Економија
Медведев: Русија и Србија наскоро ќе го потпишат договорот за Јужен тек

Проектот на гасоводот Јужен тек, проектиран за транспорт на рускиот природен гас во Европа по дното на Црното Море, останува приоритет што е во контекст на случувањата во Украина, изјави во понеделникот рускиот премиер Дмитриј Медведев на заедничката прес-конференција со српскиот колега Александар Вучиќ најавувајќи дека Москва и Белград следните денови ќе го потпишат договорот за изградба на делницата од гасоводот низ Србија.
„Една од најважните делници на гасоводот Јужен тек е на територијата на Србија. Поради тоа претставува приоритетен проект, кој е многу сериозен за сите нас, што стана очигледно во контекстот на настаните во Украина. Се надевам дека тоа ќе помогне да се обезбеди сигурноста на испораките на рускиот гас до европските потрошувачи во наредните децении“, изјави Медведев. Рускиот премиер истакна и дека Јужен тек претставува заемно корисен проект и повика да не биде политизиран. „Според нас, овој проект не смее да биде политизиран, тој е од заемна позла“, порача Медведев. Од своја страна, српскиот премиер Александар Вучиќ потврди дека во врска со гасоводот Јужен тек остануваат само технички прашања, коишто „брзо ќе бидат затворени“. Претходно во понеделникот во Софија, бугарскиот премиер Пламен Орешарски и министерот за надворешни работи Кристијан Вигенин на средбите со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, изјавија дека Бугарија не се откажува од изградбата на Јужен тек преку нејзината територија. „Многупати најавувавме силна заинтересираност за реализација на овој проект. Од самиот почеток на работата на оваа влада почнавме да вложуваме напори за реализација на проектот и постигнавме значителен напредок. Нашата земја има подготвено одговори за прашањата на Европската комисија (ЕК). Сметам дека имаме доволно добри аргументи и останувам оптимист дека тие ќе бидат прифатени”, изјави Орешарск, додавајќи дека бугарската влада ќе вложи максимални напори за реализација на проектот, но во рамките на европското законодавство.Дека Бугарија ја поддржува изградбата на гасоводот Јужен тек потврди и Вигенин по разговорите со Лавров. Гасоводот „има големо значење за Бугарија и југоисточна Европа. Ние ја поддржуваме изградбата на гасоводот во согласност со европското законодавство, и се надеваме дека дијалогот со Европската комисија ќе помогне да започне неговата изградба“, рече бугарскиот министер за надворешни работи. Според Вигенин, Софија очекува да продолжи работата на изградбата на Јужен тек на бугарска територија по добивање на појаснувањата од Европската комисија. На почетокот од јуни, бугарскиот премиер Орешарски изјави дека земјата ја прекинува работата на проектот Јужен тек до решавањето на забелешките на Европската унија. Софија и Белград се под притисок на Брисел и Вашингтон во врска со зависноста од руските енергенси, во настојувањата да се намали зависноста на Европската унија од испораките на рускиот гас. Гасоводот кој ќе ја заобиколува Украина ги подгреа тензиите меѓу ЕУ и Русија, откако Брисел минатата недела побара од Софија да запре со работата сé додека не биде донесена одлука околу тоа дали изградбата на гасоводот е во согласност со европските прописи. Вашингтон, исто така, ја предупреди Софија дека доколку за изградбата на бугарскиот дел на „Јужен тек” избере конзорциум со чело на фирмата „Стројтрансгаз”, кон која има наметнато санкции, тогаш и на бугарските компании кои учествуваат во проектот исто така би можеле да им се наметнат санкции.Меѓутоа, последните изјави на европските челници покажуваат колебања кај некои членки на ЕУ во врска со рускито гасовод, како онаа на еврокомесарот за енергетика Итингер, медијатор во руско-украинските преговори, кој откако во Киев, Русија и Украина не постигнаа договор, а руски „Газпром“ ги прекина испораките за Украина, рече дека Јужен тек е проект кој ЕУ би можела да го прифати. Еврокомесарот досега изјавуваше дека тој проект во сегашната фаза ги прекршува законите, но истакна дека „тоа прашање не е нерешливо”, како и дека „Јужен тек е проект кој навистина можеме да го прифатиме“.Италијанскиот премиер Матео Ренци, пак, беше главниот инспиратор на заедничкото писмо до Европската комисија во поддршка на проектот Јужен тек, потпишано од лидерите на земјите низ кои треба да помине овој гасовод.Челниците на австриски OMV и на руски „Газпром“ кон крајот на јуни го потпишаа во Виена договорот за изградбата на делницата од гасоводот Јужен тек до Австрија, и покрај противењето на Европската унија на овој проект. Јужен тек претставува глобален инфраструктурен проект на рускиот енергетски гигант „Газпром“ со капацитет од 63 милијарди кубни преку акваториумот на Црното Море во земјите од Јужна и Централна Европа со цел да се прошират правците за транзитот на рускиот природен гас и да се исклучат транзитните ризици, особено во Украина. Кон крајот на 2015 година, според планот, треба да бидат испорачани првите количества гас преку Јужен тек, а работата на гасоводот со целосен капаците е предвидена за во 2018 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.
Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.