Свет
Во напади на исламистите најмалку 24 убиени
Најмалку 24 лица се убиени во серија напади кои ѝ се припишуваат на исламистичката група Боко Харам, а се извршени во периодот меѓу четвртокот и петокот во североисточниот дел од Нигерија, соопштија во саботата неколку извори од локалното население, војската и портпаролот на локалната болница.
Медицинска сестра во болницата во градот Потискум изјави за AFP дека во мртовечницата биле доведени 20 теле, а локалното население тврди дека некои од убиените, три члена од нивните семејства кои настрадале во експлозиите и престрелките од претходните два дена, веќе биле погребани.
„На повеќето довезени тела се гледаат повреди и рани од куршуми, но некои тела се довезени со пресечени грклани. Меѓу мртвите има и еден полицаец и еден чувар на затвор“, рекла медицинската сестра.
Населението проценува дека бројот на смртно настраданите може да биде многу поголем, бидејќи многу семејства ги сокриле телата на нивните блиски за да ги погребаат. Жителите на Потискум на новинарите им рекле дека во нивниот град биле запалени неколку училишта и згради.
За претходните слични напади врз христијаните во Нигерија, исто така, одговорноста ја преземаше радикалната исламистичка група Боко Харам, којашто организира терористички напади врз безбедносните сили, вклучувајќи ги и оние врз христијанските цркви. Боко Харам основана во 2002 година бара воведување на шеријатот (исламскиот закон) во Нигерија и искоренување на западниот секуларна модел на образование. Нејзините борци беа вклучени во неколку терористички напади во 2011 година, вклучително и против седиштето на ОН во главниот град Абуџа. Боко Харам е обвинета за убиствата на повеќе од илјада луѓе во терористичките напади коишто ги интензивираше од 2009 година.
Нигерија е составена од вкупно 36 држави и има население од околу 160 милиони, кои речиси по половина се христијани на југот и муслимани на северот, но милиони од нив живеат и на север и на југ.
Според Меѓународната кризна група чие седиште е во Брисел, во етничките и верските конфликти во Нигерија во периодот меѓу 1999 и 2009 година загинале повеќе до 14 илјади луѓе.
Претседателот Гудлaк Џонатан доаѓа од јужниот нафтоносен дел на земјата населен претежно со христијани. Според податоците од државната изборна комисија тој доби 57 отсто од гласовите и на тој начин ја задржа претседателската функција уште по првиот круг од изборите. Неговиот тогашен главен противкандидат Бухари, кој потекнува од северниот муслимански дел на Нигерија освои 31 отсто од гласовите.
Нигерија е најголемиот производител на нафта во Африка, и извезува околу 2,2 милиони барели нафта дневно. Меѓутоа, нафтената индустрија во земјата трпи загуби поради честите напади што ги изведуваат борците на Движењето за ослободување на делтата на Нигер и други вооружени групи, врз објекти на „Chevron“, „Shel“ и други нафтени компании.
Судири меѓу муслиманските милитанти и нигериската војска се разгоруваат повремено во регионите Борно, Потискум и Јоба. Спорадични пресметки има и во провинцијата Вудилу, на околу 20 километри од Кано, најголем град во северниот дел од Нигерија, како и во Баучи, во една од 12 провинции во северна Нигерија со мнозинско муслиманско население. Таму пред девет години почна да спроведува шеријатско право, што предизвика судири меѓи муслиманите и припадниците на локалното христијанско малцинство, и оттогаш во судирите се убиени повеќе од илјада лица./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска по средбата со САД: Не се согласуваме за иднината на Гренланд
Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд ни по денешниот состанок во Вашингтон не се приближија до договор за иднината на Гренланд. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека и понатаму постои, како што рече, фундаментално несогласување со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се залага за американска контрола врз овој автономен територијален дел од Кралството Данска.
Состанокот бил одржан со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и со американскиот државен секретар Марко Рубио, по изјавата на Трамп дека „сè помалку од американска контрола врз Гренланд е неприфатливо“.
Расмусен по разговорите изјави дека тој и претставниците на Гренланд воделе „искрена, но конструктивна дискусија“ со Венс и Рубио, но дека ставовите остануваат суштински различни.
„Претседателот јасно го изнесе својот став, а ние имаме поинаква позиција“, рече Расмусен на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека Данска смета оти долгорочната безбедност на Гренланд може да се обезбеди во рамки на постојниот политички и уставен поредок.
„Идеите што не би го почитувале територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на народот на Гренланд на самоопределување се целосно неприфатливи“, истакна тој.
Расмусен додаде дека е договорено формирање работна група на високо ниво, која треба да се обиде да најде заеднички пат напред, иако, како што рече, „фундаменталното несогласување останува“. Првиот состанок на оваа група се очекува во наредните недели.
Паралелно со дипломатските разговори, Данска и нејзините сојузници ја зајакнуваат воената присутност на Гренланд поради, како што наведуваат, влошената безбедносна состојба на Арктикот.
Шведска денеска, на барање на Данска, испрати неопределен број војници на Гренланд. Шведскиот премиер Улф Кристерсон објави дека шведските офицери ќе бидат дел од поширока група сојузнички сили кои ќе учествуваат во подготовките за претстојната воена вежба „Operation Arctic Endurance“.
Германското министерство за одбрана соопшти дека Германија во четврток испраќа извиднички тим од 13 припадници на Бундесверот во Нуук. Станува збор за тридневна мисија, од 15 до 17 јануари, чија цел е проценка на условите за можни идни воени придонеси за безбедноста на регионот, вклучително и надзор на поморскиот простор. Германските војници доаѓаат на покана на Данска и во соработка со други европски земји.
Данското министерство за одбрана претходно потврди дека ја зголемува воената присутност на Гренланд поради „безбедносни тензии“, додека разговорите со САД за иднината на територијата продолжуваат без приближување на ставовите.
Расмусен заклучи дека, и покрај длабокото несогласување, дијалогот со САД ќе продолжи.
„Се согласуваме дека не се согласуваме, но ќе продолжиме да разговараме“, рече тој, нагласувајќи дека Данска нема да отстапи од црвените линии, кои вклучуваат почитување на територијалниот интегритет и правото на народот на Гренланд на самоопределување.
Фото: depositphotos
Свет
Ројтерс: Можно американско воено интервенирање во Иран во наредните 24 часа
Американска воена интервенција во Иран станува сè поизвесна и би можела да се случи во наредните 24 часа, изјавиле европски претставници за „Ројтерс“.
Според еден европски функционер, можноста за американска воена акција значително се зголемила и временската рамка сега се мери во часови, а не во денови. Друг европски извор оценил дека интервенцијата изгледа веројатна.
Израелски функционер изјавил за Ројтерс дека се чини оти американскиот претседател Доналд Трамп веќе донел одлука за интервенција, иако сè уште не е јасно кога би започнала и колкав би бил нејзиниот обем.
Според Ројтерс, САД и Обединетото Кралство повлекле дел од персоналот од воздушна база во Катар, по заканите на Иран за одмазда врз американските бази во регионот. Истовремено, Иран ги предупредил соседните земји дека евентуален американски или израелски напад би имал регионални последици.
Напнатоста дополнително се зголемила по изјавите на Трамп, кој ги повикал демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, наведувајќи дека помошта е на пат без дополнително објаснување.
Свет
И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи, според „Фокс Њуз“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запира обработката на имигрантски визи за апликанти од 75 земји, соопшти во средата Стејт департмент.
Стејт департментот на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека ќе ја суспендира обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти, според наводите, користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висока мера.
За суспензијата на обработката на визите прв објави „Фокс њуз„, повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.
Според извештајот на „Фокс њуз“, меѓу тие 75 земји се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Извештајот го спомена и портпаролката на Белата куќа Каролајн Ливит.
На списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Иако Стејт департментот сè уште не објавил официјална листа, во една од објавите на „Икс“ наведе дека „паузата влијае на десетици земји – вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја – чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави веднаш по пристигнувањето“.
„Работиме на тоа да обезбедиме великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.
Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе почне на 21 јануари, објави Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.
Суспензијата на обработката на визите се поклопува со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.
Трамп во ноември вети дека ќе „трајно ја паузира“ миграцијата од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, кое го извршил авганистански државјанин, при што загинал припадник на Националната гарда.
САД долго време одбиваа визи на лица за кои се сметало дека на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имигрантски визи врз основа на националност, наведува АФП.
Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.
Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони ја напуштиле земјата доброволно.

