Свет
Директорот на Фукушима Даичи поднесе оставка

Директорот што управува со уништената јапонска нуклеарна централа Фукушима Даичи поднесе оставка и ја презеде одговорноста за активностите во текот на кризата.
Директорот што управува со уништената јапонска нуклеарна централа Фукушима Даичи поднесе оставка и ја презеде одговорноста за активностите во текот на кризата. На чело на ТЕПКО, Масатаку Шимузу ќе го замени Катсутоши Чикудате, пишува јапонскиот весник „Јомиури“. Нуклеарната централа Фукушима Даичи тешко е оштетена по земјотресот и цунамито што ја погодија Јапонија на 11 март. Од нуклеарката истекоа големо количество радиоактивен материјал, а околу 80.000 луѓе мораа да ги напуштат домовите. ТЕПКО се најде под голема критика поради лошото менаџирање со нуклеарната криза, која е оценета како најлоша од онаа во Чернобил во 1986. година. Компанијата ја критикуваше и јапонскиот премиер Наото Кан. На Шимузу му приговараа затоа што му требаше еден месец за да отиде од Токио да го посети погоденото подрачје и да им се извини на жителите за катастрофата. Компанијата очекува да ги стабилизира реакторите до јануари следната година. Прогнозите се дека компанијата за една година ќе забележи загуба од 15 милијарди долари, што е најмногу од нејзиното основање во 1951. година. /крај/ин/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кличко: Можеби треба да им дадеме дел од земјата на Русите, не е фер, но е за мир

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави за Би-Би-Си дека Украина можеби ќе мора да отстапи дел од територијата како дел од мировниот договор со Русија, поради зголемениот притисок од претседателот Доналд Трамп да прифати територијални отстапки.
„Едно од сценаријата е да се отстапи територија. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено“, рече тој, според Би-Би-Си.
Но, 53-годишниот поранешен шампион во бокс, а сега политичар, нагласи дека украинскиот народ „никогаш нема да прифати окупација“ од страна на Русија.
Кличко сега е еден од највисоките украински политичари кој јавно наговести дека неговата земја можеби ќе мора привремено да отстапи дел од територијата.
Градоначалникот на Киев и претседателот Володимир Зеленски се политички ривали. Кличко постојано ги обвинуваше претседателот и неговиот тим дека се обидуваат да го поткопаат неговиот авторитет.
Во разговор за емисијата „Тудеј“ на BBC Radio 4 од својата канцеларија во центарот на Киев, Кличко нагласи дека е „одговорен за главниот град на Украина“, опишувајќи го како „срце“ на земјата разурната од војна. Тој рече дека претседателот Володимир Зеленски можеби ќе биде принуден да донесе „болна одлука“ за да постигне мир.
На прашањето дали Зеленски разговарал со него за деталите за евентуален договор, Кличко кратко одговори: „Не“. „Претседателот Зеленски го прави ова самиот. Тоа не е моја функција“, додаде тој.
Осврнувајќи се на јавната расправија меѓу Зеленски и Трамп во Белата куќа во февруари, градоначалникот посочи дека клучните прашања меѓу врвните политичари би било подобро да се дискутираат „без видеокамери“.
Претходно оваа недела, Трамп го обвини Зеленски дека им штети на мировните преговори откако украинскиот лидер повторно го отфрли признавањето на руската контрола врз Крим, јужниот украински полуостров што Москва нелегално го анектираше во 2014 година.
Трамп рече дека Крим бил „изгубен пред многу години“ и дека во моментов „не е ни тема на дискусија“.
Сепак, Зеленски се потсети на „Декларацијата за Крим“ од 2018 година, издадена од тогашниот државен секретар Мајк Помпео, во која се наведува дека САД „го отфрлаат обидот за анексија од страна на Русија“. Украина и нејзините европски сојузници изразија загриженост во последните недели за она што многумина на континентот го сметаат за зближување на Трамп со Владимир Путин и Русија.
Свет
Нов руски напад врз Украина – лансирани над 100 дронови

Русија изврши уште еден напад во текот на изминатата ноќ, а Украинците тврдат дека лансирале над 100 дронови.
Според нивните податоци, Москва лансирала вкупно 103 дронови со цел да ја нападне Украина.
„Од тој број, 41 беспилотно летало е соборено, а уште 40 беа електронски блокирани“, соопшти војската.
Не е јасно што се случило со преостанатите дронови.
Според украинските податоци, нападите предизвикале штета во регионите Харков, Суми, Черкаси, Донецк и Дњепропетровск. По вчерашниот смртоносен напад врз Киев и повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до Владимир Путин да ги запре нападите, Русија повторно нападна цивили, јавува украинската страна.
„Овој пат целта беше градот Павлоград“, објави гувернерот на поширокиот регион, Серхиј Лисак. Според него, во нападот загинале две лица, а осум се повредени.
„Напаѓачот (Русија) повторно изврши масовен напад со беспилотни летала врз нашиот регион“, рече Лисак, додавајќи дека 11 беспилотни летала биле соборени над областа.
Лисак објави и фотографија од пожар во зграда што изгледа како станбена, наведувајќи дека во градот избувнале неколку пожари.
Шестмина од повредените се однесени во болница, додека две лица, меѓу кои и едно 15-годишно девојче, добиле медицинска помош на местото на настанот, рече тој.
Според него, пожари избувнале и на локации на компании во областите Синелниковски и Самаривски.
Свет
Поранешниот британски премиер: Украинците не добиваат ништо од мировниот план на Трамп

Поранешен британски премиер и отворен поддржувач на Украина, објави порака во која очигледно ги критикува идеите на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната.
Имаше извештаи дека мировниот план на Трамп вклучува признавање на Крим, кој Владимир Путин нелегално го анектираше во 2014 година, како дел од Русија.
Трамп призна дека ќе биде „многу тешко“ за Украина да ја врати територијата, но повтори дека е „блиску до договор“.
Во објава насочена против идејата Русија да ги задржи освоените територии, Борис Џонсон напиша:
„Путин безмилосно масакрира украински цивили, убивајќи и повредувајќи 100 луѓе во Киев, вклучувајќи и деца. И каква е неговата награда според најновите мировни предлози?.
Правото да ја задржи суверената украинска територија што ја зазеде преку насилство и кршење на меѓународното право.
Правото да се контролира судбината на Украина преку забрана за членство во НАТО.
Укинување на санкциите против Русија.
Економско партнерство со Америка.
Шанса да ги обнови своите вооружени сили за следниот напад за само неколку години.
И што добива Украина по три години херојски отпор против брутален и неиспровоциран напад? Која е нивната награда за ужасните жртви што ги направија, за, како што постојано им се велеше, слободата и демократијата низ целиот свет?
Освен правото да ги делат своите природни ресурси со Соединетите Американски Држави, тие не добиваат ништо.
Што во овој договор реално може да спречи трета руска инвазија? Ништо.
Ако сакаме да спречиме повеќе злосторства на Путин, мора да имаме долгорочна, веродостојна и пред сè соодветно финансирана безбедносна гаранција за Украина – гаранција издадена од Велика Британија, САД и сите западни сојузници“, напиша поранешниот британски премиер.
Борис Џонсон претходно минатата година постојано го бранеше Трамп, критикувајќи ја како што ја нарече „западната либерална интелигенција“ за нејзината загриженост во врска со американскиот претседател.
Џонсон, исто така, ја бранеше објавата на Трамп на социјалните мрежи претходно оваа година во која тој го обвини Володимир Зеленски за водење војна, инсистирајќи дека неговите зборови не треба да се сфаќаат буквално.