Македонија
Преговорите за името се мртви
Компромис во овој миг е невозможен. Кога Василакис би пишувал компромисен пакет, би ни понудил далеку подобар бидејќи би му било непријатно да го ослови како компромис сето она што го бара Грција, бидејќи тоа не е компромис, туку диктат
Пишува: Атанас КИРОВСКИ
Иако сè уште нема официјален одговор од македонските власти за последниот предлог, или сет-идеи на посредникот Метју Нимиц, и претседателот Црвенковски и премиерот Груевски испратија јасни сигнали дека последната понуда ја сметаат како лоша основа за натамошни преговори. Многу бргу Македонија ќе испорача и официјален став дека последните предлози на Нимиц се неприфатливи. Преговорите во Њујорк, веќе е извесно, запаѓаат во сериозна криза, а шансите за некакво решение на спорот со Грција до истекот на мандатот на актуелната американска администрација на претседателот Џорџ Буш стануваат сосема минимални. Грците ја постигнува својата цел да ја испрати администрацијата на Буш која ја смета за „филоскопјанска” – што и не е далеку од вистината; доволно е само да се потсети дека за време на нејзиниот мандат САД нè признаа под уставното име и да сочека некои подобри времиња со нова администрација. СУШТИНАТА НА НОВИОТ ПРЕДЛОГ Последниот предлог на Нимиц, за кој се ширеше фама дека е можеби и конечен, е навистина крајно неприфатлив за Македонија и не содржи во себе елементи на вистински компромис, туку е целосно прогрчки во сите 4 клучни точки на преговорите. Прво. Предложеното компромисно име е Северна Република Македонија што е компромисно име со географска одредница на што инсистира Атина, или, ако сакате, што е и официјална позиција на Грција во овие преговори. Композитно име со дескрипција на општественото уредување, на пример Демократска Република Македонија или географска одредница на главниот град Република Македонија – Скопје, би бил предлог кој нам повеќе ни одговара. Второ. Опсегот на употребата на името е сосема во интерес на Грција. И тука Нимиц ја предлага грчката формула ерга омнес – едно име за сета меѓународна комуникација на сите три нивоа. Името Северна Македонија, Нимиц предлага да важи во сите официјални меѓународни организации, во сите квазиофицијални или неформални меѓународни манифестации (олимписки игри, Песна на Евровизија, разни спортски игри), а згора на тоа има и одредба со која Советот за безбедност им препорачува на сите земји кои не признале под уставно име да ни се обраќаат со новото име. Сета дипломатска борба и признавањето на уставното име од повеќе од 120 земји со тоа би паднале во вода, а македонската дипломатија би била целосно посипана со пепел. Спротивно на ова е македонската позиција претставена како двојна формула која, да бидеме искрени, е нереалистичен приод во преговорите, или можеби почетна точка од која сме подготвени натаму да правиме компромис, но максимумот е име за во ОН, а третите земји да ја имаат слободата да нè ословуваат како што самите сакаат. Трето. Новото компромисно име би било впишано на патните исправи -пасошите, на англиски и на француски јазик, а единствената отстапка кон нас е да имаме право (каква широкоградост) да напишеме и Република Македонија на сопствените пасоши на нашите граѓани. Не знам дали сево ова е можно да се направи и без уставни измени. Четврто. Предлогот на Нимиц не го гарантира македонскиот национален идентитет! Ова, нема збор, е најстрашно од сè, иако и сè што досега содржеше во предлогот беше далеку од пријатно и претставува опасно влошување на македонските преговарачки позиции што треба сериозно да нè замисли. Американската администрација и Нимиц во изминативе месеци постојано велеа дека го гарантираат правото на самоопределување, на називите македонски јазик и македонска нација, за со последниот предлог да станеме северномакедонци! Откако им го предаде пакетот на амбасадорите Димитров и Василакис, Нимиц изјави дека смета оти станува збор за фер компромис, иако, убеден сум, и самиот не верува во такво нешто, но за волја на вистината и кога предлагал целосно промакедонски предлози, кои ние ги одбивавме надевајќи се дека ќе добиеме поповолна позиција и уште поповолни предлози, тој велеше дека понудил фер компромис. Јас мислам дека кога Василакис би пишувал компромисен пакет, би ни понудил далеку подобар бидејќи би му било непријатно да го ослови како компромис сето она што го бара Грција, бидејќи тоа не е компромис, туку диктат. Како и да е, во ваков контекст на преговори Македонија нема што да бара. Едноставно, целосно е неприфатливо, нема никакви елементи на добра волја за воопшто да се отвори дискусија за компромис. Очигледно ќе треба да почекаме на новата американска администрација, а цената што ќе мора да ја платиме е забавување на нашите евроатлантски интеграции. ПОТРЕБЕН Е ПРЕСВРТ Откако е јасно дека Кондолиза Рајс и нејзините помошници Даниел Фрид и Розмари ди Карло ќе си заминат од Стејт-департментот без да го решат грчко-македонскиот спор, треба во државава да направиме анализа како успеавме за кратко време до толку да ги влошиме нашите меѓународни и со тоа и преговарачки позиции. Но, во нашиов политички амбиент – каде што сите прашања партиите ги користат за политички маркетинг, па и на сметка на националните интереси – досега беше невозможно да се организира искрена дебата без непотребни етикетирања на предавници и патриоти. Сите ние во оваа држава сакаме, барем така сакам да верувам, и посакуваме да добиеме што е можно повеќе, а да дадеме минимално од нашата национална гордост. Треба да ставиме на кантар што би добиле со евентуален компромис, но и да расчистиме што е за нас достоинствен компромис. Гарантирање на националниот идентитет – македонска нација и македонски јазик, сочувување на уставното име, без омаловажување пред нашите држави-сојузнички, значи и натаму во билатерална комуникација да нè ословуваат со Република Македонија, според мене би бил чесен компромис без да се чувствуваме понижени и губитници. Тоа би значело промена на референцата ФИРОМ во меѓународните организации, која е тотално бесмислена и за мене, лично, понижувачка, со некоја географска одредница каква што е Северна Македонија, и тука би бил македонскиот компромис. Македонската позиција треба да биде – замена на референцата ФИРОМ и ништо повеќе од тоа. Прашањето е како може ова да го постигнеме? Клучот е во перцепцијата на меѓународната јавност. Грција, иако 15 години преговара за компромисно име кое го содржи терминот Македонија, успеа да го убеди светот дека таа направила сериозен компромис со тоа што дава согласност да го користиме терминот Македонија, како и дека сега другата страна треба да го изоди својот дел од патот. Мора да истапиме со нешто што ќе нè покаже како конструктивни, како гуд гајс, и да објасниме дека Грција не сака компромис од позиција на сила, зашто го има ветото во НАТО и ЕУ, и оти сака силеџиски целосно да нè обезличи. Само така имаме шанса за пресврт во овие преговори, кои очигледно сè повеќе се водат на наша штета и добиваме сè полоши предлози од Нимиц. Владата покажа дека ја бидува за ПР. ТРеба да се посвети на ПР и во светот, а не само дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

