Региони
Пуштени во употреба локалните патишта за селата Буково и Крстоар
Во саботата во присуство на министерот Иво Ивановски, градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, и пратениците Лилјана Кузмановска и Зоран Илиоски, официјално беа пуштени во употреба локалните патишта за селата Буково и Крстоар, битолско.
И двата проекта се од големо значење за локалното население, а се реализирани со средства од Европската банка за обнова и развој, како резултат на соработката меѓу општина Битола и Владата.
„Денеска ми е чест што имаме можност да го пуштиме овој пат за селото Буково за кој што општината аплицираше преку министерството за транспорт и врски до Владата на РМ и којшто е одобрен по барање на мештаните. Се работи за пат во должина од 1.100 метри, којшто се изгради за потребите на граѓаните, а во согласност проектот на Владата кој има за цел подобрување на инфраструктурата во средините кои се оддалечени од градот за да нема одлив на граѓани во поголемите градови“, изјави министерот Ивановски..
Потврда дека грижата за добрата инфраструктура во селото дава резултати е и новата детска градинка која наскоро треба да биде отворена во селото. Во рамките на проектот за реконструкција и рехабилитација на патот Буково – Горно Орехово, асфалтиран е и крак во селото Буково.
„За оние коишто ја немаат таа информација, сакам да потсетам дека од пред две-три седмици и останатите делови од Буково се предвидени со буџетот на општина Битола. Како и досега продолжуваме со различен начин на финансирање. Ќе направиме еден дел долу под селото од десната страна кој што треба да значи мала заобиколница која ќе овозможи и сообраќајно олеснување, а ќе имаме интервенција и во домот на културата“, додаде битолскиот градоначалник Талески.
Патот за селото Крстоар, пак, кој беше пуштен во употреба е во должина од 723 метри во вредност од 3,7 милиони денари, а во идниот период општината од сопствениот буџет продолжува со инвестиции во руралниот дел на општината, односно во сите населени места од поранешните општини. Патот кон селото Крстоар има големо значење не само за мештаните, туку и за сите граѓани кои многу често особено за првомајските празници го посетуваат Крстоарски манастир./крај/мф/ци
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Региони
Поради магла и загаден воздух, откажани летовите на аеродромот во Сараево
Поради лошите временски услови предизвикани од магла синоќа и утринава откажани се некои летови на меѓународниот аеродром во Сараево.
Од меѓународниот аеродром во Сараево откажани се летовите кои пристигнуваат од Виена, Истанбул и Загреб, а со тоа и појдовните летови од Сараево.
„Останатите летови засега се на распоред и очекуваме наскоро да се подобрат временските услови на меѓународниот аеродром во Сараево“, велат од аеродромот за сараевската телевизија N1.
Македонија
(Видео) Торказ се сретна со Џафери и повика на почитување на меѓународните договори од сите страни
На маргините на лидерскиот состанок за планот за раст, кој се одржува во Котор, Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше билатерална средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ.
„На средбата се разговараше за важноста од продолжување на европскиот пат на Република Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата влада. Троказ ја истакна натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ и повика на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички фактори. Премиерот Џафери изрази надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда. Во таа насока ја сподели загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија“, соопштија од кабинетот на Џафери.
Џафери и во Котор нагласи дека за него не е приоритет кој ќе ја сочинува новата влада, туку исполнувањето на европската агенда како пат кон иднината, на кој ќе продолжи да работи во кое било својство и функција.
Македонија
Опасен отпад детектиран во близина на скопското село Орман
При редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони.
„Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад“, информираат од Државниот инспекторат.
Сопствениците на катастарската парцела на која се наоѓа отпадот со решение од Државниот инспекторат се задолжени да извршат неговата дислокација во рок од 30 дена од издавање на решението.
Граѓаните на социјалните мрежи бараат одговорност и одговор од каде доаѓа отпадот и кој е виновникот за неговото одложување токму на оваа локација која е во непосредна близина на реката Лепенец и населените места Волково и Орман.