден ден откако анонимен американски функционер изјави дека милитантите планираат да почнат да ги напаѓаат странските хуманитарни работници кои помагаат при справувањето со последиците од уништувачките поплави. Стратегијата на ТТП е да ја поткопа пакистанската држава со тоа што ќе создадат хаос во земјата и ќе ги исплашат странците, кои играат клучна улога во одржувањето на ослабнатата држава на нозе и на нејзината способност да му се спротивстави на ТТП, сметаа во институтот „Стратфор“. ТТП, според „Стратфор“, воопшто нема потреба фактички да ги изведе нападите; доволно е само да го експлоатира меѓународниот страв дека ќе го стори тоа и ќе го постигне истиот резултат. На почетокот на август, ТТП воведе мораториум на нападите со цел да се олеснат напорите за помош по поплавите, но не го одржа ветувањето. На 23 август беа извршени три напади со импровизирани експлозивни направи, за кои беше осомничен ТТП. Овие напади покажаа дека милитантите се активни И покрај оштетувањата на нивната организациска инфраструктура предизвикана од поплавите. Во март годинава ТТП изврши неколку напади врз седишта и вработени во хуманитарни организации, а меѓу загинатите имаше и странци. Со оглед на репутацијата на ТТП, тие повеќе не треба да извршуваат напади за да ги постигнат своите цели. Доволно е да објават некоја нејасна закана за да ги присилат хуманитарните организации или да ги намалат своите операции, или да ги пренаменат финансиите за да платат за зголеменото обезбедување. Како резултат на нападите во август, Светската здравствена организација соопшти дека безбедносната ситуација веќе придонела кон тоа да се намалат операциите во провинциите Кибер-Пактунква и Балучистан. Какви и да е понатамошни закани најверојатно ќе ги присилат хуманитарните организации кои оперираат во Пакистан повеќе да се фокусираат на безбедноста, наместо на обезбедувањето на помош. Колку и да се маргинални овие поместувања на фокусот на меѓународната хуманитарна помош, секое од нив ја намалува ефективноста на централната влада при обезбедувањето на помошта за жртвите од поплавите. Дури и најмалите намалувања на хуманитарните операции ја продолжуваат кризата, со што централната влада станува поранлива кон јавното незадоволство за тоа како се справува со ситуацијата. /крај/ап/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

