Регион
Шешељ: Знаев дека не можат да ми докажат ниедно злосторство

Лидерот и претседател на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ во четвртокот беше ослободен од страна на Хашкиот трибунал по сите обвиненија кои покренати против него, а по ослободителната пресуда порача дека останува на ставот оти „Трибуналот е антисрпски суд и инструмент на новиот светски поредок“, пренесува N1.
„После толку многу процеси против невини Србија, конечно се појавија двајца чесни судии, Французинот Антоанети и Мандиаје Нианг од Сенегал покажаа дека професионализм и образ над сите притисоци. Тие им одолејаа на притисоците и ја донесоа единствената можна пресуда“, порачал Шешељ, додавајќи дека „му е жал поради за сите Срби кои претходно беа осудени од страна на Трибуналот“.
„Огромно е жалењето поради тоа што моите блиску пријатели Милан Матиќ, претседателот на Република Српска Крајина, Толимир кој беше погубен во Хаг, Радован Караџиќ и уште многу други немаа праведен третман од Судскиот совет, а ако имаа чесни судии одамна ќе беа ослободени“, рекол Шешељ.
„Мојот став кон Трибуналот како антисрпски суд и инструмент на новиот светски поредок не се промени. Оној момент кога тргнав во Хаг знаев дека не можат да ми докажат ниедно злосторство. Таму ги победив сите аргументи. Кога ја завршив мојата работа, не ме интересираше пресудата. Поминав без казна, но можеби можев барем малку да добијам за да не беснеат непријателите надвор од Србија“, порачал Шешељ.
Тој додал дека ќе бара и отштета од Хашкиот трибунал поради болестите и времето коешто го поминал во судот.
„Ќе барам 12 милиони евра бидејќи се разболев додека ја чекав пресудата, а доколку ја добијам отштетата тогаш ќе ја распределам за СРС и добротворни цели“, рекол лидерот на Српската радикална партија, кој од страна на Хашкиот трибунал беше ослободен по сите девет точки на обвинението во кое се товари дека со говор на омраза поттикнувал и поддржувал воени злосторства во Хрватска и во Босна и Херцеговина за време на воените судири и протерувањето на Хрватите од Војводина.
Хашкото обвинителство пак, непосредно по ослободителната пресуда најави дека жали за ваквиот развој на настаните и дека ќе разгледа дали постои основа за да врачи жалба на пресудата./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Изгоре луксузна јахта во Будва: сопственикот бил на бродот кога избувнал пожарот

Црногорските противпожарни екипи го изгасија пожарот што избувна на јахта во марината во Будва.
Ова за црногорски „Вијести“ го потврди и раководителот на Службата за заштита и спасување на Будва.
Полициската управа соопшти дека околу 20:15 часот во неделата, полицијата во Будва била известена од сопственикот на јахта закотвена во пристаништето во Будва дека избувнал пожар додека сопственикот бил на бродот.
Јахтата е во сопственост на бизнисменот Б. М., а полицијата објави дека сопственикот на јахтата рекол дека пожарот најверојатно се случил поради дефект.
Пловилото било извлечено од пристаништето откако избувна пожарот кратко по 20 часот, заради безбедност на другите бродови. Седум екипи беа ангажирани за гаснење на пожарот.
фото: принтскрин
Регион
Турист почина кај Неа Врасна, бил извлечен од морето

61-годишен државјанин на Србија трагично почина во морската област Неа Врасна во близина на Солун.
Мажот бил извлечен во бесознание од морето денес напладне. Според соопштението на крајбрежната стража, тимот за итни случаи на ЕКАБ веднаш му укажал прва помош, но без успех, по што телото било префрлено во Здравствениот центар Неа Мадита.
Прелиминарната истрага ја води Вториот оддел на пристаништето Ставрос на пристанишната управа на Јерисос, кој нареди обдукција за да се утврди точната причина за смртта, пренесува „Прототема“.
Регион
(Видео) Пожарникарите во Црна Гора плачат од среќа – дождот ги изгасна големите пожари кои беснееја со денови

Ситуацијата во Црна Гора се смири по неколку дена катастрофални шумски пожари!
Силен дожд со поројни врнежи зафати многу подрачја и им помогна на пожарникарите. Речиси насекаде во Пипери падна дожд, освен на Риека Пиперска, каде што остана единственото активно жариште кое и понатаму се шири кон Дромири и Купини и уште подалеку во правец на Трмањ и Платија. Таму сè уште е суво.
Од Службата за заштита и спасување на главниот град прогласија победа над пожарите околу Подгорица.
– Заедно успеавме – наведоа од Службата за заштита и спасување.
Истовремено им се заблагодарија на сите граѓани, претпријатија, служби, војската и колегите пожарникари од цела Црна Гора, но и од странство.
– Ви благодариме за несебичноста, за секоја капка пот, за солзите и тагата, за грижата, поддршката и надежта. Благодариме за насмевката што ни ја упативте кога се гледавме очи в очи на теренот, за мавтањето додека поминувавме по патот, за сè што споделивте со нас во овие тешки денови. Вашата поддршка беше нашата сила да издржиме и да ја победиме огнената стихија – соопштија од Службата.
Се огласи и потпретседателот на Собранието на главниот град, Драгутин Вучиниќ.
– Пиперски Бротњик во овој момент е без оган! Благодарност до сите што учествуваа во гаснењето на пожарите во Пипери и низ цела Црна Гора. Голем поздрав од Поток – Пипери! Хеликоптерот си замина во база. Со среќа! Крај – рече Вучиниќ.
Како што соопштија од Пожарникарската служба Никшиќ, дождот што денеска падна и кој сè уште врне на некои места, ги изгасна активните пожари во местата Пиштете, Дубрава и Дуга. Остана само пожарот во Петровиќи, кој е активен во текот на целиот ден, но не ја загрозува имотната состојба, односно куќите, бидејќи се прошири високо во планината, јавува РТЦГ. Според последните информации од теренот, дожд почнал да паѓа и во Петровиќи, па пожарникарите се надеваат дека и тој пожар ќе биде изгаснат.
– Се разбира, ќе ја следиме состојбата во текот на ноќта, за да видиме како стојат работите – соопштија пожарникарите.
Најмногу се израдуваа пожарникарите, кои од среќа заплакаа.
Во текот на ноќта Црна Гора ќе ја зафати уште еден дождовен бран со порој и грмежи.
Засега не е познато до кога ќе останат екипите од странство.
Да потсетиме, изминатите денови голем број луѓе учествуваа во гаснењето на пожарите, а на помош пристигнаа и авиони. Ситуацијата беше најкритична на подрачјето на Подгорица, Никшиќ, Бјело Поље, Чањ, Будва…