Македонија
Криволак место за обука на идните воени лидери

Заврши првиот Летен меѓународен кампус на армискиот полигон Криволак, а организаторите, обучувачите, посматрачите и учесниците го оценија како исклучително важен за развојот на идните воени лидери
Заврши првиот Летен меѓународен кампус на армискиот полигон Криволак, а организаторите, обучувачите, посматрачите и учесниците го оценија како исклучително важен за развојот на идните воени лидери.
Нема повеќе терористи, мировниците ја ослободија целата територија, жителите на измислената земја можат слободно да се движат – вака може да се опише денешната завршна вежба на армискиот полигон Криволак што ја изведоа питомците учесници на првиот Летен меѓународен кампус.
Вкупно 150 питомци од Македонија, Србија, Турција и САД во изминатите десет дена се обучуваа за воени лидери во мировни мисии.
„Македонија има можност да биде земја домаќин на кампуси во кој ќе се обучуваат и стекнуваат со знаења питомците или лицата кои во наредните години ќе бидат воените лидери во мировните мисии“, рече Сашо Димитриев, заменик министер за одбрана.
„Вежбата ја изведоа питомци од Македонија, Србија, Турција и Америка но тие толку добро тоа го изведоа што само различните униформи говореа дека станува збор за мултинационална единица. Ова е примерот како треба да се градат добри лидери предводници на мировни мисии“, рече раководителот на катедрата на НОРИЏ универзитетот, Стефан Померој
За сегашните питомци идни воени лидери важно е покрај теоретската обука да имаат и вакви теренски обуки.
„Времето поминато на кампусот за сите нас е посебно драгоцено, разменувавме искуства но и се запознавме. Ги промовиравме нашите вредности, се дружевме, се надевам дека ќе бидам дел од уште многу вакви кампуси“, рече Дијана Нешиќ, питомец.
Десетдневната обука на питомците беше под контрола на мајор Мурко од Словенија, кој обуката ја оцени како успешна и во насока на усовршување на идните воени лидери на НАТО алијансата. /крај/лисица/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.
Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.