Македонија
Поради силниот снег отежнат патнионот и авионскиот сообраќај

Сообраќајот на патниот правец Маврови Анови Дебар го блокираа дваесетина одрони од карпи и лавини од снег, а екипите на „Македонија пат“ преземаат мерки за расчистување на патот
Поради интензивните врнежи од снег кои почнаа во вчерашниот ден продолжија и во текот на ноќта, во тек е забрана на сообраќајот за сите видови возила на патните правци Маврово-Дебар-Струга-Ќафасан, а на патот Гостивар-Стража-Кичево е забрането сообраќање на тешки товарни возила, информираат од „Македонија пат“. Од Јавното претпријатие велат ги преземаат сите активности за расчистување на патиштата, Автобусите на меѓуградските линии пристигнуваат и тргнуваат со задоцнувања од половина до два часа на сите релации, а поради намалена видливост се откажани две слетувања на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, од Загреб и Виена. Врнежите од снег засега не го попречуваат одвивањето на железничкиот сообраќај, каде се присутни вообичаени задоцнувања од десет минути, велат од Железничката станица во Скопје. Според Управата за хидрометеоролошки работи, врнежите од снег ќе продолжат и во текот на ноќта и утрешниот ден, а се очекува да престанат в недела. Највисока снежна покривка од 124 сантиметри во 18 часот е евидентирана на Попова Шапка, по што следат Лазарополе со 48, Претор и Струга со 42 и Маврово со 33. Снежната покривка во Скопје е 4 сантиметри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.