Црна хроника
МВР ќе бара екстрадиција за уапсениот бегалец во Косово
Министерството за внатрешни работи ќе го информира Министерството за правда за да започне екстрадициона постапка за Сулејман Османи кој беше уапсен во понеделникот во Косово, откако им избега на македонските полицајци додека им го покажувал скриеното оружје украдено од караулата во Гошинце.
Судија на претходна постапка во отсуство на осомничениот му е одредил мерка притвор во траење од 30 дена. МВР имаше издадено меѓународна потерница распишана преку Интерпол. Педесет и петгодишниот Османи од селото Брест бил уапсен во село во општина Витина во Косово и кај него бил најден пиштол и муниција.Тој беше уапсен во акцијата во кумановско Диво насеље, меѓутоа успеа да побегне по пропустите направени од полициските службеници на терен, во моментот кога ја посочуваше локацијата на која било сокриено оружјето украдено од Полициската станица Гошинце. Против полициските службеници, задолжени за негово обезбедување од страна на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР е започната дисциплинска постапка поради евидентираното непрофесионално постапување.Тој се товари за кривично дело „тероризам“ за учество во настаните во Куманово, но е осомничен и дека учествувал во нападот на Полициската станица Гошинце во кој беше одземена поголема количина на оружје. Инаку, на крајот од април годинава, неколку дена по нападот врз полициската станица за гранична контрола во Гошинце, во претресот во објекти во село Брест, сопственост на осомничениот беа откриени и одземени две автоматски пушки 7,62 мм. со пет рамки и 100 куршуми калибар 7,62 мм. за автоматска пушка, две снајперски пушки 7,9 мм. со три рамки и 20 куршуми калибар 7,9 мм., 10 пиштоли М57-ТТ 7,62 мм. со 22 рамки и 9 куршуми 7,62 мм. за пиштол, футрола за пиштол, една радио станица со два полначи, маскирна униформа со ознаки од „УЧК“, како и делови од облека, и други предмети. Беше утврдено дека запленетото оружје е дел од оружјето одземено при нападот на полицискиот објект./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Комбе удри пешак во Скопје, со тешки повреди е пренесен во болница
Вчера околу 14:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бул.„Борис Трајковски“ во Скопје, товарно возило „фолксваген кеди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(21) од Скопје, удрило во пешакот З.С.(56) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Старица паднала од автобус, па била прегазена
Вчера околу 12:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, автобус „мерцедес“, управуван од В.А.(56) од Скопје, ја прегазил преку нога 72-годишната А.Б. од Скопје, откако претходно паднала од автобусот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.Б., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Топ
Во Белград уапсен Саит Саитов, кој прегази жена во Капиштец и избега
Министерството за внатрешни работи извести дека вчера биле информирани од надлежните служви во Србија дека во Белград е лишен од слобода Саит Саитов од Скопје, кој се бара со меѓународна потерница, распишана од македонското МВР, под сомнение за извршени тешки кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, за кривично-правен настан кој се случи во Скопје на 09.01.2026.
На Саитов му е одреден екстрадициски притвор и следува постапка помеѓу министерствата за правда на двете држави, со цел негово екстрадирање во Македонија и изведување пред лицето на правдата и негово соодветно санкционирање.

