Свет
Со предметот, кој во јавноста е познат како „Југ 2" , се опфатени 21 лице
Обвинение за новата група трговци со луѓе и шверцери на мигранти
Обвинение за новата група трговци со луѓе и шверцери на мигранти
Со предметот, кој во јавноста е познат како „Југ 2" , се опфатени 21 лице
Втората голема група обвинети за шверц на мигранти и за трговија со луѓе, а која се случуваше меѓу декември минатата и крајот на мај годинава, наскоро ќе влезе во судска процедура. Одделението за гонење сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција при Јавното обвинителство веќе изготви обвнителен акт со кој 21 лице се товарат за трговија со луѓе и шверц на мигранти.
Според Обвинителството, во синџирот на трговија со луѓе се инволвирани притворените и обвинетите: Зоран Крстевски(34) и неговиот брат Игорче Крстевски (28), двајцата од Велес, Реџеп Касамовски (34) од велешкото село Бузалково, Ајрула Каја(35) од Дебар, Каме Трајковски (43) од Долно Каласлари, Велешко, велешанецот Влатко Трајковски, сега населен во Долно Каласлари, гевгеличаните Димитар Делиџаков (37), Ристо Танов (43), Миле Ангелов (36), Кирил Брљамов (35) од село Стојаково, Агрон Каја (41) и Албан Дема (31), двајцата од Дебар, Рамадан Касамовски (36) од село Бузалково, а со престој во скопско Долно Нерези, Азиз Кркути (29) од Дебар, Ѓорѓе Танчев (32) од Гевгелија со место на живеење во село Марвинци, Неџат Јакупи (56) од село Чајле, Гостиварско, Кенан Карамети (47) од Дебар, Зоран Танески (43) од Охрид, Фљамур Даути (32) од струшкото село Калишта, Данчо Колевски (33) од Струга, а со место на живеење во охридското село Велгошти, Милутун Марковски од Струга и со место на живеење во селото Нерези.
Повеќе од половината обвинети мерката притвор што им ја изрече истражен судија на Основниот суд Скопје 1 ја издржуваат од 18 мај, а другата половина во истражниот затвор „Скопје" се наоѓаат од средината на јуни годинава, кога и беше затворен кругот.
Според мислењето на Обвинителството, Зоран и Игорче Крстевски, Реџеп Касамовски, Ајрула Каја, Каме Трајковски, Димитар Делиџаков, Ристо Танов, Рамадан Касамовски и Кенан Карамети меѓу декември минатата и 18 мај годинава организирале група која се занимавала со шверцување мигранти. За таа цел тие обезбедувале возила и возачи за непречен транспорт на мигрантите и, според обвинението, за услугите наплатувале меѓу 200 и 800 евра. Организаторите на транспортот на мигранти требало да овозможат непречено движење на потегот Албанија-Македонија-Грција. Од друга страна, пак, обвинетите Влатко Трајковски, Миле Ангелов, Кирил Брљамов, Агрон Каја, Албан Дема, Азиз Кркути, Ѓорѓе Танчев, Неџат Јакупи, Зоран Танески, Фљамур Даути, Данчо Колевски и Милутин Марковски имале обврска со своите возила да ги превезуваат илегалците. Од целата оваа групација исклучок претставува само обвинението за Кенан Карамети.
Обвинителниот акт, кој содржи 13 точки, детаљно ги наведува маршрутите на мигрантите и на нивните превозници, а според диспозитивот сж започнало на 6 декември минатата година, кога биле реализирани четири транспорти. Веќе во јануари годинава, три групи мигранти биле префрлени преку државната граница, а исто толку префрлања биле реализирани и во февруари. Во март биле извршени само два транспорта, а по априлската „пауза" следувале нови три, по што групата била откриена и приведена. Речиси сите транспорти се одвивале според однапред утврдена шема, односно по приемот на „патниците", кој најчесто се случувал на македонско-албанската граница, следувало патување до Скопје, каде што во близината на „Хубо маркет", или до бензинската пумпа на „Макпетрол"на булеварот „Александар Македонски" се вршел претовар. По ова карваните се упатувале на југ, а потоа на мостот шест километри по селото Удово следувало преземање на илегалните мигранти. Дека префрлањето и патувањето не биле толку наивни говори и податокот дека пред возилата во кои се превезувале мигрантите се движело лице кое требало да ја има улогата на „чистач". Оваа улога, според Обвинителството, најчесто им била доверувана на сега обвинетите Ристо Танов и Димитар Делиџанов. Она што на овој случај му дава посебност е фактот дека како жртви на шверцот на мигранти, покрај албански, има и индиски и молдавски државјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ по говорот на Трамп: Излагањето на Фон дер Лајен беше позначајно во стратешка смисла
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека неговиот прв впечаток по говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум е дека се движи во насока на понатамошно спротивставување и конфликт на Западот помеѓу Соединетите Американски Држави и Европа.
Во изјава за новинарите, по говорот на Трамп, кој го следеше од првиот ред во салата на Конгресниот центар во Давос, Вучиќ рече дека редот за да се влезе во таа сала и да се слушне американскиот претседател бил долг 500 метри.
Наведувајќи дека му треба време да го анализира тој говор и да го коментира, Вучиќ рече дека Трамп е интелигентен и шармантен, но дека вчерашниот говор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бил многу повеќе стратешки ориентиран.
„И јас зборував вчера – бев изненаден од квалитетот на говорот на Урсула фон дер Лајен. Не зборувам за последиците, не зборувам за тоа кој е посилен, кој не, но бев изненаден од квалитетот и начинот и содржината на говорот на Урсула фон дер Лајен. Што се однесува до содржината, таа вчера создаде нова идеолошка платформа, нова политичка платформа. За мене, ова е сигурно најважниот говор што сум го слушнал“, рече Вучиќ.
Додавајќи дека ги слушнал речиси сите нејзини говори и прочитал 90 проценти од говорите на важни луѓе на сите времиња, Вучиќ нагласи дека вчерашниот говор на Фон дер Лајен бил еден од најдобро составените говори.
„Не би го рекол тоа така за г-дин Трамп. Би рекол дека е многу интелигентен, исклучително шармантен, дека добро разбира дека проблемот со долгот се решава со стапката на раст, ја разбира економијата, но говорот на Фон дер Лајен беше многу постратешки ориентиран од неговиот. Не би зборувал понатаму за говорот на претседателот Трамп“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека Фон дер Лајен вчера изјавила дека заблудите се завршени и дека чекале една година да се промени ставот на Америка, дека сега мора да се разбере дека ова е трајна ситуација, и дека мора да се формира независна Европа, односно дека била принудена да го стори тоа, иако цело време се потпирала на Америка.
„Во таа смисла, Трамп ѝ помага на Европа, а не ја перцепира на тој начин. Не сум сигурен дали Европа ќе има сила за тоа или не. И ако некој ме праша, би рекол 50 спрема 50. Можеби дури и повеќе „не“ отколку „да“. Но, идеите што беа изнесени, постулатите што ги поставија оние што учествуваа во пишувањето на тој говор и конечно самата фон дер Лајен, се високи цели, не лесно остварливи, но би рекол нешто што ќе ја претставува историјата на иднината и она што таа ќе го зборува“, рече Вучиќ.
Коментирајќи го говорот на Доналд Трамп, Вучиќ додаде дека знае дека, за жал, голем дел од српските граѓани сосема погрешно и ирационално ќе се радуваат на неговите зборови во врска со Гренланд и некои други теми.
„Не сакам да коментирам за тоа во овој момент. Сакам да останам господар на неискажаните зборови како претседател на земјата“, рече Вучиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
Свет
Белгискиот премиер: Трамп е гладна гасеница
Белгискиот премиер Барт де Вевер го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, споредувајќи го со „гладна гасеница“, во контекст на неговите изјави и закани во врска со Гренланд.
Како што пренесува „Метро“, де Вевер рече дека времето за дипломатско убедување на Вашингтон е истечено и дека таков пристап станал контрапродуктивен.
„Доста е. Европа мора да се соочи со Доналд Трамп, „гладната гасеница“, рече белгискиот премиер.
Тој ги повика европските земји сериозно да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети, за да можат да одговорат на можноста за американска воена интервенција во Гренланд.
Според него, дојде време реториката и апелите да се заменат со конкретни мерки насочени кон заштита на европските интереси.
Изјавите на белгискиот премиер следеа по низа провокативни пораки од Вашингтон.
Трамп претходно го нарече Гренланд „парче мраз“ и јавно побара НАТО да им го отстапи на Соединетите Американски Држави.
Во овој контекст, тој потсети дека во рамките на Алијансата, како што изјави, го нарекуваат „тато“, додавајќи дека САД би биле „благодарни“ доколку Гренланд биде предаден, но дека ќе „го паметат при евентуално отфрлање“.
Во исто време, американскиот претседател рече дека Вашингтон е секогаш подготвен да го брани НАТО, но изрази сомнежи за способноста на Алијансата да ги поддржи САД во иста мера, што во европските престолнини беше протолкувано како дополнително заострување на односите со сојузниците.
Фото: ЕПА
Свет
Земјотрес ја погоди Турција
Турција денес беше погодена од земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Како што е наведено, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 12 километри и на растојание од 68 километри од градот Баликешир.
Досега нема извештаи за повредени или материјална штета, пренесува Танјуг.

