Економија
Банката за развој ќе и даде поддршка на Македонија од над 110 милиони евра
Банката за развој при Советот на Европа на Македонија ќе и даде поддршка од над 110 милиони евра, за реализација на проектите во областа на здравството и образованието, социјалното домување и реконструкцијата на затворите.
Банката за развој при Советот на Европа на Македонија ќе и даде поддршка од над 110 милиони евра, за реализација на проектите во областа на здравството и образованието, социјалното домување и реконструкцијата на затворите.
Гувернерот на Банката за развој при Советот на Европа, Рафаел Аломар, кој денеска оствари средба со министерот за финансии Зоран Ставрески, изјави дека банката планира да го зголеми бројот на проекти во земјава.
„Од 1997 година Македонија е членка на Банката. Оттогаш натаму имаме многу плодотворна соработка со вашата земја. Ваквата пракса ќе продолжи. Досега на земјата и имаме одобрено проекти во вкупна вредност од 200 милиони евра, но подготвени сме да го зголемиме нивниот број со оглед дека реализацијата е во согласност со нашиот социјален таргет“, нагласи Аломар.
Камата од 1,7 отсто и три години грејс период се дел од условите на поддршката што Банката за развој и ја дава на Македонија.
„Кога позајмувате од нас, тоа го правите по најдобри можни услови. Висината на каматната стапка е техничко прашање на кое е тешко да се одговори зашто постојано се менува“, посочи Аломар.
Министерот Ставрески истакна дека Македонија со банката има долгорочна соработка која што во моментов изнесува над 110 милиони евра.
Тој потсети дека проектот во здравството што се реализира со поддршка на Банката опфаќа реконструкција на над 20 јавни здравствени установи во првата фаза и најави дека ќе продолжи со следната фаза која очекува да надмине 100 милиони евра и да опфати 45 јавни здравствени установи со делумна или целосна реконструкција и изградба на нови објекти.
Проектот за социјално домување вреден 25 милиони евра и исто толку контрибуција државата предвидува изградба на станови за социјалните категории граѓани.
Банката за развој како што рече Ставрески учествува и во реконструирање на затворите, проект вреден околу 50 милиони евра, со цел да се достигнат сите димензии на почитувањето на правата на затворениците и подобрување на условите во затворите.
Тој како најзначаен го спомена проектот во областа на образованието каде што со поддршка од Банката се градат училишни и спортски сали.
Како што информираше министерот за финансии во тек се преговори за а изградба на основни училишта, како и на нови спортски сали во вредност од 30 милиони евра.
Банката за развој при Советот на Европа е најстарата европска мултилатерална финансиска институција со посебен социјален мандат. Финансира проекти во социјалните области како што се социјалната интеграција, социјалната јавна инфраструктура и животната средина со цел да се подобри социјалниот развој и социјалната кохезија во сите наши земји членки. Главниот сектор се бегалци, мигранти, природни катастрофи, како и образовани, социјална заштита, рурална модернизација, животна средина и мали и средни претпријатија./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.

