Регион
Јункер против турските обиди да се замолчат критиките во европските медиуми
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер не ги одобрува потезите на официјална Анкара којашто минатата седмица го повикала германскиот амбасадор поради сатиричната песна која го исмејува турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, изјави во средата портпаролката на ЕК, Мина Андреева.
„Претседателот Јункер не го цени повикувањето на амбасадорот поради сатирична песна и ветува дека тоа ја оддалечува Турција од Европската унија, наместо да ја приближува. Истовремено Јункер ја цени соработката со Турција во соочувањето со заедничките предизвици, но се чини дека овие потези не се во согласност со принципот за почитување на слободата на медиумите, кои ѝ се многу важни на Европската унија“, изјави Андреева.
Германскиот амбасадор во Анкара Мартин Ердман минатиот вторник беше повикан во турското министерство за надворешни работи каде што многу остро било реагирано поради објавувањето на двоминутната сатирична песна за турскиот претседател Ердоган на германската јавна телевизија NDR.
Турција стана незаобиколен партнер на ЕУ во справувањето на бегалската криза. Брисел и Анкара постигнаа договор за враќање на сите бегалци кои од Турција ќе дојдат на грчките острови а затоа во ЕУ ќе биде преземен соодветен број директно од турските кампови. Покрај тоа Турција ќе добие двојно поголема помош од шест милијарди евра од ЕУ, дреба да биде олеснет визниот режим за нејзините граѓани и да се забрзаат пристапните преговори за членство.
На овој договор најмногу инсистираше германската канцеларка Ангела Меркел, а германските медиуми последниот период пишуваат дека Турција сега сака да ја искористи својата улога во решавањето на кризата за да ги стивне критиките во европските медиуми поради авторитарниот стил на владеење на Ердоган//крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Амра од Јабланица го спасила синот од поплавите во БиХ: „Го ставив на компресорот и пливав“
„Добив повик од Амра велејќи: Гаро, помош Гаро, помош, водата е до плафон“, раскажува пожарникарот Един Дрежњак, кој интервенираше во Јабланица и учествуваше во спасувањето на имамот Семиро Јахиќ и неговото семејство.
Го зедовме гумениот брод на раменици и го носевме четири километри по пругата“, изјави тој за ТРТ Балкан. „Водата дојде до покривот. Не видов никого, ме фати паника. Не знаев дали се живи“, додал тој.
Тој рече дека ситуацијата е исклучително тешка бидејќи водата повеќе не била само вода, туку мешавина од кал, дрвја и отпад.
„Таму беше невозможно да се плива, едвај се пробивавме со чамец“.
„И се јавив на мајка ми и и велам – мамо, треба да искочиме за 10 минути, нема помош за нас“, раскажува Амра Јахиќ, која скокнала од куќата и пливала со својот четиригодишен син.
„Во тој момент, претпоставувам дека го испратил милиот Бог, се појави тој компресор кој се уште се гледа на покривот на џамијата“, додаде нејзиниот сопруг Семир.
Амра го ставила синот на компресорот, но момчето паднало во вода. „Со едната рака го држев детето, а со другата компресорот“, раскажа таа.
„Размислував, ако го изгубам моето дете, за мене живот нема. Не можам да гледам како го губам своето дете“, рече таа.
„Сите се обидовме да го извлечеме детето. Не само јас, сите ние“, додаде Амра.
Тие биле спасени околу 6:15 часот.
„Тогаш членовите на планинската спасувачка служба не евакуираа на безбедна површина“, се сеќава Семир.
Регион
Дино Бегиќ ја загуби бремената сопруга Ајла во катастрофалните поплави во БиХ: „Ќерката виде се“
Областа на Јабланица, Фојница, Кисељак, Крешево беше зафатена од страшни поплави во кои животот го загубија повеќе луѓе, а по некои се уште се трага. Трагедија ги погоди Дино Бегиќ и неговото семејство кога неговата бремена сопруга загина во поплава.
Иако потресен, тој за босански „Аваз“ раскажа што се случило таа кобна ноќ.
„Татко ми и јас излеговме околу полноќ да го исчистиме просторот за да не ни се поплави куќата, бидејќи нормално се создаваат потоци при силен дожд. Се боревме со поројот час или два, а потоа влеговме во куќата“, ја започнува својата приказна Бегиќ.
Вели дека влегле бидејќи дождот малку се смирил, но повторно излегле да продолжат да чистат.
„Во одреден момент слушнав удари од големи камења или што и да беше. Му реков на татко ми да се засолни под големата гаража, жената и ќерката нека останат во куќата мислејќи дека таму ништо нема да им се случи“, вели Бегиќ.
Снемало струја, вели, ѕидовите паѓале, се наоколу паѓало и му рекол на татко му дека е готово.
„Не знам, добро, не ги ни видов кога истрчаа, сепак таа го зеде детето и се обиде да побегне. Дрвото падна врз неа и ја згмечи. Ќерка ми беше спасена, а само Господ знае како“, рече Бегиќ.
Неговата сопруга, 28-годишната Ајла била бремена, а во декември требало да добијат уште една ќерка. Нивната 5-годишна ќерка Далал за чудо преживеала.
„Претпоставувам дека е добро. Се се случи на метар од неа, виде се. Ништо не прашува, знае што се случило, но не прашува“, изјави Бегиќ.
Моментално престојуваат кај неговата тетка, која ги чува бидејќи од нивната куќа не останало ништо, како што вели, сè е срамнето.
Регион
Брод со четири лица се преврте на реката Уна во БиХ, две лица испливаа
Денеска околу 7:15 часот полицијата во Сисак добила пријава од граничната полиција на БиХ дека чамец со четири лица се превртел на територијата на Босна и Херцеговина кај градот Вриоци.
Две лица допливале до брегот на Уна на територијата на Босна и Херцеговина, а потрагата по две лица се уште трае.
На местото на настанот излегле припадници на ХГСС со пловен објект, кои со помош на полицијата интензивно трагаат по исчезнати лица.