Свет
Западот подготвува понуда за семејството на Гадафи

Клучните соработници на Моамер ел Гадафи и неговото семејство од западните дипломати ќе добијат „понуда што не се одбива“ – јавно да престанат да го поддржуваат либискиот водач
Клучните соработници на Моамер ел Гадафи и неговото семејство од западните дипломати ќе добијат „понуда што не се одбива“ – јавно да престанат да го поддржуваат либискиот водач, а за возврат ќе им бидат одмрзнати сите средства во странство и ќе можат повторно да патуваат по светот.
Првите детали на овој план денеска го изнесоа министерствата за надворешни работи на САД и Велика Британија. За ова се разговара и во Европската унија непосредно пред состанокот на европските шефови на дипломатиите кој ќе се одржи следната недела, каде се очекува да биде разговарано на оваа тема.
Доколку било кој од Либија, кој е сега на црната листа на Обединетите нации, побегне од земјата и го осуди Гадафи, за симнување од оваа листа ќе биде расправано пред Советот за безбедност, кој ги воведе овие санкции.
Понудата ќе важи за седумте синови на Гадафи, сопругата, ќерката, двајцата роднини и останатите соработници на Гадафи кои го служеле во последните 40 години, откако е на власт во Либија.
ЕУ следната недела ќе одлучи дали на Муса Куса, пребегнатиот шеф на либиската дипломатија, ќе му ја укине забраната за располагање со неговите средства во странство, како и забраната за патување.
Во меѓувреме американското министерство за финансии вчера на Куса му ги укина санкциите за располагање со средствата, во надеж дека тоа ќе ги охрабри другите во либиската влада да донесат слична одлука и да го напуштат режимот на Гадафи.
Муса Куса минатата недела побегна од Триполи во Лондон и сега им дава информации на разузнавачите и владините функционери на Велика Британија.
Претставничка на британскиот Форин Офис рекла дека оваа седмица се водат разговори за понудата на роднините и соработниците на Гадафи непосредно пред состанокот на шефовите на европската дипломатија, кој ќе биде одржан идната недела.
Британскиот шеф на дипломатијата Вилијам Хејг на пратениците на британскиот парламент им рече дека Либијците кои се на црната листа на ОН и ЕУ би можеле да се ослободат од рестрикциите ако ја повлечат својата поддршка за Гадафи и ако западните сојузници се сложат дека таквиот потег треба да се награди./крај/бета/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.