Региони
Отворен центар за ран детски развој во село Дебреше
Благодарение на новиот центар за ран детски развој отворен во рамките на иницијативата “Првите 5 се најважни на свет”, приближно 90 деца на возраст од 3 до 6 години од селото Дебреше сега имаат можност да посетуваат квалитетни предучилишни програми.
Центарот свечено го отворија градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, и претставникот на УНИЦЕФ, Бертран Демулен.
“За краток период успеавме да го отвориме центарот за ран детски развој во Дебреше и вакви центри ќе отвориме и во неколку други училишта. Благодарение на УНИЦЕФ и на Фондацијата Т-Мобиле создадовме услови децата од 3 до 6 годишна возраст да посетуваат предучилишно образование затоа што иднината на секое семејство и на секој народ е едукацијата на децата. Се надевам дека просторот што го уредивме заедно ги исполнува стандардите за предучилишно образование во земјите на Европската Унија,” изјави Бејта.
“Децата во првите пет години од животот го достигнуваат својот најголем развој,“ изјави д-р Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ. „Децата што посетуваат квалитетни предучилишни програми имаат подобар успех во основно училиште и имаат подобри можности понатаму во животот. Центрите за ран детски развој се исплатлив начин сите деца да ги добијат тие можности.”
До неодамна единствена можност за општините да го прошират опфатот на предучилишните услуги беше основање на детски градинки. Со новиот Закон за заштита на децата сега се овозможува општините да основаат центри за ран детски развој како економична алтернатива на детските градинки.
Освен што обезбедува простории во основното училиште “Фаик Коница”, локалната самоуправа исто така ќе ги покрива трошоците за плата на воспитувачкиот кадар и тековните трошоци за центарот, со што услугата ќе буде бесплатна за сите деца во селото.
Дел од донацијата на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија се искористи за опремување на центарот со мебел, играчки и наставни материјали, и за обука на воспитувачите за спроведување на најсовремените методи на ран детски развој.
Центарот во Дебреше е шестиот ваков центар отворен со финансиски средства донирани од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија во рамките на иницијативата “Првите 5 се најважни на свет”. До крајот на годинава ќе се отворат уште три вакви центри во рурални населби во општините кои неодамна се приклучија на иницијативата – Центар Жупа во Центар Жупа; Ратавица во Пробиштип и Радојца Новичиќ во Охрид./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Региони
Поради магла и загаден воздух, откажани летовите на аеродромот во Сараево
Поради лошите временски услови предизвикани од магла синоќа и утринава откажани се некои летови на меѓународниот аеродром во Сараево.
Од меѓународниот аеродром во Сараево откажани се летовите кои пристигнуваат од Виена, Истанбул и Загреб, а со тоа и појдовните летови од Сараево.
„Останатите летови засега се на распоред и очекуваме наскоро да се подобрат временските услови на меѓународниот аеродром во Сараево“, велат од аеродромот за сараевската телевизија N1.
Македонија
(Видео) Торказ се сретна со Џафери и повика на почитување на меѓународните договори од сите страни
На маргините на лидерскиот состанок за планот за раст, кој се одржува во Котор, Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше билатерална средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ.
„На средбата се разговараше за важноста од продолжување на европскиот пат на Република Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата влада. Троказ ја истакна натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ и повика на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички фактори. Премиерот Џафери изрази надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда. Во таа насока ја сподели загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија“, соопштија од кабинетот на Џафери.
Џафери и во Котор нагласи дека за него не е приоритет кој ќе ја сочинува новата влада, туку исполнувањето на европската агенда како пат кон иднината, на кој ќе продолжи да работи во кое било својство и функција.
Македонија
Опасен отпад детектиран во близина на скопското село Орман
При редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони.
„Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад“, информираат од Државниот инспекторат.
Сопствениците на катастарската парцела на која се наоѓа отпадот со решение од Државниот инспекторат се задолжени да извршат неговата дислокација во рок од 30 дена од издавање на решението.
Граѓаните на социјалните мрежи бараат одговорност и одговор од каде доаѓа отпадот и кој е виновникот за неговото одложување токму на оваа локација која е во непосредна близина на реката Лепенец и населените места Волково и Орман.