Македонија
Шведска ќе се залага за проширување на ЕУ
Проширувањето на Европската Унија е високо во приоритетите на Шведска при нејзиното претседателствување со Унијата, што започна овој месец
„Најуспешен начин да се придонесе за мирот, демократијата и просперитетот на Европа е преку проширување“, рече амбасадорот на Шведска во Македонија, Ларс Фреден, на денешното претставување на приоритетите на Шведска за време на претседателствувањето. Фреден смета дека единствен начин Македонија да се приближи кон Европската Унија, како и да добие датум за преговори, е со исполнувањето на одредниците што се поставени пред нашата држава, поддржувајќи го евроамбасадорот Ерван Фуере, кој повтори дека треба да се работи на судскиот ситем и на јавната администрација. „Тоа се стандарди кои мора да ги достигнете. Проценката на Европската комисија не е политичко прашање, туку објективна оценка, по која Советот на Европа донесува одлука“, рече Фреден.Тоа што Советот го бара од Македонија, нагласи Фреден, се добри односи со соседите за напредок на земјата, но смета дека треба да се сфати оти Грција е членка на ЕУ, а Македонија се уште не е, а светот не е фер, особено надворешната политика.„Надворешната политика не се однесува на тоа да бидете разбрани надвор, туку да ги остварите своите цели“, вели Фреден. Тој не сакаше да дава никакви совети во врска со разликите што Македонија ги има со Грција околу името, затоа што не го разбира проблемот, според него, затоа што е аутсајдер, а не Македонец, а и нема да биде тука за да понесе политичка одговорност доколку се одлучи да се послушаат тие совети.„Секој поминат ден во Македонија без напредок е изгубен ден, па апелираме до Владата да направи напори за достигнување на барањата пред да стигне извештајот од Европската комисија“, рече евроамбасадорот Фуере, и додаде „го очекуваме новиот вицепремиер во Македонија за да продолжи процесот на приближување кон ЕУ“.Тој смета дека визната либерализација не може да се мери со датум за преговори за влез во Европската Унија, но е знак за Владата дека кога ќе се исполнат условите, а резултатите се неминовни.Амбасадорот Фреден вели дека кога една земја претседава со Европската Унија, ги одредуа и приоритетите, но нема да ги следи само своите, туку сите оние кои се претходно зацртани од европската заедница.Како едни од главните приоритети Фреден ги спомна економската криза, која од Волстит се пресели на реалниот сектор и многу граѓани се погодени од се’ поголемата невработеност, потоа климатските промени, кои имаат ефект врз сечиј живот. Исто така, Шведска ќе се занимава со спроведување на Програмата од Стокхолм за правда и внатрешни работи, која треба да ги зголеми мирот и безбедноста како за граѓаните на Европа, така и за останатите. Шведска ќе се залага и за имплементирање на Стратегијата за Балтичкото Море, со што ќе се проидонесе за почисто море и ќе ја зголеми економската динамичност на регионот. Институционалното прашање, функционирањето на Европскиот парламент, кој е неодамна избран, како и новите комесари што ќе бидат избрани во октомври, но и ратификувањето на Лисабонскиот договор се врв на приоритетите на Шведска за време на претседателствувањето. ЕУ како глобален светски играч во однос на мирот и стабилноста може многу да придонесе преку справување со кризите на Блискиот Исток, Ирак, Иран и земјите од Африка, соопшти Фреден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.

Македонија
Ако СДС се сомнева за некаков вид на криминал или корупција нека се јават на нивните судии и обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС повторно растура пердуви во јавноста со цел да прикаже некаква поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со некакви фирми и да шири лаги и манипулации, велат од партијата на власт.
„Кога во нивно време, тендерите и набавките беа синоним за криминал и корупција, и по „дифолт’’ одеа кај фирмите на семејствата на Заев и Филипче, денес тоа повеќе не е така.
Сите тендери и јавни набавки кои се спроведуваат се законски, отчетни и транспарентни.
Ги прашуваме СДС, дали човек смее да има фирма/бизнис, да учествува на тендер/набавка и да биде член/симпатизер на политичка партија? Дополнително, дали има некаков вид на криминал или корупција во тендерите? Ако се сомневаат во нешто, нека се јават на нивните обвинители и судии, сигурни сме дека ќе им помогнат“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Дружење, пита со паричка и донација за децата со церебрална парализа во Расадник
Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес го посети Клубот на деца со церебрална парализа во населбата Расадник. По повод Стара Нова година, заедно со децата и нивните родители се дружеа во празнична атмосфера и ја одбележаа со делење на пита со паричка, а градоначалничката покрај пакетчиња, им додели и донација, столчиња кои им беа потребни за подобро функционирање на клубот.

Средствата за столчињата се обезбедени преку хуманитарната претстава организирана од Општина Кисела Вода и театарското здружение „Големи, а мали“.

-Особено ми е драго што денес заедно ја одбележавме Старата Нова година и што можевме да ги израдуваме и да им подариме нешто што навистина им е потребно. Општина Кисела Вода ќе продолжи да работи на создавање на услови во кои лицата со церебрална парализа ќе се чувствуваат поддржано, прифатено и вклучено во секојдневниот живот. За нас е важно да ги слушаме нивните потреби, да ги поддржуваме нивните семејства и да обезбедуваме конкретни решенија кои реално го подобруваат квалитетот на нивниот живот- истакна градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.



