Домашен
Неделковска: Агенцијата за млади и спорт дава стипендии, спортистите треба да и враќаат со медали
Александра Неделковска, претседател на Македонската кик-бокс федерација е единствената жена која го доби државното признание 8-ми Септември. Таа вели дека горда што заедно со својот сопруг го донеле кик-боксот во Македонија бидејќи овој спорт сега е еден од најатрактивните во светот
Разговараше: Бојана Стојчевска
Зошто го одбравте токму кик-боксот?Неделковска : Мојата примарна љубов е образованието, а кога се работи за спортот најпрво почна за тренирам кошарка во кошаркарскиот клуб Студент. По некое време почнав паралелно да се занимавам со карате. Во каратето се пронајдов бидејќи е индивидуален спорт . Каратето ми помогна да го пронајдам мојот животен сопатник, мојот сопруг кој исто како и јас беше каратист. Тој почна да се интересира на кик-боксот и редовно да оди на тренинзи во Германија, одев и јас со него, се пробав и во овој спорт и кариерата ја завршив како балкански вице шампион.
Заедно со Вашиот сопруг направивте многу за кик-боксот да се развие во Македонија. Претпоставувам дека движејќи се по тој пат сте имале многу искачувања и падови. Дали на моменти чувствувате дека немате доволно сила да продолижите и посакавте да се откажете?Неделковска: Да точно е. Во сé што е ново и ти треба да го промовираш наидуваш на препреки и делумни олеснувања. Но, и покрај сé јас никогаш не добив желба да се откажам и цврсто бев решена да му помогнам на мојот сопруг и го донесеме кик-боксот во Македонија. Многу години подоцна се гледа дека успеавме. Тогашниот Сојуз сега е Федерација. Верував во кик-боксот како спорт и мојата интуција се покажа како исправна. Денеска кик-боксот е најатрактивниот спорт од боречките вештини, како во Македонија, така и во светот и меѓу мажите и меѓу жените.
Во Вашата долгогодишна кариера имате многу натпревари на кои сте учествувале и како натпреварувач и како тренер. Може ли да издвоите една случка, момент која никогаш нема да ја заборавите?Неделковска: Првиот меморијален куп 2010 година посветен на мојот сопруг. Претставници и натпреварувачи имаше скоро од сите држави, тој момент никогаш нема да го заборавам, почитта која му да оддадоа светските спортисти на мојот сопруг.
Како се чувствувавте кога Ве известија дека сте добитник на државното признание 8-ми Септември?Неделковска: Иницијативата за моето пријавување беше на Кик-бокс федерацијата. Чувството кое ме обзеде кога ми соопштија дека сум добитник на државно признание беше несекојдневно. Не е воопшто лесно да се биде прва меѓу првите. Ми беше драго што бев единствената дама која го доби признанието. Им благодарам и на Агенцијата за млади и спорт и на Владата на Република Македонија, што ни докажа дека мисли и на нас, спортските работници. Сметам дека моето промовирање на државата ме донесе до оваа награда.
Синоќа се вративте од Светското јуниорско-кадетско првенство во Братислава. Како поминавте на ова првенство?Неделковска: Најискрено очекував многу повеќе. Очекував повеќе бидејќи Агенцијата за млади и спорт на спортистите има дава стипендии, а тие на неа и државата треба да и вратат со резултати, медали. Се вративме со еден бронзен медал и едно петто место. Конкуренцијата беше огромна, околу 1.600 натпреварувачи од 59 земји. Ние отидовме со шест натпреварувачи. Изгубивме на поени што кажува дека се одлучувало за нијанси./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Златна недела за „Алкалоид“
РК Алкалоид викендов стана шестиот клуб во Македонија кој успеал да освои пехар од националното Куп натпреварување кое брои 32 сезони, вклучително со прекинатата ковид сезона 2019-20.
Зад Алкалоид е златна недела. Почнувајќи од 12 до 19 мај, седум дена во кои пионерите станаа државни прваци, потоа и младинците беа верификувани како шампиони, за конечно и кадетите да го подигнат шампионскиот пехар. Такво нешто во поновата историја му им успеано само на Металург, но немаше ни тие одличја да блеснат вака, ако успехот не беше комплетиран со пехар на сениорскиот тим.
Од улога на трет носител или аутсајдер во однос на двата најпознати колектива, Алкалоид потврди дека Куп е приказна во која непишаните правила важат исто колку и пишаните.
Огромна сатисфакција плус за тренерот/селектор и неколкуте репрезентативци што се градат во овој клуб е успешниот бараж на сениорската репрезентација.
Златна недела е сосема адекватен епитет за ракометниот колектив Алкалоид и уште една успешно штиклирана сезона.
Трета успешна од вкупно три, што е голем предизвик за четвртата.
Но, има и други причини да биде задоволен Алкалоид од наш агол можеби и поважни отколку погледот кон витрината сезонава.
Во Македонија (ова е личен став) има погрешно поставен систем на вредности кога се во прашање резултатите. Речиси сѐ е поставено во служба на резултатот преточен низ бројки и конечниот пласман што служи за задоволување на амбициие, желбите и вкусовите на спонзорите и на локалната јавност и посебните групи на фанови.
Најбрзиот и најефикасниот начин тоа да се постигне е вложување во готови производи во најголем дел странски играчи, надополнета со тоа што колку толку го нуди домашниот пазар.
Секој си го бира својот пат, подвлечено тоа си е клупска политика, но генерално ваквите приказни се успешни додека има пари. Повеќе пари, подобри резултати, но кога парите ќе секнат, а таа чешма кај нас знае брзо да се затвори, не останува ништо.
Примери што ќе го поткрепат ова има доволно, но тоа е тема што е многу обемна и заслужува поголем простор само за себе.
Алкалоид има и повеќе причини да биде задоволен, не само поради шампионските пехари во младинските категории и пехарот во Куп на Македонија.
За само три години овој колектив покажа дека работи по поинаква матрица од споменатиот систем на вредности и во моментов е еден од најдобро организираните ракометни колективи, иако има најмало искуство и логично т.н. детски болести што едноставно мора да се прележат. Но, логистички во сите сфери, Алкалоид е на ниво на европски клуб.
Во прилог е клупската стратегија, определба и решителност да се докаже дека резултати со бројки можат да се постигнат и со домашни ракометари, ако им се даде вистинска шанса, се работи квалитетно и истрајно.
Инвестирање во организација и работа со млади категории, селекцијата и условите уште во првата сезона донесоа пехар, а во третата комплетна доминација.
Може да биде задоволен што ги извади за кратко време на ниво да бидат забележани и од странство играчи како Марко Митев, зад него е Дамјан Митев, новата ѕвезда Иван Галевски итн. Но, ќе чуете многу повеќе уште летово и за браќата Узунчеви, потоа онаа многу добра кадетска екипа со уште еден голман со огромен потенцијал како Ѓорги Николовски, потоа бековите Христијан Гурмешевиќ, Марин Крстевски итн.
Во Македонија системот на вредности, сепак, најмногу се гледа низ резултатите како бројки, а достигнувањата на Алкалоид во организацискиот дел, младите категории итн. немаше да бидат вистински вреднувани доколку во клубот не стигнеше пехар во сениорска конкуренција. За да се заработи респект, треба да се победи и да се освои пехар.
Со победите над Вардар и Е. Пелистер во Куп на Македонија го мина и тоа ниво од играта.
Сега, со нескриена љубопитност и нетрпение чекаме да видиме каков ќе биде нивниот следен чекор. Многу работи зависат од тоа како ќе изгледа следното ниво, не само за клубот, туку и за репрезентацијата и генерално и за целиот ракомет во Македонија.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.