Економија
Жито Вардар: Мораше да поскапи социјалниот леб

Групацијата „Жито Вардар“, која е единствена во Македонија што произведува таканаречен социјал леб, соопшти дека поскапувањето на социјалниот леб било неминовно. „За жал, во моментов сите трошоци за производство и транспорт на лебот се зголемени, па македонските производители се соочуваат со ситуација во која немаат избор освен да ја покачат цената на крајниот производ“, се вели во соопштението. Од „Жито Вардар“ наведуваат дека веќе половина година работеле брз профит при производството на социјалниот леб.„Ќе се обидеме да започнеме преговори со државата за можноста за менување на стапката на данок во цената на социјалниот леб, како и за преземање на други мерки кои би спречиле понатамошно поскапување“, се вели во соопштението.Социјалниот леб што го произведува „Жито Вардар“ минатата недела поскапе за два денара, а останатите видови на леб поскапеа за најмалку три денари. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ХЕРА: Дополнителни 2,5 милијарди или 15 отсто раст на БДП доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите

Дополнителни 2,5 милијарди или 15 % раст на БДП доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите, ова е заклучокот од Националната конференција од проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, во организација на ХЕРА, со поддршка на британската амбасада.
За економски придобивки од родовата еднаквост зборуваше Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за интернационални економски студии, Австрија, кој рече дека е голема дискрапанцијата помеѓу мажите и жените што работат.
Процените за макроекономските ефекти по БДП покажуваат дека ако вработеноста на жените е иста како кај мажите во Македонија, тоа ќе даде дополнителни 2,5 милијарди евра во БДП, односно пораст на БДП за 15 %. Растот од 15 % БДП, всушност, е економскиот раст што го има постигнато државата во изминатите 8 години, што укажува колку се значајни придобивките од постигнувањето на родовата еднаквост.
„Речиси 53 %, односно повеќе од половина од мажите што може да работат работат. Кај жените процентот е многу понизок, само 38 %. Грубо кажано, секоја трета жена што може да работи работи, а кај мажите секој втор маж работи. Огромен јаз има и во економската структура помеѓу мажите и жените. И тие релативно мал број жени што работат во државата заработуваат многу помалку од она што го заработуваат мажите, односно постои родов јаз во платите и изнесува 16 %. Ако споредите жена и маж што работат иста работа, ќе видите дека жената е платена помалку од 84 %. Овој родов јаз постои и во Европа, но изнесува 12 %“, рече Јовановиќ.
Елизабета Божиноска, програмска директорка, ХЕРА рече дека 93 % од граѓаните потврдуваат дека постои родовата нееднаквост во државата, од кои 64 % сметаат дека таа е реален или потценет проблем. Дополнително, дури 60 % од граѓаните препознаваат колку е важна родовата еднаквост како вредност во интегративните процеси на земјата со ЕУ. Таа ги истакна наодите од пилотирањето на алатката РЕСИ – родовата еднаквост и социјална инклузија на Законот за детската заштита и клучните препораки за поголема активација на жените на пазарот на трудот поврзани со овој закон: подобрен пристап до градинки и установи за згрижување деца во предучилишна возраст и други алтернативни форми за згрижување деца, искористување на неактивниот/невработениот дел на популациајта во услугите за грижа и нивно вклучување во платена работа, отворање детски градинки во состав на правни лица во јавни институции, приватниот и граѓанскиот сектор.
Милка Димитровска, професорка од Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, која ја презентира студијата за перцепциите и ставовите на граѓаните за родовите прашања, истакна дека кога станува збор за обесправеноста на жените, 87 % препознаваат дека жените се најобесправена група, а од трите сектори во кои жените се најмногу дискриминирани, покрај политиката, влегуваат обезбедувањето социјални услуги и пазарот на трудот.
Во однос на перцепцијата за професии, 71,3 % од граѓаните сметаат дека и мажите и жените се еднакво способни да ја работат која било работа. Но, сè уште постојат стереотипи, така што половина од граѓаните рекоаа дека ризичните работи не се за жаните, а 30 % се изјаснија дека негувателските професии не се за мажите“, рече Димитровска.
Економија
Замрзнувањето на цените дава позитивни ефекти, потрошувачката кошничка пониска повеќе од 2.000 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владината мерка за замрзнување на цените и ограничување на маржите на основните прехранбени производи има позитивни ефекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според анализите на ССМ, во месец февруари 2025 година, трошокот за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство изнесувал 23.427 денари. Во март истиот трошок се намалил на 21.838 денари, што претставува намалување од околу 3%. Во април, трошокот дополнително опаднал на 21.280 денари, што претставува вкупно намалување од 2.147 денари или речиси 9% во споредба со февруари“, се наведува во соопштението.
Покрај намалувањето на трошоците, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во март е регистрирано и намалување на инфлацијата, која падна на 2.7%, што е за 1.3% помалку во однос на февруари.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе две одлуки за ограничување на бруто профитните маржи, кои овој пат беа скалесто поставени на 5%, 10% и 15% во зависност од производите, а според ДЗС ефектот е позитивен од двете владини одлуки. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изработува нова потрошувачка кошничка, а цените ќе се пресметуваат како просек од неколку маркети, и кошничката ќе биде јавно достапна. Во рамки на спроведувањето на мерките, досега се извршени над 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и мало, затворени се осум објекти поради прекршување на мерките, а контролите ќе продолжат до 30 април“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Состојбата со електричната енергија под постојан надзор – координирана акција на клучните институции

На денешниот состанок на ресорската група за енергетика, што се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беа разгледани моменталните состојби со снабдувањето со електрична енергија и тековните активности на главните актери во системот. Групата, која ја сочинуваат сите релевантни институции и компании – АД ЕСМ, МЕМО, МЕПСО, Регулаторната комисија и други партнери од секторот, е формирана по иницијатива на министерката Сања Божиновска и има задача да обезбедува постојана координација и брза реакција при какви било ризици во снабдувањето.
Главна тема на состанокот беше анализата на потрошувачката за време на претходните празници и подготвеноста на системот за следниот викенд за време на првомајските празници. Заклучено е дека мрежата успешно го амортизирала зголемениот притисок, без поголеми нарушувања, а сите капацитети остануваат мобилизирани и за претстојниот период.
Од страна на АД ЕСМ беше посочено дека водостојот, кој на крајот на минатата година беше на критични 11%, сега е стабилизиран над 30%, благодарение на внимателното и штедливо управување со ресурсите. Се работи, како што истакнаа од компанијата, со „домаќински и одговорен пристап“ кој веќе дава резултати.
Се разговараше и за напредокот на тековните енергетски проекти, фазите во кои се наоѓаат и предизвиците со кои се соочуваат. Дел од нив се одвиваат според динамиката, додека за некои се иницирани интерни постапки за надминување на забавувањата. Во фокусот беа и идните планови за инвестиции со кои би се зголемила сигурноста и отпорноста на електроенергетската мрежа.
Според министерката Божиновска, ваквата редовна координација е суштинска:
„Секоја проценка, секоја анализа и секој чекор што го правиме има една цел – стабилно и безбедно снабдување за граѓаните и стопанството. Континуираниот дијалог меѓу институциите е гаранција дека навреме ќе ги адресираме сите можни ризици.“
Ресорската група ќе продолжи со редовни состаноци и известувања до јавноста, со акцент на транспарентност и професионален пристап во управувањето со националниот енергетски систем.