Македонија
Религиски форум по повод 10-годишнината од смртта на Трајковски

Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во вторник во Скопје организира религиски форум „Верата на лидер кој и служи на нацијата“.
Форумот се одржува по повод 10-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски. На форумот е најавено присуство на верските лидери од петте верски заедници во државата, како и на околу 50 видни домашни и странски гости.
Борис Трајковски беше втор претседател на Македонија, а функцијата ја извршуваше од 15 декември, 1999 година до 26 февруари, 2004 година кога неговиот мандат заврши со трагичната авионска несреќа во Мостар. крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев-Паулаускас: во фокусот борбата против тероризмот, организираниот криминал и нелегалната миграција

Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев оствари конструктивна средба со генерал Арунас Паулаускас, генерален комесар на литванската полиција и Гинтаре Гајманаите, раководител на групата за меѓународна соработка, кои се дел од литванската делегација која е во посета на нашата земја. На средбата се разговараше за продлабочување на билатералната соработка, особено во насока заедничките безбедносни предизвици, како што се борбата против тероризмот, организираниот криминал и нелегалната миграција.
„Соработката со литванската полиција се заснова на постоечкиот билатерален договор, кој опфаќа широк спектар на области, меѓу кои спречување и борба против тероризам, трговија со дрога, кибер-криминал, перење пари, корупција, фалсификати, економски криминал, заштита на културно наследство и трговија со опасни супстанции. Посебен акцент ставивме на размена на информации, координација на полициски мерки, заштита на сведоци, размена на експертски знаења и можноста за испраќање офицери за врска, сè со цел ефикасно справување со прекуграничниот криминал“, истакна Јанев.
Во фокусот на средбата беше и размената на позитивни практики од процесот на дигитализација кој е од суштинско значење како алатка при извршување на секојдневните работни задачи.
Македонија
Филипче: Не е време за калкулации, ниту за ситнопартиски интереси, СДСМ останува силен промотор на европската идеја

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, изјави дека поддршката од Европската Унија за евроинтеграциите на Северна Македонија е силна и континуирана.
„Имавме одлична и многу конструктивна средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Оваа средба е доказ за континуираната, искрена поддршка која ЕУ ѝ ја дава на земјата на патот кон конечната цел – членство во Унијата“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ останува целосно посветен на европскиот пат како единствена реална опција за развој на државата.
„Сметаме дека тоа е единствениот начин на кој земјата ќе ги зајакне капацитетите и институциите, граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе има вистинска реформа на правниот систем, и младите ќе може да ја бараат својата иднина тука, затоа што ќе имаат многу повеќе можности од тоа што го имаат сега“, додаде тој.
Филипче изрази загриженост за стагнацијата во евроинтегративниот процес и недостатокот на политичка стратегија и дијалог во изминатата година.
„Жалам што има стагнација на тој пат – некако отсуствуваат и стратегија, и политички дијалог, и за жал се отвораат веќе затворени прашања. Во таа смисла, побарав поддршка од еврокомесарката, и од неа лично, и од сите европски партнери, да се откочи нашиот евроинтегративен пат“, нагласи Филипче.
Тој испрати јасна порака до сите политички чинители дека е време за единство околу стратешката цел – членство во ЕУ.
„Ова не е време ниту за калкулации, ниту за тесно и ситнопартиски интереси. Ова е време во кое секоја една партија треба да даде сѐ од себе за да продолжиме по патот на евроинтеграцијата, да се отворат поглавјата за преговорите, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас“, порача Филипче.
„И јас лично, и СДСМ, остануваме силни промотори на европската идеја кај нас.“
Македонија
Почнува исплатата на финансиска помош за 1.388 пензионери од Кисела Вода

Општина Кисела Вода започнува со исплатата на еднократната финансиска помош за пензионерите со ниски примања. Веќе од утре, 1.388 пензионери ќе добијат по 2.500 денари директно на своите сметки, како дел од првата тура од вкупната поддршка која ќе опфати над 3.200 пензионери. Станува збор за жители на општината кои се приматели на старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари, соопшти општината.
„Оваа мерка, која општината ја реализира со цел да го подобри животниот стандард на повозрасната популација, покрај директната финансиска помош, го вклучува и покривањето на персоналниот данок.
Во наредните денови следува и втората тура, кога финансиска поддршка ќе добијат уште над 1.800 пензионери“.
Целата мерка, како што појаснува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претставува израз на почит и грижа кон највозрасните сограѓани, кои со својот труд и придонес ги поставиле темелите на општеството.
-Нашите највозрасни сограѓани се столбот на државата и нашето општество. Со почит кон нивниот труд и животен придонес, продолжуваме да градиме заедница во која секој е вреднуван и поддржан. Денес ги потпишав налозите со кои доделуваме финансиска поддршка на пензионерите со ниски примања, а веќе утре во текот на денот парите ќе бидат префрлени на нивните сметки. Со оваа мерка, финансиска помош добиваат пензионерите кои се приматели на старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија кои се жители на општина Кисела Вода, а чии примања не надминуваат 22.640 денари. Секој од нив добива финансиска помош од 2500 денари, а општината дополнително го покрива персоналниот данок кој не е пресметан во овие средства.
Ова е првата тура од исплатата, додека пак втората, повеќе од 1800 пензионери во текот на следните денови ќе ја добијат ветената еднократна финансиска помош. Тоа се повеќе од 3200 пензионери кои добиваат финансиска поддршка! Оваа мерка е уште еден чекор во нашата континуирана грижа за повозрасните жители, за нашите родители, баби и дедовци, со која покажуваме дека не се заборавени. Сето ова е резултат на нашата посветеност да создадеме општество во кое секој пензионер ќе има подобар квалитет на живот. Да сте здрави и живи и со здравје да си ги трошите-изјави Ѓорѓиевски.