Свет
Во одронот во Малезија загинале 16 лица
Еден воспитувач и 15 деца загинаа во одроните што затрупаа едно сиропиталиште во централниот дел на малезија, соопшти денеска тамошната полиција.
Еден воспитувач и 15 деца загинаа во одроните што затрупаа едно сиропиталиште во централниот дел на малезија, соопшти денеска тамошната полиција. Девет луѓе – шест деца и тројца воспитувачи преживеале и со тешки повреди се префрлени во болница, изјави Абдул Рашид Вахаб, полициски претставник. Тој додаде дека телата на 15 деца, стари од осум до 18 години и на еден 34. годишен воспитувач, извлечени се од под слоевите земја. Два одрона во рок од неколку секунди вчера попладне затрупаа едно сиропиталиште во државата Селангор, во централна Малезија. Во тој момент во објектот имало 49 луѓе, а под земја останале 25, кои се наоѓале во шатор покрај делумно оштетената главна зграда. Поројните дождови се најверојатни причинители на одронот. /крај/ап/б/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел издаде налог за апсење на поранешен советник на Вучиќ и Нетанјаху
Израелската полиција го прогласи Срулик Ајнхорн, поранешен советник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за бегалец и издаде налог за апсење по него. Тој е осомничен за протекување доверливи информации во аферата „Катаргејт“. Ајнхорн беше и долгогодишен советник на српскиот претседател Александар Вучиќ, а според БИРН, по октомври 2023 година посредувал во трансферот на српска муниција во Израел, објавуваат израелските медиуми.
Во Израел, тој е опишан како пропагандист, агент на хаосот, спин доктор и иницијатор на „машината за отров“, а сега е официјално криминалец во бегство.
„Тој ја основа компанијата Insight Partners, која минатата година оствари приход од 2,3 милиони долари, а сега го води својот бизнис од Белград. Исто така, откривме дека тој одиграл значајна улога во трансферот на српска муниција во Израел, за време на воените злосторства што таа земја ги изврши во Газа“, вели новинарот на БИРН, Саша Драгојло.
БИРН минатото лето напиша дека двајца израелски истражители го испрашувале Ајнхорн три дена во Врховното јавно обвинителство во Белград во врска со скандалот „Катаргејт“, случај на платена промоција на катарските интереси во Израел, и „Бибиликс“, случај на протекување на тајни воени документи до новинар од германскиот Билд.
„Србија, што е интересно во овој случај, исто така побара деталите од таа изјава да се чуваат во тајност, а она што го откривме е дека тоа било токму затоа што Ајнхорн зборувал за неговата улога во транспортот на муниција“, вели Драгојло.
Адвокатот на Ајнхорн, Ѓорѓе Симиќ, во тоа време не можеше да обезбеди повеќе информации за БИРН. „За жал, не сум во можност да дадам повеќе информации бидејќи дел од постапката е означен како строго доверлива и затоа не ми е дозволено да дадам повеќе детали“, рече Симиќ.
Ајнхорн работи како советник на Александар Вучиќ со години, барем од 2020 година. Неговата кампања имаше првенствено за цел да го приближи српскиот претседател до Американците за време на мандатот на Џо Бајден, да го претстави како лидер со репутација кој посредува во меѓународни конфликти и да ја промовира Србија како растечка економска сила.
Во исто време, за потребите на Нетанјаху, Ајнхорн беше иницијатор на таканаречената „машина за отров“. Механизмот работи така што Нетанјаху им сугерира на своите соработници кого да нападнат – оние што ги смета за непријатели, како што се опозицијата и демонстрантите.
Потоа, преку ботови и социјални медиуми, се шират гласини, на пример дека демонстрантите се предавници, што создава впечаток за масовно движење кое ги обвинува „внатрешните непријатели“, додека од друга страна, Нетанјаху се величи.
фото/епа
Свет
„Шарли Ебдо“ на удар поради карикатура за пожарот во Швајцарија
Швајцарски адвокат и неговата сопруга поднесоа кривични пријави против францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ поради карикатура за смртоносниот пожар во барот во познатиот скијачки центар Кран-Монтана во Швајцарија.
Во пожарот што избувна на новогодишната ноќ, загинаа 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени. Во петокот, на денот на жалост, „Шарли Ебдо“ објави карикатура на која се прикажани двајца изгорени скијачи со натпис „Les brûlés font du ski“ („Изгорените одат на скијање“), игра на зборови на „Les Bronzés font du Ski“, наслов на француски комедија од 1979 година. На карикатурата се наоѓа знакот „Кран-Монтана“ и зборовите „комедија на годината“ во долниот десен агол.
Le dessin du jour, par #Salch pic.twitter.com/YbmVqpO3X2
— Charlie Hebdo (@Charlie_Hebdo_) January 9, 2026
Објавувањето предизвика бран на негодување во Швајцарија. Двојката поднесе жалба до канцеларијата на државниот обвинител во кантонот Вале против „Шарли Ебдо“ и карикатуристот Ерик Салх. Тие тврдат дека карикатурата го крши швајцарскиот кривичен закон за прикажување на насилство, го нарушува достоинството на жртвите и ја тривијализира трагедијата со хумор.
Контроверзноста доаѓа само неколку дена по 11-годишнината од терористичкиот напад врз „Шарли Ебдо“. На 7 јануари, Франција ја одбележа 11-годишнината од терористичкиот напад врз канцелариите на списанието во Париз во 2015 година од страна на вооружени лица. Годишнината повторно ги отвори дебатите за границите на сатирата и слободата на изразување, што го прави најновото објавување особено чувствително.
Во барањето, двојката бара покренување кривична истрага и, во случај на осуда, исплата на обештетување на сите жртви на трагедијата.
Свет
Зголемени цените на станбените недвижности во ЕУ
Во третиот квартал од 2025 година, цените на станбените недвижности, мерени според индексот на цени на станбени недвижности, се зголемија за 5,1 процент во Еврозоната и за 5,5 проценти во Европската Унија во споредба со истиот квартал од претходната година.
Во споредба со вториот квартал од 2025 година, цените на станбените недвижности се зголемија за 1,6 проценти и во Еврозоната и во Европската Унија, објави Европската канцеларија за статистика.
Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, една земја забележа годишен пад на цените на станбените недвижности во третиот квартал од 2025 година, додека дваесет и пет земји забележаа годишен пораст.
Падот е регистриран во Финска (3,1 процент), додека најголем раст е забележан во Унгарија (21,1 процент), Португалија (17,7 проценти) и Бугарија (15,4 проценти).
Во споредба со претходниот квартал, цените се намалија во пет земји-членки, а се зголемија во дваесет и една земја-членка.
Најголем пад е забележан во Луксембург (3,1 процент), Финска (2,2 проценти) и Словенија (1,1 процент), додека најголем раст е постигнат во Латвија (5,2 проценти), Словачка (4,9 проценти) и Португалија (4,1 процент).

