Економија
На Волстрит скок на акциите, а С&П ги вознемири инвеститорите

Во понеделникот на Волстрит цените на акциите пораснаа благодарејќи на надежите во порешителни мерки што евентуални би ги донеле европските челници во надминувањето на должничката криза, но предупредувањето од можното намалување на кредитните рејтинзи
Во понеделникот на Волстрит цените на акциите пораснаа благодарејќи на надежите во порешителни мерки што евентуални би ги донеле европските челници во надминувањето на должничката криза, но предупредувањето од можното намалување на кредитните рејтинзи на Германија и на други членки од еврозната ги вознемири инвеститорите.Индексот Dow Jones порасна за 0,65 отсто на 12.097 поени, додека индексот S&P зајакна за 1,03 отсто на 1.257 поени, а Nasdaq се зголеми за 1,10 отсто на 2.655 индексни поени. Надежите на инвеститорите во скорешно решавање на должничката криза пораснаа по договорот што во понеделникот во Париз го постигнаа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Николас Саркози за поцврста фискална контрола во еврозоната и санкции против членките од еврозоната чии буџетски дефицити ќе надминува три отсто од БДП-то. Челниците на двете најголеми европски стопанства се договорија, исто така, дека заедничките евробврзници не се решение за кризата, а за овие предлози ќе се гласа на самито на Европската уника којшто ќе се одржи во петок. На пазарите позитивно делуваше и падот на приносите од италијанските државни обврзници многу под критичното ниво од 7 отсто, откако владата на Марио Монти во неделата ги усвои дополнителните мерки за штедење. Меѓутоа, доброто расположение на инвеститорите спласна во вториот дел од вчерашното тргување, откако медиумите информираа за можното намалување на кредитните рејтинзи на сите земји членки на еврозоната. Овие написи добија потврда веднаш по затворањето на Волстрит, кога бонитетската агенција „ Standard & Poor’s“ издаде соопштение во кое предупреди на досега незабележан потег дека би можела да ги намали рејтинзите на Германија, Франција и на другите членки од еврозоната. „По сето тоа, тоа и никого не изненадува. Сите тие држави имаат доста голем удел во долгот во БДП-то, па така тој потег изгледа адекватен. Впрочем, ’S&P’ можеби и’ сигнализира на ЕУ дека дошла до точката од којашто мора нешто да преземе. Ако сакаа да испратат порака, сега е вистинското време за тоа“, вели Брајан Долан, валутен стратег од компанијата „Forex.Com“, за Reuters.И на европските берзи во понеделникот цените на акциите пораснаа. Лондонскиот FTSE 100 зајакна за 0,28 отсто на 5.567 поени, франкфуртскиот DAX за 0,42 отсто на 6.106 поени, а парискиот CA 40 порасна за 1,15 отсто на 3.201 индексен поен./крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.
Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.