Македонија
Новинарка на „Макфакс“ добитничка на награда за најдобра истражувачка сторија за 2010
Новинарката Кристина Озимец од новинската агенција „Макфакс“ ја доби третата награда за најдобра истражувачка сторија на 2010 година, која ја доделува Македонскиот институт за медиуми.
Новинарката Кристина Озимец од новинската агенција „Макфакс“ ја доби третата награда за најдобра истражувачка сторија на 2010 година, која ја доделува Македонскиот институт за медиуми.Наградата е доделена за серијата написи за изнудената членарина на студентите за Студентскиот парламент при УКИМ, објавени во новинската агенција Макфакс.Втората награда во изборот за најдобрата истражувачка сторија на 2010 година и беше доделена на Александра Филиповска за серијата написи за незаконските примања на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), објавени во дневниот весник „Дневник“.„И двете стории содржат оригинална истрага во која авторките дошле до сознанија кои поединци и институции сакале да ги чуваат подалеку од јавноста, а со кои се потврдуваат незаконски постапки, несоодветни и нелегални дејствувања. Консултирани се повеќе релевантни извори и сториите се анализирани од неколку агли. Темите што се обработени имаат пошироко значење и влијание врз заедницата и што е најважно, нивното објавување во медиумите предизвикало акција кај надлежните да преземат постапки со кои ќе се исправат грешките“, заклучија од независната Комисија за избор на најдобрата истражувачка сторија за 2010 година.Комисијата беше во состав: Јасмина Миронски, предавач на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и новинар на Франс-прес, Љубиша Николовски, уредник во А1 ТВ, Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија и новинар во дневниот весник „Вест“, Љупчо Зиков, директор и главен уредник на весникот „Капитал“ и Билјана Петковска, директор на Македонскиот институт за медиуми.Комисијата годинава одлучи да не ја додели првата награда, бидејќи според нив, ниту една од пријавените стории не ги исполнува критериумите за да биде прогласена за најдобра истражувачка сторија.На конкурсот што годинава по јубилеен десетти пат го објави МИМ, пристигнале 110 текстови и ТВ прилози од 37 автори.Со серијата текстови за „Студентската членарина“ по дваесет години неправедно принудно прибирање финансиски средства од студентите конечно се извојува една мала победа за нив. Студентската членарина за членство во студентските парламенти при факултетите (која се движи од 150 па до 300 денари во зависност од факултетот) со децении наназад беше сместувана како дел од документите потребни за упис на студентот, иако ова е нелегално. По сторијата на Макфакс, која ги отвори прашањата за тоа каде оделе овие пари сите овие години, зошто студентите не биле информирани дека не мора да ја плаќаат оваа уплатница и биле принудувани да плаќаат и да бидат членови на студентските парламенти кои всушност се невладини организации, таа и дефинитивно беше отстранета од документите за упис. Работата стигна и до Уставниот суд на Р. Македонија, по што Претседателот на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Иван Живковски изјави дека ќе се враќа неправедно уплатената членарина. Сите студенти кои поднесоа барање до својот матичен факултет, имаа можност да си ги вратат своите пари. Инаку доколку хипотетички се пресмета просек од 30.000 студенти кои уплаќале по 200 денари за членство во студентските парламенти, тогаш секоја година на нивна сметка студентите „донирале“ по најмалку 100.000 евра. /крај/макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: Нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 лица и околу 200 беа повредени продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт покрај тоа што судот им го испратил нив како бранители официјално да им го испрати и на обвинетите, оти како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откако не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска Илиевска побара оштетените да се изјаснат за оштетни побарувања. Но и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со мејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за оштетни побарувања.
Иако судијката Груевска Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостатокот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.
Македонија
Следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија од влажни воздушни бранови од денеска во вечерните часови следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позивитивни.

