Свет
Што понесе претседателот на Еквадор од Москва?
Русите покажаа висока дипломатска способност за ширење на своето влијание и на другата страна од океанот и ги отворија прашањата за признавање на Абхазија и Јужна Осетија како и изградба на православен храм во Еквадор
Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа ја прогласи за успешна неговата посета на Русија, која е прва посета од таков вид во историјата на руско-еквадорските дипломатски односи.
Кореа во Москва пристигнал во средата.
По средбата со својот руски колега, Дмитриј Медведев во четвртокот, двете земји потпишале пакет документи за соработка во енергетиката и снабдувањето со нафта, а исто така ја прифатиле и декларацијата за стратегиско партнерство. Вчерашниот последен ден од посетата, Кореа го искористил за средба со премиерот Путин и со Рускиот патријарх Кирил.
Откако посетата заврши може да се каже дека Русите покажаа висока дипломатска способност за да го зајакнат своето влијание и на другата страна од океанот. Така, се отворија и прашања од типот признавање на двете поранешни грузиски територии како и изградба на православен храм во престолнината , во срцето на Еквадор.
Признавање на новите држави
Претседателот на Еквадор од Москва најави дека неговата земја е спремна да го разгледа прашањето за признавање на независноста на Јужна Осетија и Абхазија, доколку добие соодветно официјално барање.
Прва земја што ја призна независноста на двете поранешни грузиски автономни територии беше Русија. Тоа се случи во август 2008 г. кратко време по петдневната војна со Грузија, која започна кога грузиските сили ја нападнаа Јужна Осетија со цел да ја задржат контролата на територијата. Веднаш по Москва, Никарагва и Венецуела се единствените други држави кои ја признаа независноста на двете земји, штитенички на Русија.
„Што се однесува на прашањето за Јужна Осетија и Абхазија, тоа не го разгледавме во текот на посетата. Но, доколку тие два региони поднесат официјално барање до Еквадор за нивното признавање, сериозно ќе го разгледаме“, изјавил Кореа.
По ваквите изјави веднаш се огласија и властите во Јужна Осетија и Абхазија, кои веднаш ги направија потребните чекори.
„Јужна Осетија ќе поднесе официјално барање. Ќе бидеме благодарни ако лидерот на Еквадор и другите земји ја признаат нашата независност“, изјави министерот за надворешни работи на Јужна Осетија, Мурат Џиојев.
„Ние работиме на тоа поле. Абхазија веќе има направено чекори во тој правец и ќе продолжиме да работиме“, изјавил абхазискиот министер за надворешни работи, Сергеј Шамба, но не дал точен датум.
Православен храм во Кито
„Ако во најкраток можен рок би изградиле храм во Еквадор, кој би бил толку убав како овој во кој се наоѓаме, тоа би претставувало голема радост за нас“, заклучил Кореа при средбата со Рускиот патријарх Кирил во катедралниот храм „ Христос Спасител“.
Од извештајот што го објави официјалниот веб-сајт на РПЦ дознаваме дека Патријархот Кирил говорејќи за рускојазичната дијаспора, напомнил дека во почетокот на 90-тите години во градот Мачала во Еквадор се појавила малубројна православна општина, и изразил надеж дека во престолнината Кито ќе биде изграден храм, што ќе биде круна на добрите руско-еквадорски односи.
На претседателот Кореа, како што кажал, длабок впечаток му оставил и разговорот со патријархот Кирил при неговата посета на Еквадор во 2008 г. уште во времето кога не бил прогласен за патријарх.
Нарекувајќи ја политиката на државен атеизам „една од сериозните последици на социјализмот од минатитот век“, Кореа изјавил дека „Руската православна црква ги добива сите можности и основи да ја прошири својата пастирска дејност во Еквадор“.
Според зборовите на еквадорскиот лидер, без оглед на тоа што посетата траела три, од кои два работни дена, „интензивноста на посетата го навела да помисли дека таму поминал две недели“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нов инцидент во Полска: дрон падна во близина на воена база
Нов инцидент поврзан со беспилотно летало е регистриран денес во Полска. Како што објавија локалните власти, мал дрон паднал во областа на воена база во централна Полска. Комерцијално достапен модел се урна во Лоѓ откако се заплетка во дрво.
Според информациите од воената полиција, не е регистрирана никаква штета. Властите брзо го идентификуваа и приведоа осомничениот оператор, 22-годишен полски државјанин, и го обвинија за кршење на прописите за воздухопловство. Имено, управувањето со беспилотни летала во близина на воен објект може да резултира со затворска казна до пет години, а истрагата е во тек. Сличен инцидент се случи на 28 јануари кога мал дрон падна врз воена база во Пжасниш, според „Киев Индепендент“.
Претходните видувања на беспилотни летала во неколку европски земји предизвикаа прекини во воздушниот сообраќај, додека стравувањата од ескалација на руската хибридна војна растат. Полска, членка на НАТО, е во состојба на висока готовност од септември кога неколку руски беспилотни летала беа соборени над нејзина територија за време на напад врз Украина.
Инцидентот следеше по нарушувањата на воздушниот простор на балтичките сојузници на НАТО од страна на руски борбени авиони, како и по сомнителните видувања на беспилотни летала над европските аеродроми и други стратешки цели. Некои западни лидери повикаа на порешителен и покоординиран одговор, вклучително и соборување на беспилотните летала кога е потребно.
Свет
(Видео) Обилни дождови, силни ветрови, Португалија е во најголем ризик од поплави поради бурата „Марта“
Националниот командант на Цивилната заштита на Португалија, Марио Силвестре, денес предупреди на опасноста од обилни дождови и силни ветрови предизвикани од бурата „Марта“ во текот на претстојната ноќ, а највисокото ниво на тревога ќе остане на сила до сабота поради ризикот од поплавување на неколку реки.
Според португалскиот „Диарио де Нотисијас“, главната загриженост се однесува на реките Дуро, Мондего и Тахо, поради влијанието на шпанските брани и високите нивоа на водата.
Storm Marta is on its way
The sky over Portugal didn't change today, with heavy clouds, as Storm Marta is expected tomorrow. Bringing strong winds, persistent rain and rough seas. Stay updated with the weather forecast here: https://t.co/urjPWjI1Fc#theportugalnews #portugal pic.twitter.com/N4IiiAJbLM
— The Portugal News (@theportugalnews) February 6, 2026
„Нè очекуваат обилни врнежи од дожд и налети на ветер до 100 км/ч. Поради заситеноста на земјиштето и оштетената инфраструктура, потребно е да се биде внимателен за да нема дополнителни проблеми и жртви“, рече Силвестре.
Фото: ЕПА
Свет
Песков ги повика Русите да не ги игнорираат Олимписките игри
Прес-секретарот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека настапите на руските спортисти на Олимписките игри се задолжителни. Според РИА Новости, тој ќе ги гледа и церемониите на отворање и затворање.
„Дефинитивно ќе бидам таму каде што настапуваат нашите момци. Ќе бидам таму на отворањето и затворањето. Тоа мора да се види“, рече Песков.
На Зимските олимписки игри 2026 година ќе бидат доделени 116 медали во 16 спортови. Меѓу руските спортисти на кои им е дозволено да се натпреваруваат како неутрални се уметничкото лизгање Аделија Петросјан и Петр Гуменик, скијачот Никита Филипов и брзите лизгачи на кратки патеки Иван Посашков и Алена Крилова.
Фото: ЕПА

