Македонија
Денеска е Велигден
Синоќа во сите христијански храмови беше одбележан најголемиот празник – Христовото воскресение, по тој повод интегрално го предаваме Велигденско послание на Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан и Светиот архиерејски синод
По милоста Божја Архиепископ Охридски и Македонски, заедно со Светиот Синод, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верни чеда на Македонската православна црква, а по повод Воскресението Христово – Велигден, испраќа архипастирски благослов и мир од Бога, поздравувајќи ги со величествениот и торжествен поздрав Христос Воскресе!
Денес, нека се веселат небесата, нека се радува земјата; нека празнуваат видливите и невидливите светови, зашто Христос, нашата вечна радост – воскресна од мртвите! (Пасхална песна)Возљубени чеда во Господа,Денес е Денот што е смисла на сите денови: денес е Денот што му дава значење на нашето постоење, Денот што го оправдува нашето создавање; денес е Денот што ја осмислува сета наша иднина! Денес е Велигден, Денот над деновите, во кој го чествуваме Торжеството над сите торжества – Воскресението Христово. Во тој настан се исполниле сите надежи, сите желби и потреби; се објасниле сите маки, страдања и сите неправди. Со воскресението на Христа Спасителот, осознаена е иднината, осмислено е минатото и разбрана е сегашноста.Вековите се нижат, годините итаат, времето минува, но тој Ден, Денот на серадосното торжество – никогаш не завршува. Затоа и пее денес Светата Црква: овој ден го создаде Господ, да се радуваме и веселиме во него, зашто во мигот кога Христос воскресна и смртта ја победи, нè ослободи од ропството на гревот и ни ги отвори вратите на Небесното Царство, за да можеме да влеземе во радоста на Неговиот Отец, за да нè направи сонаследници на вечноста, да нè направи Свои браќа и синови на Севишниот. Возљубени празникољупци,Воскресението Христово е темелот на нашето верување, на нашата надеж и на нашиот подвиг. Тоа е доказот дека нашата вера не е празна, дека нашата проповед не е залудна (1 Кор. 15, 14). – Па, ако Христос не воскреснеше, нашата природа сè уште ќе беше во оковите на смртта, сè уште не ќе бевме слободни од злото во нашиот ум, во нашите мисли, во делата, во волјата; не ќе можевме да се ослободиме од последиците што гревот ги нанесува и на нашето тело, како и од разните страдања, болести, умирања… Но, колку е сето ова победено и како е уништена смртта, кога ние сè уште умираме; како го нема гревот, кога во нас и околу нас царува злото? По воскресението Христово, смртта е обезличена и обессилена. На оние што се исполнети со вера и љубов кон човекољубивиот Господ, гробот веќе не им е татковина, туку им е врата – премин кон вечното живеалиште; за нив упокојувањето не е веќе страв и ужас, ниту крај на животот, туку е почеток на вечната заедница со Бога. Само Христос е лекот од заразата на гревот и само тие што се хранат со живиот Господ, всушност, се хранат со Животот, зашто разбираат и гледаат дека е вистинито Господовото ветување: Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден…, и таквиот …живее преку Мене (Јован 6, 54; 57). Затоа, светиот апостол Павле извикува: О, смрт, каде ти е осилото? Пеколу, каде ти е триумфот? Победата ја проголта смртта! (1 Кор 15, 54-55). Впрочем, зошто Бог стана човек и зошто требаше да воскресне? – Не само заради нашата гревовност, туку и заради нашето осветување, за да ги вклучи сите аспекти на нашиот паднат живот во вистинскиот живот, оној што никогаш не знае за смрт (В. Лоски). Возљубени чеда во воскреснатиот Бог,Без Црквата, која нашиот Спасител, Господ Исус Христос, ја плати со Својата пречиста Крв – нема христијанство! Таа заедница на личности, обединети со верата во Бога, на луѓе што живеат во Него и со Него, е единствениот чувар и проповедник на Вистината. Таа е просторот каде што сите сме едно, без разлика на возраст, статус и народност, простор каде што цел за секого е светоста, односно растењето по мерата на Христа. А, Црквата е нашата учителка на патот кон Бога. Затоа, таа постојано ни укажува како треба да живееме или, пак, нè опоменува ако сме застраниле од вистината и од човечкото во нас, нудејќи ни го лекот на покајанието. Па, може ли некој да ја замолкне мајката која го поучува своето чедо кое греши? Може ли некој да ѝ забрани да се грижи за него и да го одвраќа од лошите навики и од патот што води во пропаст? Ниеден систем, ниедно уредување не може да ја спречи Црквата да ја спасува секоја човечка душа, почитувајќи ја нејзината слобода, која, преку божественото просветлување, треба да ја доведе до совршено познание на вистината. Затоа, и нашата мајка Православна Црква, постојано ни го покажува патот на спасението и нè води кон Изворот на животот. Тој пат ни најмалку не е лесен, туку е исполнет со постојани искушенија, со маки, со злоба и завист. Но, само со Христа можеме да ги преживееме и надживееме сите страдања под крстот на својот живот. И колку се поголеми страдањата во нас, толку, преку Христа, е поголема и нашата утеха. – Христос воскресна и Неговото воскресение е залогот на нашата победа над страдањата и злото во нас и околу нас!Возљубени духовни чеда, Нашиот македонски православен народ, верен на преданијата што ни ги оставиле светиот апостол Павле, светите рамноапостоли Кирил и Методиј, светите Климент и Наум – Охридските Чудотворци и сите од Бога прославени од нашиот род, достојно низ вековите го чествува овој Празник над празниците. Нашите постари, како ретко кој меѓу народите, вистински ја разбрале смислата на овој спасоносен ден, па затоа и го нарекле – Велигден, објаснувајќи ја суштината и големината на Денот над деновите. Во годината, пак, кога со достојна почит го одбележуваме споменот од блаженото упокојување на големиот духовник и подвижник свети Наум (910 – 2010), да се потсетиме на надвремените вредности што му биле идеал на нашиот Охридски Чудотворец, а кои продолжиле да бидат следени и од многубројни духовници и исповедници во изминатите столетија. Каква духовна големина и светост имаме во нашиот свети Наум, потврдува молитвената почит што му се оддава, не само на неговиот гроб и во неговото светилиште, туку и на сите континенти, до каде што е пренесена почитта кон него. Возљубени чеда на нашата мајка Македонска православна црква,Денес, но и во секој ден од нашиот живот, да ја прославуваме најголемата победа во историјата на човештвото, победата над смртта и гревот, да го славиме воскресението на нашиот Господ – кое е чудо над чудата. Да ја исповедаме и живееме својата православна вера и да ја сакаме и почитуваме својата Црква, која, како најнежна и најгрижлива мајка, нè повикува: Дојдете сите вие, браќа и сестри, кои се плашите од смртта и пристапете кон Христа воскреснатиот и воскресителот, и Тој ќе ве ослободи! Дојдете сите вие што живеете под срамот на своите тајни и јавни гревови, дојдете поблиску до живиот Извор, кој сè омива и очистува! Пристапете и сите вие кои барате здравје, сила, убавина и радост! Еве, воскреснатиот Христос е најбогатиот извор на сето тоа!Испраќајќи ви го нашиот архипастирски благослов, вам, возљубени чеда, овде во Татковината и насекаде до каде што нè има по светот, посакуваме, исполнети со светинаумова кротост, со воскресенска духовна радост и меѓусебна љубов и единство, да ги дочекаме и прославиме велигденските празнувања. Пред нас е воскреснатиот Спасител и во Него е нашата бесмртност. Стани ти што спиеш и воскресни од мртвите и Христос ќе те осветли, ни порачува светиот апостол Павле (Еф. 5, 14). Радоста на жените мироносоци, на апостолите и сите што се радуваа на празниот Христов гроб, нека биде и ваша радост. Амин!Христос воскресе! Архиепископ Охридски и Македонски† Стефанзаедно со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна цркваКирил – Митрополит Полошко – кумановскиПетар – Митрополит Преспанско – пелагониски и администратор Австралиско – новозеландскиТимотеј – Митрополит Дебарско – кичевскиНаум – Митрополит СтрумичкиАгатангел – Митрополит ПовардарскиМетодиј – Митрополит Американско – канадскиПимен – Митрополит ЕвропскиИларион – Митрополит БрегалничкиГоразд – поранешен Митрополит ЕвропскиКлимент – Епископ ХераклејскиНа Воскресение Христово – Велигден, 2010-то лето Господово
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

