Економија
Владата вети дека ќе им ги исплати платите на вработените во Колска

Вработените од Колска денеска беа примени од советникот на Премиерот Груевски, Влатко Илиевски.
Вработените од Колска денеска беа примени од советникот на Премиерот Груевски, Влатко Илиевски.
На средбата им била ветена исплата на платите во петок, а за статусот кој ќе го има Колска и за другите проблеми, како што им ветил Илиевски, ќе се обидат да најдат правна форма за која ќе решаваат на седница на Владата.
„Декларативно ни беше ветено дека нашата состојба конечно ќе се реши. Оптимисти сме, но сепак ќе почекаме да ги видиме резултатите бидејќи и претходно ни беа дадени ветувања кои подоцна не беа исполнети“, изјави за Макфаск, Јован Чадлов, претседател на синдикатот, по средбата со Илиевски.
Вработените во Колска вчера протестираа и пред Железничката станица во Велес.
Двесте десетте работници бараат работа и соодветни услови за извршување на работните задачи. Неколкупати апелирале до раководството на Транспорт при МЖ, но и оттаму наишле на затворени врати. Во знак на револт вчера повеќе од половина час не го пуштија локалниот воз од Велес да тргне за Скопје, кој цели четири години не бил на поправка. /крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Тодор Анѓушев на конференција на Делегацијата на германско стопанство „Децентрализирано снабдување со електрична енергија преку фотоволтаици“

Законските одредби се донесени, и останува да се поставуваат батерии со добра проценка и пресметка за да се постигне најдобра исплатливост, порача Тодор Анѓушев, директор на ЕМС во групацијата Фероинвест, на конференцијата на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, на која германски фирми ги претставуваа своите практики, производи и искуства во енергетиката.
„Потребно е да одиме кон што повеќе обновлива енергија, но истовремено дистрибутивниот и преносниот систем треба да се стабилизираат за да може да го поднесат тоа. Треба што побрзо да се работи на поставување батериски системи и на тој начин да се реши дизбалансот што обновливите извори го прават во системот. Но, по инсталирањето многу битен ќе биде и мониторингот на батерискиот систем. Нашата компанија располага со сопствен мониторинг систем, и може да ја програмира, води и управува батеријата ден за ден за инвеститорот да добие оптимални резултати“ – изјави Тодор Анѓушев.
Германските компании на конференцијата ги презентираа своите технолошки решенија и искуства, вклучително и примената на BIPV (building integrated photovoltaics) – технологија која овозможува вградување на фотоволтаици во фасади и кровни елементи без да се наруши естетиката на објектите.
Овие практики покажуваат јасен тренд – иднината припаѓа на децентрализираното, чисто и ефикасно производство на енергија, а Северна Македонија, со усвоените закони и со компании кои веќе нудат современи решенија, има потенцијал да го следи тој пат со забрзан чекор.
Комерцијален текст
Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.