Македонија
Врховен потврди дека Ивановски е кодош – тој не отстапува од функцијата
Врховниот суд ја одби жалбата на поранешниот претседател на Уставниот суд, а сегашен уставен судија, Трендафил Ивановски, со што тој е единствениот функционер за кого е потврдено дека соработувал со тајните служби.
Врховниот суд ја одби жалбата на поранешниот претседател на Уставниот суд, а сегашен уставен судија, Трендафил Ивановски, со што тој е единствениот функционер за кого е потврдено дека соработувал со тајните служби.
По ваквата одлука, која се уште официјално не ја објави Врховниот суд, Ивановски вели дека правдата ќе ја бара пред Европскиот суд за човекови права. За него, со Законот за лустрација не се лустрира минатото, туку се врши пресметка со сегашноста.
„Процесот на лустрација не само што не се оствари, туку тој се претвори во кастрација на здравиот ум или тој се сатанизира. Всушност не се лустрира минатото, туку се врши пресметка со сегашноста. Не се прочистува, туку се оцрнува противникот, неистомисленикот. Партиско-политичкиот приод оптоварен со егоистички интереси беше и е срж на идејата за лустрација. Самиот приод беше проследен со безобразлук, ароганција и блеферство, да се изигра процесот“ рече Ивановски.
Неговиот случај го оценува како оправдување на лустрацискиот процес и политички линч. Ивановски конкретно не кажа кој му го подготвил, според него, овој политички линч, но сепак алудираше на власта.
„Ова уште повеќе ќе се согледа со новодонесените закони со кој се побиваат одлуките на Уставниот суд, како измените и дополнувањата на Законот за лустрација, Законот за пензионирање на полицијата, за високо образование и ред други. Моето присуство во судот некој смета дека може да биде критично за оценката, очекуваната оценка во однос на овие новодонесени одредби за веќе укинати одредби од страна на Уставниот суд“ вели Ивановски.
Ивановски по оваа одлука вели дека сепак нема да поднесе оставка, бидејќи не чувствува грижа на совеста. Според него дури и ако Собранието се обиде да поднесе иницијатива за овој случај ќе биде повредено начелото 111 од Уставот. Според овој член, уставен судија може да биде разрешен ако си поднесе оставка, ако е осуден на казна затвор поголема од шест месеци и ако ја изгуби способноста да биде судија.
„Ако поднесувам оставка ќе ја поднесев уште во септември. Не чувствувам никаква грижа на совеста, јас ниту прифатив ниту ќе прифатам дека сум бил кодош, дека сум бил соработник. Јас тоа не сум, тоа стои и во досието и во сите документи. Нема уставна основа да поведе постапка за разрешување на уставен судија врз оваа основа“ вели Ивановски.
Тој уште еднаш го повтори неговиот став дека за него има формирано политичко досие на репресирано лице, а не соработничко досие.
Одлуката на Врховниот суд, Ивановски ја дозна од медиумите, од Врховниот суд, се уште не му ја испратиле одлуката. За него ова постапка е скандалозна.
Од Врховниот суд велат дека од извештаите приложени во досието, за лицеот произлегувало дека тој врз основа на писмен документ, свесно соработувал со тајните службите.
„ Врз основа на неговите изјави кои биле предмет на обработка, чување и користење од страна на органите на државната безбедност во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци и досиеја биле оформени и водени за одредени лица. Притоа биле кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини“ вели претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Од Врховниот суд се уште нема подетални информации врз основа на што ја одбиле жалбата на Ивановски и ја потврдиле одлуката на Управниот суд дека Ивановски бил кодош.
Трендафил Ивановски е единствениот функционер во Македонија за кого Комисијата за лустрација донесе решение дека бил соработник со тајните служби./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

