Свет
Пратениците се закануваат со штрајк
Гневни реакции во парламентот по укинувањето на нивните привилегии
Гневни реакции во парламентот по укинувањето на нивните привилегии
Одлуката на Уставниот суд за укинување на спорните одредби од Законот за пратеници кои им овозможуваа бенефициран стаж, пензии во висина 80 отсто од платата и дневници за собраниските и за комисиските седници предизвика гневни реакции во парламентот, а некои парламентарци толку се разлутија што "ги повикаа нивните колеги на штрајк, бидејќи од 5 јули ќе биле во стечај!" Пратениците го критикуваа судот дека "донел политичка и предизборна популистичка одлука", а кон ваквото мислење се приклучи и претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски. Некои парламентарци најавија дека ќе бараат и "укинување на привилегиите на шефот на државата", бидејќи сега тој се одделувал од другите граѓани. Од одлуката на уставните судии беа задоволни само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои го поздравија нивниот потег. Со Законот за пратеници, кој се однесува и на претходните парламентарни состави, предвидено е дека парламентарците може да одат во пензија со 25 години стаж и 55 години старост за мажи, 52 години за жени и со две години поминати во парламентарните клупи. Пензијата е димензионирана на 80 отсто од платата (43.600 денари), односно околу 36.000 денари, или 600 евра
ОЛИВЕРА ВОЈНОВСКА
Одлуката на Уставниот суд за укинување на спорните одредби од Законот за пратеници кои им овозможуваа бенефициран стаж, пензии во висина 80 отсто од платата и дневници за собраниските и за комисиските седници предизвика гневни реакции во парламентот, а некои парламентарци толку се разлутија што „ги повикаа нивните колеги на штрајк, бидејќи од 5 јули ќе биле во стечај!"
Пратениците го критикуваа судот дека „донел политичка и предизборна популистичка одлука", а кон ваквото мислење се приклучи и претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски. Некои парламентарци најавија дека ќе бараат и „укинување на привилегиите на шефот на државата", бидејќи сега тој се одделувал од другите граѓани. Од одлуката на уставните судии беа задоволни само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои го поздравија нивниот потег.
Со Законот за пратеници, кој се однесува и на претходните парламентарни состави, предвидено е дека парламентарците може да одат во пензија со 25 години стаж и 55 години старост за мажи, 52 години за жени и со две години поминати во парламентарните клупи. Пензијата е димензионирана на 80 отсто од платата (43.600 денари), односно околу 36.000 денари, или 600 евра. Пратениците велат дека ова право досега не го искористил ниту еден нивни колега.
Најреволтиран од сите пратеници изгледаше Слободан Чашуле од ВМРО-Народна, кој потенцираше дека одлуката не го погодува лично, бидејќи пензија ќе зема по друга основа, но се солидаризира со другите колеги. „Денеска ќе прогласиме генерален штрајк во Собранието поради немање услови за работа и затоа што сметаме дека сме деградирани, а со прогласувањето на изборите сме ставени во ситуација да бидеме стечајци. Бидејќи елементарната сигурност на пратениците се смета за привилегија, ако се согласат и другите колеги, ќе штрајкуваме. Ја повикувам госпоѓата Ингилизова, која решаваше не според Уставот, туку според оној дел од јавноста кој манипулира со социјалниот карактер на пратениците, да дојде да ја избере ДИК", рече Чашуле.
Пратеникот Жарко Караџоски вели дека „со ваквите одлуки, не само за Законот за пратеници туку и за откупот на затворската казна се потврдува дека Уставниот суд не ја познава уставната материја и работи под политички притисок и популистички. Според неговото толкување, пратениците се ставаат во повисока категорија од другите граѓани. Сега по аналогија очекувам да биде укинат и Законот за претседател, бидејќи и претседателот на државата е нееднаков со другите граѓани. Ако тоа не го направи судот, ќе го направиме ние, ќе поднесеме иницијатива за негово укинување" .
И координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јани Макрадули, смета дека потегот на Уставниот суд е популистички. „Популизмот и политиката влегоа и во Уставниот суд. Во Законот за пензиско осигурување постои член кој вели дека сите избрани функционери одат во пензија со посебен закон. Уставниот суд треба да ја цени уставноста на законот, не е повикан да ја цени социјалната ситуација во државава", вели Макрадули.
Пратеничката Ганка Самоиловска-Цветанова, која заедно со нејзиниот партиски колега Ефтим Манев, наспроти партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ, гласаше за Законот, и натаму смета дека пратениците треба да имаат некакви бенефиции. „Пратениците се најекспонирани на политичката сцена, најжешките политички прашања се решаваат токму во Собранието, особено во овој период низ кој поминува државата, така што треба да имаат одредени привилегии", вели таа. Пратеникот Исмет Рамадани од ПДП се надева дека „одлуката на Уставниот суд не е мотивирана од некои други намери". Тој напомнува дека треба да има законска рамка која ќе го дефинира статусот на пратеникот и по завршувањето на мандатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Откако исчезнаа, два запленети венецуелски танкери повторно беа забележани кај Порторико
Два танкера за нафта запленети од американските сили претходно овој месец како дел од кампањата против извозот на венецуелска нафта беа повторно видени вчера во близина на Порторико, потврдија за Ројтерс сведок и според податоците за следење на бродот.
Станува збор за супертанкерот М Софија, запленет на 7 јануари додека транспортираше венецуелска нафта, и помалиот танкер Галилео, запленет минатата недела. Танкерите се меѓу седумте бродови поврзани со венецуелските извозни операции што беа запленети од американската војска и крајбрежната стража во последните недели.
Танкерите не емитуваа податоци за позицијата, па затоа нивната локација не можела да се следи се до средата. Другите пет запленети бродови моментално се наоѓаат во близина на американскиот Залив, во венецуелските води и во близина на Шкотска.
Свет
САД денеска официјално излегуваат од СЗО
САД денес се повлекуваат од Светската здравствена организација (СЗО), една година откако претседателот Доналд Трамп нареди повлекување од агенцијата на ОН со седиште во Женева, што нејзиниот генерален директор го нарекува „загуба и за САД и за остатокот од светот“.
Според договорот меѓу САД и СЗО, повлекувањето стапува на сила денес откако ќе истече задолжителниот едногодишен рок за известување. Теоретски, еден од условите за повлекување утврдени во договорот не е исполнет бидејќи САД не ги платиле своите претходни придонеси во целост како што е договорено.
Сепак, СЗО нема начин да бара пари или да го одбие повлекувањето, истакнува агенцијата dpa.
„Се надевам дека САД ќе ја преиспитаат својата одлука и повторно ќе се приклучат на СЗО“, изјави генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус во Женева, додавајќи дека сите губат со овој потег.
„Повлекувањето е загуба за САД, а во исто време и загуба за остатокот од светот“, рече Тедрос, додавајќи дека не станува збор за пари, туку за соработка и солидарност. Меѓу другото, СЗО има системи за рано предупредување за појава на потенцијално опасни болести.
Гневот на Трамп кон СЗО датира од пандемијата на коронавирус.
Тој се обиде да ја напушти организацијата за време на својот прв мандат, но неговиот наследник, Џо Бајден, стана претседател пред да истече едногодишниот рок и ја поништи наредбата на Трамп. Трамп ја обвинува СЗО за злоупотреба на средства и лошо управување со пандемијата.
Откако Трамп се врати во Белата куќа, САД не ги платија преостанатите членарини за 2024 и 2025 година, во вкупен износ од околу 280 милиони долари.
Со години, САД се убедливо најголемиот донатор, честопати покривајќи повеќе од 15 проценти од буџетот на организацијата. СЗО сега е принудена да спроведе програма за штедење, намалувајќи го персоналот и буџетот за околу една петтина.
фото/Depositphotos
Свет
Маж убиен во пукотница во Германија
Еден маж почина во пукотница во Дортмунд. Пукањето се случило кратко пред полноќ во градскиот округ Нордштат, а полицијата го истражува инцидентот, објавува Welt.
Портпаролот на полицијата утрово соопшти дека мажот бил реанимиран од службите за итни случаи откако бил ранет на местото на настанот. Тој бил однесен во болница, каде подоцна им подлегнал на повредите.
Парчиња искината облека биле пронајдени расфрлани на асфалтот, заедно со повеќе од 20 чаури.
Одделот за убиства на полицијата ја презеде понатамошната истрага. Деталите за можните сторители сè уште не се познати.
фото/Depositphotos

