Македонија
Викиликс: Бучковски на САД им ветил молк за случајот Ел Масри
Викиликс ги објави првите тајни депеши на американскиот Стејт Департмент испратени од Скопје. Eдна од двете белешки нотира работна вечера на поранешната амбасадорка Џилијан Миловановиќ со поранешниот премиер Владо Бучковски. Поранешниот премиер Бучковски во текот на 2006 година, лично се залагал кај Трибуналот во Хаг за одлагање на враќањето на четирите случаи со наводни воени злосторства од конфликтот во 2001 година, покажуваат тајните депеши на американската амбасада во Скопје испратени до централата во Вашингтон, пренесува Дојче веле. Бучковски на работна вечера со тогашната амбасадорка Џилијан Миловановиќ, се обврзал и дека тој и неговиот министер за внатрешни работи, во тоа време, Љубомир Михајловски ќе го продолжат молкот во однос на случајот „Калид Ел Масри“ и покрај барањата на Советот на Европа и на претставници на ЕУ. Кон крајот на 2006 година јавниот обвинител Александар Прчевски имал закажано средба со високи претставници на Хашкото обвинителство на која требало да бара ново одложување на враќањето на четирите досиеја со наводи за воени злосторства од конфликтот во 2001-та, за кои Трибуналот одлучи да не поведува постапка. Бучковски на Миловановиќ и соопштил дека инсистирал Прчевски да бара само вербални ветувања за одложувањето на враќањето, бидејќи тој стравувал дека било каков пишан документ на оваа тема би можел да биде злоупотребен од тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ за напади врз Владата дека е премногу мека кон Албанците. Кога станува збор за случајот со киднапирањето на германскиот државјанин Калид Ел Масри, Дојче веле пренесува дека, Бучковски и ветил на Миловановиќ дека ќе продолжи да го поддржува тогашниот министер за внатрешни работи кој одбивал да го дискутира случајот со новинарите во земјата.Бучковски побарал од амбасадорката за ова прашање да се консултира и со германската амбасада во Скопје, затоа што Германците вршеле притисок врз Македонија да биде поотворена на оваа тема, но Миловановиќ одбила. Според најавите, се очекува на Викиликс да се појават најмалку 500 депеши испратени од американската амбасада во Скопје. крај/дв/н.ц/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.
Македонија
Ѓорѓиевски најави: Вечерва почнуваат 72 часа за чистење на секој агол на Скопје
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска ја презеде функцијата од неговата претходничка, Данела Арсовска, најави дека вечерва во 20 и 30 часот почнува големата акција за чистење на градот.
„Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град. Поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш! Во 20:30 часот започнува големата акција за чистење на градот. Во следните 72 часа ќе го исчистиме секој агол, секоја улица, секој запуштен простор. Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност ќе живеат во град достоен за нив. Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам!“, објави Ѓорѓиевски.
Тој, исто така, кажа дека ги отстранил и рампите кај Град Скопје.

„Ги отстранивме и рампите. Скопје повеќе нема да биде затворен град, сега е отворен и за медиумите и за сите граѓани“, објави новиот градоначалник.
Ѓорѓиевски најави и целосна ревизија на работата на градската администрација и ветува дека секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине, а секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Швајцарија, Кристоф Зомер
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер.
Соговорниците ја оценија тридецениската соработка како пријателска и плодна, изразувајќи решеност и подготвеност за нејзино проширување и продлабочување.
Претседателката му се заблагодари на швајцарскиот амбасадор за континуираната поддршка на македонската евроинтеграција. Исто така, таа и оддаде признание на Швајцарија за бројните и вредни донации во областа на заштитата на младите и жените, животната средина, како и во зајакнувањето на инклузивноста и одговорноста.
За швајцарскиот амбасадор, стоилјадната македонска дијаспора е вреден и почитуван актер во швајцарското општество.
Мултилатералната соработка, особено врзана за кандидирањето на престижни позиции двајцата ја сметаат за корисна, конструктивна и успешна.

