Свет
Зависници од Скопје по метадон во Тетово
Локалната и централната власт се пресметуваат, агонијата на над 500 зависници продолжува
Локалната и централната власт се пресметуваат, агонијата на над 500 зависници продолжува
Отворањето нови центри за лекување зависници од дрога во три скопски општини доцни бидејќи локалните самоуправи, особено во Ѓорче Петров, не се согласуваат со тоа, тврди министерот за здравство Владо Димов.
Тој денеска треба да одржи итна средба со градоначалниците на Скопје и на општините Ѓорче Петров и Газа Баба, на која треба да се постигне согласност за отворање на центрите, каде што би се лекувале околу 200 зависници од дрога. За оваа иницијатива има пари од Глобалниот фонд на ОН, а е обучен и медицинскиот кадар.
Иако иницијативата за новите центри во минатата недела била ставена на дневен ред на седница на Владата, таа во последен час била вратена на разгледување поради што повторно е одложено решавањето на овој проблем.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митревски, тврди дека не е против отворање на центарот, но има забелешки за начинот на кој се комуницира со локалната самоуправа.
– Не сум информиран и од новинарите дознавам дека има состанок. Не ја почитуваат доволно локалната самоуправа и без консултација со нас сакаат да го протуркаат предлогот, а тоа е нонсенс. Немам ништо против предлогот, но треба да се ајде разумно решение. Подрумите во Поликлиниката „Ѓорче Петров“ не се соодветно место за нега на зависници. Ако навистина се грижат, нека отворат центар, но да има добри услови – вели Митревски.
Освен во оваа општина, уште два центра треба да се отворат во Гази Баба и Чаир во простории на Здравствениот дом – Скопје. Во еден центар би се лекувале по 80-ина зависници, кои таму би ја добивале и метадонската терапија.
Министерот Димов тврди дека „поради одредени недоразбирања и спротивставувања, се бара начин да се спроведе одлуката“.
– Има пари и неопходно е да има нови центри. И овие лица имаат право да се лекуваат и ќе направиме се’ да им го овозможиме тоа – вели Димов.
Додека централната и локалната власт да се договорат, агонијата на повеќе од 500 зависници од Скопје продолжува. Тие со години чекаат да бидат ставени на метадонска терапија.
– Бидејќи нема место во Скопје, патувам во Тетово за да добијам метадон – вели зависник од Скопје.
Револтирани се и во Здружението „Доверба“.
– Уште пред еден месец министерот Димов ни вети дека центрите ќе се отворат, а нема ништо од тоа. Постои огромно незадоволство и паника кај родителите, кои децата ги носат на терапија кај приватни лекари, чекајќи со години на нови центри. Ако и утре не се реши овој горлив проблем, ние ќе организираме прес-конференција на која ќе најавиме што ќе преземеме – вели Кети Тодорова, претседателка на „Доверба“.
Лекарите очекуваат максимална поддршка за отворање нови служби во општините Чаир, Ѓорче Петров и Гази Баба, каде што треба да почне да се спроведува третманот за лекување зависници од дроги, наспроти стравувањата дека во некои локални заедници градоначалниците биле иницијатори за создавање лоби-групи кај населението за да се спротивстават на иницијативата.
– Битно е службите да проработат за да се намалат негативните последици од злоупотребата на метадонот и да се намали притисокот врз центарот во Кисела Вода – предупредуваат лекарите.
Според нив, одлични резултати во лекувањето на зависниците веќе биле постигнати во Тетово, Куманово, Струмица, Штип, Охрид и Гевгелија, каде што центрите функционираат без проблем.
Љубица Балабан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Борисов: Имаме предложено име за посебен управител во ‘Лукоил’, чекаме Радев да се изјасни
Чекаме претседателот Радев да донесе одлука – да стави вето или да го усвои законот, имаме име за посебен управител во Лукоил, тоа е договорено со партнерите, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред новинарите во парламентот.
Според него, единствената улога на шефот на државата е да стави вето на законот или да го донесе, а не да дава совети.
„Знам зошто го направи тоа, беше иритиран од писмо што му го испратив доверливо“, рече Борисов, без да даде детали.
„Можам да го уверам претседателот Радев дека секоја акција што ја преземаме е координирана со Европската комисија, OPAC и Министерството за енергетика на САД. Затоа, сè што барам е да проговори“, додаде Борисов, цитиран од БГНЕС.
Според него, доколку Радев не стави вето, веднаш ќе биде назначен управител.
„Сè е во ред – имаме бензин шест месеци, дизел четири, керозин два месеци“, објасни понатаму лидерот на ГЕРБ.
Борисов беше категоричен дека Пеевски нема да ја земе рафинеријата, исто како што нема да ја земат Кирил Петков и Асен Василев.
Свет
(Видео) Трамп: Никој не знае што се магнети
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се најде во центарот на вниманието, овој пат со бизарна изјава за магнетите за време на настан во Овалната соба, објавува „Индипендент“.
Сè се случи вчера, за време на положувањето заклетва на новиот американски амбасадор во Индија. Трамп ја искористи приликата да одржи неочекуван монолог за Кина, фокусирајќи се на неодамнешниот договор за извоз на ретки земни метали.
Trump: "Nobody knows what magnets are." pic.twitter.com/nxnLmKbFDP
— Aaron Rupar (@atrupar) November 10, 2025
„Кина ќе нè удри со ретки земни метали. Сега сите велат: ‘О, што значи тоа?’ Магнети. Ако Кина одбие да ни даде магнети, затоа што има монопол врз магнетите… немаше да се произведува ниту еден автомобил во целиот свет“, рече Трамп.
Тој продолжи со збунувачкото тврдење дека „никој не знае што се магнети“, пред да го пофали она што го нарече „одлична зделка“ што Кина и САД ја постигнаа претходниот месец.
фото: принтскрин
Свет
ОН: До 2050 година, побарувачката за клима уреди ќе се зголеми тројно, тоа не е добро
Побарувачката за клима уреди може да се зголеми повеќе од трипати на глобално ниво до 2050 година, предупредија денес Обединетите нации, повикувајќи ја меѓународната заедница да пронајде поодржливи решенија за ладење. Програмата за животна средина на ОН соопшти дека побарувачката може да се зголеми поради глобалното зголемување на населението и богатството во комбинација со сè поекстремната топлина.
„Растечката побарувачка за системи за ладење кои ќе бидат сè понеефикасни и се повеќе ќе ја загадуваат околината може речиси да ги удвои емисиите на стакленички гасови поврзани со ладењето од нивоата во 2022 година“, се вели во извештајот на УНЕП, „Global Cooling Watch 2025“, на маргините на климатскиот самит на ОН COP30 во Белем.
„Побарувачката за климатизација може да се зголеми трипати до 2050 година. Сепак, милијарди луѓе сè уште нема да добијат соодветна заштита од топлината. Треба да го преформулираме концептот на ладење и употребата на уреди за ладење, не како извор на емисии на стакленички гасови, туку како основа на отпорност на топлина и одржлив развој“, се вели во соопштението.
Најбрз раст на побарувачката за опрема за ладење се предвидува во Африка и Јужна Азија. „Со смртоносните топлотни бранови кои стануваат сè почести и поекстремни, пристапот до ладење мора да се третира како суштински дел од инфраструктурата, заедно со потребата од услуги за вода, енергија и санитација“, рече директорката на УНЕП, Ингер Андерсен.
Таа додаде дека „сепак, не можеме да излеземе од топлотната криза само со климатизација, бидејќи тоа би ги зголемило емисиите на стакленички гасови, како и трошоците“. УНЕП ја посочува опцијата за таканареченото „пасивно ладење“, што вклучува подобар квалитет на дизајнот и изградбата на ѕидовите и покривите, засенчување, решенија за соларна енергија надвор од мрежата и вентилација.
Потенцијалното влијание на стратегиите за пасивно ладење врз внатрешните температури се движи од 0,5 до 8 степени Целзиусови. „Пасивните, енергетски ефикасни и решенија базирани на природата можат да помогнат во задоволувањето на растечката глобална потреба за ладење и заштита на луѓето.
Тие исто така би ја задоволиле потребата за заштита на синџирите на исхрана и економиите од растечката топлина додека се стремиме да ги исполниме глобалните климатски цели“, рече Андерсен. Извештајот за ладење и климатизација сугерира дека усвојувањето на вакви мерки би можело да ги намали емисиите на 64 проценти под проектираните нивоа во 2050 година.

