Македонија
Народен правобранител: Незадоволителни услови во затворите и полициските станици
Незадоволителни услови во полициските станици и затворите, нечовечки и понижувачки услови и сместување во дел од самиците во затворите, притвореници кои се затворени и по 23 часа.
Ова го констатирал Народниот правобранител во Годишниот извештај на Одделението за превенција на тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување – Национален превентивен механизам (НПМ) за 2011 година.
Народниот правобранител посетил 12 полициски станици, три затвора, еден воспитно-поправен дом, една установа за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци, еден центар за сместување лица баратели на право на азил.
Во полициските станици не биле исполнети минималните домашни и меѓународни стандарди за задржување на уапсените.
Констатирани се незадоволителни услови на сместување, неисполнување на стандардите за големина на просторијата или пренатрупаност, недоволно загревање, непостоење на соодветна вентилација, влажност, а во помал дел и немање директен пристап до дневна светлина.
Во затворите немале посебно издвоено приемно одделение, а новите осуденици при процесот на адаптација биле во директен контакт со осудениците од другите одделенија.
„НПМ има забележано случаи на нечовечко и понижувачки услови и сместување во дел од самиците во казнено-поправните установи кои беа посетени од Националниот превентивен-механизам во 2011 година. Во две полициски станици е нотирано задржување на малолетно лице во траење подолго од 12 часа, што е во спротивност со Законот за малолетничка правда. Често се случува притворените лица да поминуваат и по 23 часа затворени во притворските простории без да бидат вклучени во извршувањето на редовните работи и други активности“, констатира Народниот правобранител.
Забележани се пропусти и недоследности при остварувањето на правото на лекар во полициските станици и недоволна екипираност на медицинскиот персонал во затворите.
Чуварите од битолскиот затвор за кои имаше сомневање дека малтретирале осомничени во акцијата „Монструм“ добија кривична пријава, потврди Народниот правобранител, Иџет Мемети.
„Постапката пред Народниот правобранител по однос на поплаките за малтретирање или за тој дел е завршена, со тоа што сме поднеле барање за казнена одговорност, согласно кривичниот законик, дека имаме основано сомневање дека е сторено тоа кривично дело малтретирање при вршење на служба, и тоа е исклучиво во надлежност на Јавното обвинителство во Битола“, изјави Мемети./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

