Свет
Обвинителот обвинет за клевета

Драган Малиновски, претседател на антикорупциската комисија, ќе го тужи за клевета јавниот обвинител Александар Прчевски, кој завчера го обвини дека ја злоупотребувал функцијата.
АНТИКОРУПЦИСКАТА ГО ВОЗВРАЌА УДАРОТ
Драган Малиновски, претседател на антикорупциската комисија, ќе го тужи за клевета јавниот обвинител Александар Прчевски, кој завчера го обвини дека ја злоупотребувал функцијата.
– Го повикувам Прчевски јавно да ги објави случаите за кои сум барал податоци од обвинителството, а сум се појавил како бранител во тие предмети. Против него ќе покренам кривична постапка за клевета – најави Малиновски.
Прчевски завчера во Собранието обвини дека кај неколку членови на антикорупциската комисија постои конфликт на интереси и дека ја злоупотребуваат функцијата. Тој ги повика Владата и Собранието да проценат дали ќе бараат одговорност од нив, односно да ги разрешат.
Обвинувањата на Прчевски како неосновани ги отфрлија и другите членови на антикорупциската комисија – Слаѓана Тасева и Јован Трпеновски.
– Срам ми е што живеам во држава што има јавен обвинител како Александар Прчевски. Да ги ставиме на вага мојата и неговата работа, па да видиме кој колку вреди. Ова е случај без преседан.
Државен орган наместо да зборува за својата работа во Собранието, се занимава со работата на антикорупциската комисија. Неговото однесување не е ништо друго, туку јавен притисок врз работата на комисијата. Недолично е јавен обвинител во Собранието да посочува дека кај некои членови на комисијата има конфликт на интереси и дека ја злоупотребуваат функцијата. Негова работа е по службена должност да покрене кривични пријави ако за тоа има сознанија и докази. Впрочем работа му е да гони за криминални дејства – изјави Тасева.
Таа смета дека Прчевски ги помешал лончињата по прашањето за конфликтот на интереси. Тасева вели дека не се коси со законот тоа што е членка на антикорупциската комисија и директорка на Полициската академија, бидејќи за директорската функција не ја назначила ниту Владата ниту Собранието. Таа нема да покрене постапка против Прчевски, бидејќи пред пратениците се извештаите за работата на антикорупциската комисија и на јавното обвинителство, а Собранието треба да процени кој како работел.
Поранешниот претседател, а сега член на комисијата Јован Трпеновски вели:
– Обвинувањата се неосновани, несериозни и субјективни. Нека каже против кого ќе покрене обвиненија. Несфатливо е како јавниот обвинител посочува за конфликт на интереси за случаи што воопшто не биле предмет на комисијата. Ме чуди како не ги следи работите. Ме обвинува за конфликт на интереси за случај во кое е анулирано обвинението против мене. Тој вели дека може да се занимава со адвокатура и да биде член на комисијата, а измените на законот ќе важат за идните членови на антикорупциската комисија.
– Нашиот мандат ќе заврши за една и пол година и ние може да се занимаваме и со нашите професии. Членовите на антикорупциската комисија ќе треба да бидат професионалци од идниот мандат на комисијата – вели тој. (М.Т.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан: Штета е што Фон дер Лајен мора да се грижи, листата на недостатоци на ЕУ е позната на сите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека е штета што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, морала да се грижи и да се бори додека ја презентирала состојбата на ЕУ во нејзиниот годишен „Говор до нацијата“, бидејќи листата на слабости на Унијата е позната на сите.
„Урсула фон дер Лајен денес ја оценува состојбата на Унијата. Штета е што мора да се грижи“, напиша Орбан на својата страница на социјалните мрежи, објавува унгарски „Немзет“.
Тој додаде дека листата на недостатоци е позната на сите – бавна економија, влошување на конкурентноста, миграциска криза и насилство, изгубена војна, бесмислена зелена политика.
„Народите на Европа се презаситени од ова. Затоа патриотските сили стануваат посилни низ цела Европа. Затоа француската влада постојано пропаѓа, затоа Навроцки победи во Полска и затоа Андреј Бабиш ќе победи во Чешка“, напиша Орбан на Фејсбук со забелешка дека „срамно е што Урсула фон дер Лајен мора да страда“, пренесува Танјуг.
Денес, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го одржа својот годишен „Говор до нацијата“ во Европскиот парламент, прв во нејзиниот втор мандат, и изјави дека само обединета и повторно обединета Европа може да биде независна Европа, дека поголема и посилна Унија е гаранција за безбедноста на сите и дека иднината на Западен Балкан, Украина и Молдавија е во ЕУ.
Фото: принтскрин
Свет
Британскиот премиер: Упадот со руски беспилотни летала во Полска е исклучително загрижувачки

Британскиот премиер Кир Стармер утрово остро го осуди рускиот упад во полскиот воздушен простор нарекувајќи го екстремно загрижувачки.
Стармер го опиша нападот врз Украина како варварски и додаде дека тоа е грубо неодговорен потег на Русија што само го потврдува очигледното непочитување на мирот од страна на Путин и континуираното бомбардирање невини Украинци.
Тој рече дека разговарал со полскиот премиер Доналд Туск за јасно да ја стави до знаење поддршката на Обединетото Кралство. „Искрено сум им благодарен на НАТО и на полските сили, кои бргу реагираа за да ја заштитат алијансата“, рече Стармер.
Тој додаде дека Велика Британија, заедно со партнерите и преку раководството на коалицијата на волјата, ќе продолжи да го зголемува притисокот врз Путин сè додека не се постигне праведен и траен мир.
Фото: принтскрин
Регион
Трагедија на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград: маж почина штом слета од Тунис

Вистинска драма се одвивала синоќа, еден час по полноќ, на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, кога на патникот Н. Л. (64) му се слошило штом неговиот авион слетал од Тунис.
Според информациите објавени од „Блиц“, лекарите на аеродромот „Никола Тесла“ веднаш му укажале помош, но човекот не можел да се спаси.
Неговата сопруга била до него цело време. Таа, неофицијално, изјавила дека на нејзиниот сопруг му се слошило штом излегол од авионот. Лекарите итно реагирале, но и покрај нивните напори, немало начин да се спаси.
За случајот било известено Вишото јавно обвинителство, кое нареди обдукција на телото на мажот, објавија српските медиуми.