Европа
Русија започна голема воена вежба на јужната граница, загрижена за намерите на САД во врска со Украина
Руското министерство за одбрана објави во четвртокот дека започнала голема воена вежба на југот од Русија и во области на државните граници, а истовремено портпаролот на руското министерство за надворешни работи Александр Лукашевич изјави дека Москва е серозно загрижена од извештаите дека САД имаа намера на Украина да и’ испорача големи количества оружје.
Во вежбите учествуваат повеќе од две илјади припадници на противвоздушните единици и 500 различни видови вооружување., а ќе траат до 10-ти април. Вежбите се одржуваат во регионите во Јужен и Северен Кавказ, во руските воени бази во Ерменија, Абхазија и Јужна Осетија, како и на црноморскиот полуостров Крим кој минатата пролет со референдум се присоедини на Руската Федерација, што Западот го смета за руска нелегална анексија на украинска територија.
Руските медиуми претпоставуваат дека овие воени вежби на Запад ќе бидат протолкувани како нова демонстрација на сила од страна на Москва, во моментиве кога односите се најнапнати од завршувањето на идеолошката блоковска Студена војна.
Истовремено во четвртокот НАТО објави дека негова флотила од средата впловила во Црното Море на вежба во којашто ќе учествуваат бродови на бугарската, романската и турската морнарица.
На прес-конференцијата во врска со руските воени вежби, заменикот на рускиот министер за одбрана Анатолија Антонов рече дека операциите на НАТО на руските граници далеку го надминуваат по обемот и карактерот она што го презема руската армија, „Држави на НАТО ја користат ситуацијата на југоистокот на Украина како изговор… да им се приближат на руските граници“, рече Антонов.
Малку подоцна портпаролот на руската дипломатија, Александр Лукашевич на брифинг со новинарите порача дека Москва е вознемирена и загрижена од информациите за големите испораки на оружје од САД за Украина.
„И покрај прилично успешното имплементирање на договорот за прекин на огнот во Донбас, кој беше постигна на 12-ти февруари годинава во Минск, во соработка со челниците на земјите од ткн ’нормандски формат’ (Украина, Русија, Германија и Франција) се јавува сериозна загриженост од продолжување на информациите за намерите на САД да започнат со масивна испорака на оружје за Украина“, рече Лукашевич.
„Во Конгресот, дури, се разработува специјален закон кој предвидува издвојување на милијарда американски долари за опремување и обука на украинската армија, небаре во Вашингтон се подготвуваат да ја земат под целосна управа“, одаде портпаролот на руското министерство за надворешни работи.
„Покрај тоа, според достапните информации, овие денови на Јаворовскиот полигон во Л’вовската област (источна Украина, стотина километри и одметнатите рускојазични региони Донецк и Луганс и од границата со Русија –з.р.) се распоредени околу 300 војници на 173-та воздушно-десантна бригада на вооружените сили на САД, којашто е стационирана во Италија. Овие војници ќе ги обучуваат украинските војници за манипулирање со странката воена опрема. Така, американските сили веќе се присутни во Украина“, рече Лукашевич.
Додаде дека „очигледно е дека тие (САД) имаат намера во оваа земја да несат немир“. „Би било убаво властите во Киев и целиот украински народ да се замислат за последиците од таквите чекори“, рече Лукашевич порачувајќи дека „со оружје војната не се гаси“.
„Одново го предупредуваме Вашингтон за огромната штета врз нашите билатералните односи, доколку започне со убивање на населението во Донбас со американско оружје. Испораките на оружје нема да бидат само поткопување на примирјето туку ќе придонесат и за ескалација на југоистокот, а ќе ја загрозат и безбедноста на Руската Федерација“, рече рускиот дипломат.
Минатите денови беше објавено дека САД планираат да испратат во Украина во периодот од март до октомври најмалку 300 војници во рамките на проектите за соработка со украинската армија. Американскиот воен персонал ќе биде сместен во Меѓународниот центар за поддршка на мирот и безбедноста (International Peacekeeping and Security Center — IPSC) на Јаворовскиот полигон во Л“вовската област во рамките на заедничките воени вежби. Според соопштението на Киев, „предвидено е овие активности да траат од 5-ти март до 31-ви октомври 2015 година, само околу осум месеци“.
Американската влада објави тендер за пренесување на воениот персонал и воената техника за оваа операција во кој меѓу другото се бара ангажирање на седум посебни автобуси и 11 тешки камиони кои ќе можат да носат повеќе од 31 тон товар. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

